Најпрвин од Атина стигнаа сигнали за силна поддршка, потоа во Скопје пристигна високиот комесар Шарл Мишел, но ВМРО ДПМНЕ се држи до хипотеката на Груевски како слеп за стап додека ДУИ како да го следи „интермакедонскиот спор“ со чудно спокојство!
РЕДАКЦИЈА ГЛОБУС
Се надеваме дека и Франција е расположена да направи чекори кои ќе одведат до подобар резултат на следниот Европски совет во март, рече неодамна портпарол на грчката влада Стелиос Пецас, во однос на ЕУ перспективата на Западен Балкан, со оглед на тоа дека проширувањето беше најавен како една од темите на средбата на грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис со францускиот претсетадател Емануел Макрон во Париз.
На редовниот брифинг со новинарите, одговарајќи на прашањето на дописничката на МИА од Атина, дали Мицотакис ќе се обиде да го убеди Макрон да го промени ставот за Северна Македонија и Албанија, земајќи ги предвид француските позиции од една и грчките иницијативи за поддршка од друга страна, Пецас рече дека Мицотакис ќе ја презентира грчката позиција и изрази надеж дека Париз ќе направи чекори кон подобар резултат на следниот Самит во март.
– Мислам дека е уште една можност да ја покаже волјата на Грција, координирано да одиме напред со проширувањето со земјите од Западен Балкан, бидејќи ова е во интерес и на овие земји, но и на самите земји. Ќе ја презентираме оваа рамка и се надеваме дека и од она што го видовме во претходниот период, оти и Франција е расположена да направи чекори кои ќе одведат до подобар резултат на следниот Европски совет во март, рече Пецас.
Грчкиот премиер замина за Париз а ден потоа имаше работна вечера со претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел. Веднаш потоа, како во некоја домино игра претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел дојде во дводневна посета на Скопје и тоа само неколку дена по посетата на еврокомесарот за проширување Вархеји. Аналитичарите велат дека интересот на ЕУ за Западен Балкан е очигледен, но оти и земјава треба да го задржи своето досие чисто. На средбите со претставниците на државниот врв, но и со опозицијата, разговараше за новата методологија на преговарање, како и за текот на реформскиот процес во земјава.
Скопје својата посветеност кон реформите и евроатланската ориентација треба да ја покаже преку донесување на законот за Јавното Обвинителство, кој пак веќе подолг временски период не може да се донесе поради недоразбирањата меѓу власта и опозицијата, беше неговата порака.
Пред очите на гостите партиите меѓусебно се обвинуваа дека другата страна не сака да го изгласа законот за да си го сокрие криминалот во своите редови. За власта, ВМРО-ДПМНЕ бега од истрагите на СЈО, за опозицијата пак, власта бега од квалитетна институција која нема да замижува пред криминалот. Најголем дел од предметите на СЈО се однесуваа на поранешното раководство на ВМРО-ДПМНЕ, а меѓу обвинетите има и актуелни пратеници од партијата. За усвојување на законот е потребно двотретинско мнозинство.
Претседателот на СДСМ, Зоран Заев, повеќе пати ги повика ВМРО-ДПМНЕ да се надминат себе си и да го прифатат законското решение за јавно обвинителство кое треба да биде донесено во Собранието. Тој рече дека се повеќе се нагласува потребата од носење на овој закон од страна на претставници на Европската унија, а се поврзува и со отпочнување на преговорите.
„За сите актуелни случаи и предмети, вклучително и оние на СЈО, мора да се гарантира професионална и ефикасна разрешница. Незаконие и криминал мора да бидат соодветно третирани и професионално разоткривани, односно казнувани. Тоа е можно со обвинителство ослободено од политиката“, рече Заев.
Аналитичарите велат дека наш главен предизвик во однос на евроинтеграциите сега е да се задржи мотивацијата за да се спроведат потребните реформи до крај, од аспект на тоа дека тие се прават за доброто на граѓаните, а не заради Европската Унија.
Земјава е во статус-кво ситуација, а неспорен факт е дека секој изборен циклус ја поместува реформската агенда од зацртаниот пат, вели извршната директорка на Институтот за европска политика, Симонида Кацарска за Радио Слободна Европа. Но, според неа, посебно треба да се внимава на пораките кои ги адресираше Мишел.
„Само новиот претседател на ЕС, односно Мишел не беше потписник на писмото за поддршка на отворање преговори за Северна Македонија и Албанија, кое летово го потпишаа сите останати лица кои беа на раководни позиции во Европската Унија. Посебно интересно е тоа што тој е Французин и од тој аспект ќе бидат интересни неговите пораки до јавноста. Но, од наша страна, сега е најважно да го држиме нашето досие чисто. Очекувано е дека законот за јавно обвинителство е дополнителен проблем и за него нема консензус кога тој самиот стана услов за нашите преговори“, вели Кацарска.
Посетите на високи европски претставници во земјава покажуваат дека интересот на ЕУ за регионот на Западен Балкан е се уште присутен, оценува стручната јавност.
Политичкиот аналитичар Алберт Муслиу вели пораките на европските претставници треба да се сфатат како „ветер во грб“ за реформите кои треба да се завршат до крај.
„Јас не гледам дека Владата го губи ентузијазмот во однос на европските интеграции и добивањето на датумот. Прво поради посветеноста кон тоа прашање и второ затоа што тоа сигурно би играло голема улога на наредните избори. Јас не сум песимист дека законот за јавното обвинителство нема да се донесе и дури мислам дека ако се донесе може да се надеваме на пријатни вести за државата во наредните месеци“, категоричен е Муслиу.
Пораки за поддршка за европската перспектива на западен Балкан
За време на неодамнешната посета на Скопје, еврокомесарот за соседска политика и преговори за проширување Оливер Вархеји ја потврди европската перспектива за Западен Балкан и најави дека повторно ќе биде побаран почеток на преговори за Северна Македонија, за што ќе одлучува Советот во март. Вархеји, исто така, потенцираше дека добар сигнал за Европската Унија ќе биде и доколку законот за Јавно обвинителство биде донесен пред распуштањето на Собранието во февруари.
Во меѓувреме и претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен деновиве изјави дека следните шест месеци ќе бидат клучни за односите меѓу ЕУ и Западен Балкан и најави дека ЕК за неколку недели ќе излезе со новата методологија за проширување. Во текот на претставувањето на хрватското претседателство со Унијата во Европскиот парламент во Стразбур, Фон дер Лајен ја повика ЕУ да го одржи моментумот кога станува збор за Западен Балкан.
Хрватска го презеде ротирачкото претседателство со ЕУ на први јануари 2020 година. Еден од приоритетите на Загреб е проширувањето на унијата кон земјите од Западен Балкан, а со тоа и давање на јасна перспектива за преговорите за зачленување на Северна Македонија и Албанија. Пленковиќ изјави дека хрватското претседавање со Европската унија низ мајскиот самит во Загреб ќе им даде на земјите од Западен Балкан јасна европска преспектива, јасна временска рамка, но и методологија на идните преговори за членство во Унијa.
Дали оваа меѓународна кавалкада низ земјава и делумно и надвор од границите може да влијае врз очевидниот отпор кон носење на Законот за ЈО, што несомнено својот епицентар го има во Будимпешта, одново надвор од Северна Македонија, во јазбината каде под покровителство на унгарскиот безбедносен корпус се крие експремиерот Груевски?
Се повторува ли ситуацијата од времето кога требаше да се усвојат уставните промени во нашиот Парламент и кога со помош на егзилот од матицата на осуммина пратници на ВМРО ДПМНЕ таа приказна беше успешна, за малку, во последен миг!? Има ли сила заменичката на Бејли да им ја заврти раката на оние кои дадоа мнозинство а тие сега демек се думаат, кога и во некои други партии има можност од саботери? Во нејзиниот неодамнешен говор (порака) јасно е назначено дека се работи за проект во кој е многу вложено и дека е преамбициозно од страна на оние што седат во Палачинката и чекаат на сигнали од Унгарија да се спротивстават на истиот.
Во емисијата на Васко Ефтов „Во Центар“ водителот во средата рече дека Предлог законот за ЈО ќе мине бидејќи тој ја сватил пораката на американската амбасадорка. Неговата соговорничка, опозиционерката без портфељ Солза Грчева, по малку гледајќи во земјата рече само „да“. И обајцата се жестоки противници на нашето приближување кон НАТО и ЕУ и се залагаат за пад на коалиционата влада на СДСМ со другите провладини партии.
Дали ова го сватија другите? Засега, во сабота навечер, кога истече еден од „последните рокови“ за чекање на спогодба, односно на добра волја на Мицковски и камарилата, оваа ситуацицја на добра волја се уште ја немаме.