Германија и Франција беа и се мотор на развојот во Европа. Но Ангела Меркел би можела да има проблеми да го следи темпото на Емануел Макрон
ЈЕНС ТУРАУ
Вообичаениот взаемен бакнеж во образот овојпат се случи на градилиште: Хумболт- форумот во срцето на Берлин. Колку соодветно! Во моментов се гради многу, како во Германија така и во Франција. Во Франција, меѓутоа со побрзо темпо.
Двајца различни партнери: од една страна, Ангела Меркел, која можеби сѐ уште го нема завршено нејзиното политичко животно дело, но по 12 години на власт сепак се наоѓа непосредно пред целта. Повеќе или помалку. Од друга страна, Емануел Макрон, кој штотуку започна, е полн со елан и сака во Европа, пред сѐ, една работа: поголема солидарност на богатата Германија со помалку добростоечките држави во еврозоната. Исто така и со Франција.
Меркел сака и натаму да го одредува тактот
Ангела Меркел од 2005 година ја водеше својата партија низ политичкиот центар, затвори нуклеарни централи, ја укина воената обврска. Со својата либерална политика за бегалците, таа речиси предизвика раскол во Европа и наметна цврста програма за штедење на земјите во реформи. Секогаш одново, таа укажуваше дека градилиштето Европа е главната причина за да продолжи на канцеларската функција уште четири години. Таа не би сакала да го остави зад себе континентот толку поделен. И таа сака да ги одредува тонот и тактот. Како што впрочем беше навикната подолго време.
Проблемот е во тоа што Макрон има конкретна идеја за поинаква Европа, а Меркел нема. И таа тешко можеше да се пробие. Грубо кажано – Макрон сака еден вид на државно финансиско изедначување за земјите од еврозоната, како и да биде организирано. Против неговите планови има отворен отпор во партијата на Меркел – Христијанско-демократската унија (ЦДУ), па дури и од страна на германскиот министер за финансии од редовите на Социјалдемократската партија (СПД), кој сака да го брани наследството на својот претходник – комесарот за штедење Волфганг Шојбле.
А канцеларката ги познава своите луѓе: Европа во последно време постојано беше тешка тема во ЦДУ и сестринската Христијанско-социјална унија (ЦСУ). Ангела Меркел секогаш беше поподготвена за тешките теми во Европа од нејзината партија. Во 2015 година, при гласањето во Бундестагот за пакетот помош за Грција, 63 демохристијани откажаа верност. Денес, еден таков резултат на парламентарното гласење, би значел крај за владината коалиција. Искусната канцеларка не би сакала уште еднаш да се најде во една таква ситуација. И во опозицијата, постојат две партии критички настроени кон ЕУ. Либералите (ФДП) и Алтернатива за Германија (АФД), исто така вршат притисок врз Меркел.
Така акцентот се помести: Меркел, имено, мора да сфати дека нејзината моќ се намалува, кога станува збор за соработката со Франција за Европа. Мнозинство за навистина прогресивната, нова европска политика „а ла Макрон“ не може да се најде ниту во Бундестагот ниту во германското општество, кое е сѐ поскептично во однос на ЕУ. Макрон врши притисок и веќе долго чека – помалку или повеќе трпеливо, на реакција од Берлин за своите идеи за Европа. Но, Меркел долго време беше зафатена со мачното формирање на владата.
Што и да се случи во блиска иднина во ЕУ, може да се создаде впечаток дека Макрон е новиот лидер и Меркел го следи или мора да го следи или пак да одбие го стори тоа. Иднината на Европа ѝ лежи на срцето на Меркел, и таа мора да е огорчена што сега е дефинитивно помалку способна да дејствува од кога било досега. Но, можеби, се одмаздува и тоа што канцеларката не успеа еднаш и засекогаш да ги објасни своите планови за Европа – впрочем како и за сите други теми. Можеби сега е предоцна.
„Важно е да се води критичка дебата за тоа што значи Европа.“ Во говорот пред Европарламентот, во фокусот на Макрон не беше ништо помалку од „иднината на Европа”. Тој на 17 април во Стразбур зборуваше за своите реформски планови за Европската Унија и за еврозоната. Неделава тој сака да отпатува за Берлин. Таму, за неговите идеи веќе жестоко се дебатира.
Тоа не беше секогаш случај. Кратко по изборот на младиот претседател, европската волја за реформи на Макрон беше еуфорично поздравена во Берлин. Неколку месеци подоцна, германските парламентарни избори ја однесоа во Бундестагот десничарско-популистичката Алтернатива за Германија (АфД), која првобитно беше основана како антиевропска партија. Потоа следуваше најдолгиот процес на формирање владина коалиција во историјата на Сојузна Република Германија, време кое Макрон, всушност, сакаше да го искористи за развој на заедничка стратегија со Меркел за неговиот план за реформи.
Но, Меркел има и други причини за воздржаност. Идеите на Макрон се движат од трансформација на монетарната унија, вклучувајќи и сопствен буџет за еврозоната и евро-министер за финансии, до создавање на Европски монетарен фонд и сопствено осигурување на депозитите за банкарската унија.
Дури и голема поддржувачка на ЕУ како Меркел има свои сомнежи, но само внимателно ги изразува. Други политичари на Христијанско-демократската и на Христијанско-социјалната унија се појасни во однос на тоа. Пред сѐ, предлози на Французинот за финансиската политика наидуваат на отпор кај политичарите од Унијата.
„Најнапред треба да се провери дали предлозите на претседателот Макрон се во интерес и на Германија“, изјави Јоахим Фајфер, политичар задолжен за економски прашања во ЦДУ. И Александер Добринт од ЦСУ ја отфрла идејата за министер за финансии на ЕУ.
Но, во партијата на Меркел има и поддржувачи на Макрон. „Наше најдлабоко уверување е дека нема конфликт меѓу интересите на нашите граѓани и редефинирањето на Европската унија“, истакна политичарот на ЦДУ задолжен за надворешната политика, Норберт Ретген во интервју за Дојче веле. Унијата, според Ретген, нема да ѝ го ограничува маневарскиот простор на Меркел за преговори со Макрон. Но, изгледа дека ЦДУ и ЦДУ само делумно ѝ веруваат на својата канцеларка. Така, демохристијаните инсистираат пред сѐ за одлуките за финансиската политика да биде задржано правото на соодлучување на Бундестагот.
Неподготвеноста во Унијата предизвикува незадоволство кај коалициониот партнер – Социјалдемократската партија (СПД). Лидерката на пратеничката група на СПД во Бундестагот, Андреа Налес потсетува дека договорот за владина коалиција е насловен со „Нов почеток за Европа”. „Живееме во време кога ни треба повеќе Европа, а не помалку Европа”, изјави германскиот министер за надворешни работи Хајко Мас во Берлин. „Се разбира, никој нема да ја отфрли испружената рака на Макрон, но ќе разговараме за содржината на поединечните предлози”, рече политичарот на СПД. Мас знае дека скептици за идеите на Макрон има и во редовите на неговата партија. Министерот за финансии Олаф Шолц од СПД досега беше неверојатно воздржан во врска со предложените финансиски реформи на Макрон. Тој се смета за наследник на Волфганг Шојбле, кој ја следи конзервативната линија во европските финансиски прашања на својот претходник на функцијата од редовите ЦДУ.
Поделеноста во рамките на владината коалиција за плановите на Макрон за Европа ги налути опозициските Зелени. „Апелирам до канцеларката и претседателите на пратеничките групи на СПД и на Унијата да формулираат јасни и конкретни ветувања за Макрон неделава”, истакна претседателот на пратеничката група на партијата на Зелените, Антон Хофрајтер. „Историскиот проект Европа не смее да пропадне поради националниот егоизам и теснопартиските интереси на оваа влада”.
Без германска поддршка Макрон не може да напредува со својот проект. Шефот на Европската Комисија, Жан-Клод Јункер, го предупреди Макрон по неговиот говор во Стразбур: „Да не заборавиме дека Европа не е само германско-француска”. Критичките гласови за плановите за реформи стигнуваат и од левиот и од десниот политички спектар во Брисел. Францускиот претседател исто така е под притисок и во татковината. Впрочем, тој настапи како визионер за Европа со својата партија “La République en Marche” (Република во движење). На европските избори наредната пролет, тој сака да покаже резултати.
И Меркел? Таа со нетрпение ја очекува утрешната посета на Макрон во Берлин, на која и двајцата сакаат да разговараат за реформите. „До јуни ќе најдеме заеднички решенија со Франција“, самоуверено рече канцеларката. Со предлозите за одбранбена политика Германија сака да даде сопствен придонес и не може да стане збор за некакво поставување кочници. „Затоа не се плашам дека нема да можеме да составиме силен реформски пакет”, уверува Меркел.