Синиша Павиќ пред 35 години градејќи го ликот на Среќко Шојиќ во „Тесна кожа“ покажа дека е апсолутен визионер. Не само затоа што со хируршка прецизност го прикажа ликот на неспособни корумпирани моќници кои сè уште се сеприсутни во српското општество, туку и затоа што го предвиде актуелниот момент. Реченицата: „Германија се саплиќе, ал не цвета цвеќе и у наше предузеќе“ неверојатно прецизно опишува што не чека во 2024 година.
МАРКО СЕЛАКОВИЌ
Иако падот на европската економија може да се очекува да забави во годинава, многу предизвици ќе продолжат да ја прават европската економија, особено во споредба со азиските тигри, да изгледа како запоставена старица. Факт е дека Европа, иако сè уште значајна, повеќе не игра клучна улога во глобалните економски текови. Иако ова тврдење може да изгледа премногу грубо за еврофанатиците, бројките всушност тоа го поткрепуваат.
Во својата најнова прогноза, Европската унија проценува благ раст на БДП во 2024 година. Растот е проектиран на 1,3% (малку понизок, 1,2% во еврозоната), што е нешто подобро отколку во 2023 година, но сепак далеку зад растот на БДП на другите континенти, со исклучок на Северна Америка. Воедно, се предвидува дека на ниво на ЕУ ќе продолжи тенденцијата на буџетскиот дефицит, кој се проценува на 2,8% од вкупниот БДП за 2024 година. Кога на тоа ќе се додаде и веќе традиционално присутната инфлација, која ќе го продолжи својот надолен тренд, но сепак ќе биде присутна, јасно е дека Европа е далеку од развој.
Таквата ситуација е логична, имајќи ги предвид бројните неизвесности со кои се соочува Европа. Очигледно е дека воените операции во Украина ќе продолжат. Покрај кризата со снабдување, овој конфликт, со дополнителна компликација и неизвесност на конфликтот на Блискиот Исток, ќе предизвика дополнителни пресврти во енергетскиот сектор во Европа.
Ако цената на енергијата повторно порасне (без разлика дали поради војната во Украина или конфликтот во Газа), напорите направени за да се спречи инфлацијата многу веројатно ќе бидат залудни. Покрај тоа, конфликтите и неизвесноста го зголемуваат ризикот од инвестирање – затоа, парите стануваат поскапи. Кога веќе цитирам локална литература, мислам на Манулаќ од „Зона Замфиров“ и легендарната изјава: „сг се скапе паре, сг е оскудација“. Сосема е можно продолжувањето и продлабочувањето на конфликтите да доведат токму до оваа ситуација
Зборувајќи за инфлацијата: се очекува таа да биде релативно воздржана во 2024 година: Европската централна банка даде прогноза за просечна стапка на инфлација во еврозоната од 3,2%, што е значително подобро од претходната година. Сепак, оваа прогноза треба да се земе со резерва, бидејќи се заснова на актуелните трендови и не ги зема предвид ризиците кои се веќе опишани.
Инфлацијата и натаму е значително повисока од растот на БДП, што во пракса значи дека може да се очекува дополнително слабеење на куповната моќ на граѓаните. Дополнително, во последните месеци се шири трендот на „скришум инфлација“ – појава во која нема директни поскапувања, туку се внесуваат нови елементи кои се наплаќаат, пред се во услужниот сектор. На пример, ако порано добивавте бесплатен кечап или кромид со плескавицата во ресторан за брза храна, многу е веројатно дека многу места ќе почнат да ги наплаќаат овие додатоци.
Трендот е веќе забележлив надвор од рестораните за брза храна: на пример, некои авиокомпании почнаа да наплаќаат дополнително за пријавување на летот. Според тоа, невидливата инфлација претставува воведување на нови, скриени трошоци, без зголемување на цената на основниот производ или услуга. Очекувам дека ќе заживее во Европа, бидејќи невидливата инфлација крие начин компаниите да остварат профит, а притоа да биде во согласност со првенствено рестриктивните и конзервативни национални и континентални економски политики. Секако, трошокот за оваа гимнастика се пренесува на крајните корисници – граѓаните.
(авторот е раководител на Канеларијата на Стопанската комора на Србија за Блискиот Исток)