Глобус-Неделен весник

  • Македонија
  • Свет
  • Ревија
  • Архива
  • Контакт
  • Фељтон
  • Колумни

ЕВРОПСКАТА ИНВЕСТИЦИОНА БАНКА ЈА ПОДРЖУВА НАШАТА ЗЕЛЕНА ТРАНЗИЦИЈА

May 31, 2022 Filed Under: Македонија

Отворањето на претставништвото на ЕИБ во Скопје е согласно политиката на ЕИБ за воспоставување присуство во повеќе земји надвор од ЕУ

СТАРТ Високите гости ја иозваничија новата канцеларија на ЕИБ

Европската инвестициска банка (ЕИБ), банката на Европската Унија, во понеделникот официјално го инаугурираше своето претставништво во Скопје во склоп на просториите на Делегацијата на Европската Унија во Република Северна Македонија. Со овој чекор, банката на ЕУ ја потврдува својата поддршка за одржлив раст и зелена транзиција на земјата. Новото назначено локално присуство ќе ја засили техничката и финансиската поддршка за приватните и јавните инвестиции во земјата.

Отворањето на претставништвото на ЕИБ во Скопје е согласно политиката на ЕИБ за воспоставување присуство во повеќе земји надвор од ЕУ. Ова достигнување ќе ѝ помогне на банката на ЕУ подобро да ги разбере регионалните потреби за финансирање, да идентификува повеќе нови проекти и да воспостави потесни врски со државните органи и други акционери. До денес, воспоставените канцеларии на ЕИБ во 23 земји-членки на ЕУ и во 30 земји надвор од ЕУ го унапредуваат дијалогот за бизнис и политика. На церемонијата за отворање, на премиерот на Северна Македонија, Димитар Ковачевски и потпретседателката на ЕИБ Лилјана Павлова им се придружија министерот за финансии Фатмир Бесими, шефот на делегацијата на ЕУ во Северна Македонија, амбасадорот Дејвид Гир и други високи претставници на бизнис и банкарската заедница и меѓународни финансиски партнери.

„Отворањето на претставништвото на ЕИБ во Северна Македонија е јасен сигнал за нашата длабока посветеност на просперитетот на земјата, како и на нејзината интеграција во регионот и во ЕУ. Проширувањето на нашиот досег во земјата доаѓа во вистинско време, кога сите се соочуваме со сложени климатски, енергетски и социјални предизвици коишто бараат нов пристап и модел на партнерство под водството на Тимот Европа. Како докажан и доверлив партнер за земјата, нашата нова канцеларија ќе ѝ помогне на ЕИБ да ја зголеми својата поддршка за енергетската транзиција, заштитата на животната средина, одржливиот транспорт, локалниот економски развој и приватниот сектор. Тоа ќе ја поттикне нашата соработка со Европската комисија и локалните партнери за обезбедување уште понасочена поддршка за клучните проекти под Економскиот и инвестициски план и иницијативата Глобална порта на Комисијата“, кажа Лилјана Павлова, потпретседателката на ЕИБ.

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија Димитар Ковачевски денеска присуствуваше и се обрати на церемонија по повод отворањето на претставништво на Европската инвестициска банка во нашата држава. На церемонијата присуствуваа вицепремиерот задолжен за економски прашања, координација на економските ресори и инвестиции Фатмир Битиќи, министерот за финансии Фатмир Бесими, потпретседателката на Европската инвестициска банка Лилјана Павлова и Девијд Гир, амбасадор на ЕУ.

ДИМИТАР КОВАЧЕВСКИ Сметам дека овој чин е силна порака и признание од Европската инвестициска банка за нас

Во продолжение е интегралното обраќање на премиерот Ковачевски:

„Сметам дека овој чин е силна порака и признание од Европската инвестициска банка за Република Северна Македонија и нашите заложби во врвот на своите приоритети да ги ставиме енергетската транзиција, заштитата на животната средина, одржливиот транспорт, локалниот економски развој и приватниот сектор.

Изминатиот период сме силно фокусирани на создавање на енергетска независност на земјата, подобрување на инфраструктурата за подобро и побрзо движење и поддршка на компаниите кои се моторот на економскиот раст на Република Северна Македонија.
Како добро воспоставен и доверлив партнер за земјата, сега со непосредното присуство со канцеларијата на Европската банка во главниот град на нашата земја, ќе се воспостави директна комуникација со Европската Комисија во реализацијата на клучните проекти кои се остваруваат со финансиската поддршка на банката на Европската Унија.

Претставништвото на Европската инвестициска банка во Скопје има за цел да ги забрза и новите иницијативи и ќе ја подобри идентификацијата, подготовката, обезбедувањето финансирање и извршувањето на проектите според најдобрите практики.

Европската инвестициска банка е активна во Северна Македонија од нејзиното основање во 1991 година. Преку оваа банка се обезбедени финансии за поддршка на клучни инфраструктурни проекти, за развој на локални заедници, како и за поддршка на малите и средни претпријатија.

Во овој период Европската инвестициска банка обезбеди 1 милијарда евра за поддршка на социо-економскиот развој во процесот на пристапување нашата земја во ЕУ преку финансирање на мали и средни претпријатија, на транспортни, енергетски и на комунални инфраструктурни проекти.

Во моментот преку Европската инвестициска банка, а со буџет од 246,9 милиони евра наменет за кофинансирање на проектите од јавниот сектор, тековно се спроведуваат проектот за водоснабдување и одведување отпадни води во општините во Република Северна Македонија, проектот за финансирање на мали и средни претпријатија и средно пазарно капитализирани претпријатија, проектот „Интерконектор за пренос на природен гас Грција – Северна Македонија, дел на Северна Македонија” и проект за Пречистителна станица за отпадни води Скопје.

ЛИЛЈАНА ПАВЛОВА Ова е јасен сигнал за нашата длабока посветеност на просперитетот на земјата, како и на нејзината интеграција

Од проектите кои се во завршна фаза на подготовка ќе го издвојам проектот Рехабилитација на источниот дел од железничката пруга на Коридор 8, односно третата делница од Крива Паланка – Деве Баир до границата со Бугарија вреден 412,3 милиони евра.

Особено важна е поддршката на Европската инвестициона банка и за малите и средни претпријатија, кои се 99% од сите активни деловни субјекти и имаат голема улога во економскиот раст на земјата.

Во овој контекст, станува многу јасно колку е значајно што Европската инвестициската банка останува со силната поддршка на нашата земја и во претстојниот период.

Отворањето на претставништвото на Европската инвестициска банка во нашата земја е силно охрабрувањето за сите наши планови за одржување и раст на нашата економија.

Уште еднаш упатувам честитки и верувам во уште поблиска и интензивна соработка“, рече премиерот Ковачевски.

Министерот за финансии на Северна Македонија, Фатмир Бесими истакна дека отворањето на канцеларијата на ЕИБ е доказ за теснатa соработка меѓу ЕУ и Република Северна Македонија во процесот на пристапување во ЕУ.

„Источниот дел од железничкиот Коридор VIII, последната делница Крива Паланка – Граница со Бугарија;  проектот „Интерконектор за пренос на природен гас Грција – Северна Македонија, дел на Северна Македонија”, врз основа на кој веќе ги потпишавме потребните правни документи со ЕИБ, како и продолжувањето на финансиската поддршка со цел финансирање на малите и средни претпријатија со нова кредитна линија, се само еден дел од проектите што ќе се реализираат со поддршка од Европската инвестициска банка. Искрено ја цениме одлуката на ЕИБ да отвори канцеларија во Скопје, на тој начин поддржувајќи ја Владата во унапредување на имплементацијата на Економскиот инвестициски план.”, истакна Министерот за Финансии Фатмир Бесими.

Шефот на делегацијата на ЕУ во Северна Македонија, Дејвид Гир, изјави: „Отварањето на новата канцеларија на ЕИБ во Скопје дава одлична можност за зајакнување на нашата поддршка за Северна Македонија. Преку заедничка работа на терен како Тим Европа – ЕУ, земјите-членки на ЕУ и ЕИБ како наша најзначајна финансиска институција – може да продолжат да дадат вистински придонес за земјата, зајакнувајќи ја економијата, создавајќи работни места и реални промени во животот на граѓаните.“

Како долгогодишен партнер на Северна Македонија, од почетокот на нашето работење во земјата во 1977 година, ЕИБ инвестираше 1,1 милијарди евра поддржувајќи го развојот на виталната инфраструктура и малите и средни претпријатија (МСП). Од 2009 година, ЕИБ обезбеди 635 милиони евра за малите и средните претпријатија и средните компании во Северна Македонија, притоа одржувајќи речиси 100 000 работни места. Во истиот период, Банката на ЕУ намени преку 277 милиони евра за изградба на модерна транспортна мрежа во Северна Македонија, придонесувајќи за безбедноста на патиштата, намаленото време на патување и регионалната кохезија. Во инфраструктурата за вода и отпадни води, ЕИБ досега инвестираше 128 милиони евра, што помогна во подобрувањето на пристапот до вода за пиење и санитарни услуги за луѓето во Северна Македонија, истовремено намалувајќи го и загадувањето на водата. ЕИБ ја финансира изградбата на постројката за отпадни води во Скопје, најголемиот проект за животна средина.

 

Filed Under: Македонија

СТЕВО ПЕНДАРОВСКИ: ОДИМЕ КОН ДРЖАВИ КОИ НЕ СЕ ДЕМОКРАТСКИ
ДИРЕКТОРОТ НА ФЗО СМЕТА ДЕКА НИЕ БАРАМЕ ЗДРАВСТВО КАКО ДА ИМАМЕ ШВЕДСКИ БУЏЕТ – ЗНАЧИ ЛИ ТОА ПОКАЖУВАЊЕ НА ПРИДОНЕСОТ ЗА ЗДРАВСТВО?
ДАЛИ МИЦКОСКИ СЕ СОГЛАСУВА СО ОРБАН ДЕКА БРИСЕЛ Е НЕПРИЈАТЕЛ?
(НE)ОЧЕКУВАНО СЦЕНАРИО
ПСИХОЛОГИЈАТА И ВОСПИТУВАЊЕТО НА ДЕЦАТА: КАКО ДА БИДЕТЕ ВИСОКО ЧУВСТВИТЕЛЕН РОДИТЕЛ

Најново

  • СТЕВО ПЕНДАРОВСКИ: ОДИМЕ КОН ДРЖАВИ КОИ НЕ СЕ ДЕМОКРАТСКИ
  • ДИРЕКТОРОТ НА ФЗО СМЕТА ДЕКА НИЕ БАРАМЕ ЗДРАВСТВО КАКО ДА ИМАМЕ ШВЕДСКИ БУЏЕТ – ЗНАЧИ ЛИ ТОА ПОКАЖУВАЊЕ НА ПРИДОНЕСОТ ЗА ЗДРАВСТВО?
  • ДАЛИ МИЦКОСКИ СЕ СОГЛАСУВА СО ОРБАН ДЕКА БРИСЕЛ Е НЕПРИЈАТЕЛ?

Импресум

Издавач - Здружение за нови политики и слобода на медиуми "Јавност" - Скопје,

Партизански одреди 23/1/3 Скопје

globus@globusmagazin.com.mk

Барај

Сите права задржани© 2025 · ГЛОБУС · Log in

Developed by Unet