Што покажуваат истражувањата на овој синдром во Германија и на Универзитетот Лестер во Британија?
Таа е млада, здрава, без никакви болести. Добива лесна форма на Ковид-19 и брзо се опоравува. Но, пет месеци подоцна, 25-годишната Германка паѓа во тешка здравствена криза. Дијагноза: пост-Ковид синдром.
Ребека има 25 години: млада и здрава жена без никакви болести. Кога се зарази со коронавирус во април минатата година, таа успеа брзо да се справи со болеста. Само две недели подоцна, младата жена, која е социјален педагог по професија и работи во сиропиталиште, се враќа на работа. „Не можев без своите деца“, вели таа.
КАЧУВАЊЕ ПО СКАЛИ Но, пет месеци подоцна, сè се смени: Ребека почнува да се задишува додека се качува по скали, се чувствува многу исцрпено и има потешкотии во концентрацијата. Матичниот лекар ја испраќа да посети пулмолог, кардиолог и невролог. Дополнителните анализи укажуваат дека Ребека има воспаление на срцевиот мускул. Покрај тоа, нејзиното лево белодробно крило сè уште е сериозно погодено од болеста.
„Никогаш не верував дека млада и физички активна личност како мене може да страда толку тешко од овој вирус“, вели 25-годишната девојка. Денес, Ребека знае дека страда од т.н. пост-Ковид синдром. Така научниците во Германија ги нарекуваат симптомите кои остануваат или се појавуваат и три месеци по заболувањето. Во британското говорно подрачје синдромот се нарекува „долг-Ковид“.
„Кај некои пациенти проблемите се јавуваат и до шест месеци по заболувањето, а проблемите понекогаш се толку тешки што мора да бидат хоспитализирани“, вели Ремберт Кочула, пулмолог на специјалната Клиниката за рехабилитација на Ковид- пациенти. Типични симптоми на пост-Ковид синдромот се хроничен замор, проблеми со срцето и концентрацијата, отежнато дишење и кашлица. Истражувачите наведуваат и студија од кинескиот град Вухан, која покажала дека три четвртини од пациентите имале проблеми и шест месеци откако биле отпуштени од болница. Дополнително, многу пост- Ковид пациенти страдаат и од психички проблеми- некои од нив честопати се срамат и се обвинуваат себе си доколку несвесно заразиле некој друг во својата околина.
ЗАСЕГНАТИТЕ ЧЕСТО НЕ СЕ СВЕСНИ ЗА СИНДРОМОТ Не е познато колку луѓе во Германија кои страдале од Ковид-19 го развиле пост-Ковид синдромот. Една од причините за ова е што доцните ефекти на болеста не се регистрираат од институтот Роберт Кох, а сите преживеани се сметаат за излекувани. Друга причина е што многу од засегнатите дури и не знаат дека страдаат од пост-Ковид синдром.
За време на првиот бран минатата пролет, лекарите се фокусираа главно на проблемите со белите дробови. „Денес, сепак, знаеме дека ни треба поширока дијагноза”, вели пулмологот Ремберт Кочула. Бидејќи болеста може да влијае и на срцето, бубрезите, мозокот и крвните садови.
Во прв ред хроничниот замор е еден од најчестите симптоми. Кочула им порачува на матичните лекари да ги испраќаат пациентите кај соодветниот специјалист.
„Да се излечите не мора да значи дека сте и оздравени“, предупредува доктор Јордис Фромхолд од Клиниката за медицина во Хајлигендам. Според д-р Фромхолд, до 50 проценти од пациентите во клиниките подоцна развиваат пост-Ковид синдром.Во Германија веќе се појавија т.н. Ковид- амбуланти, во кои лекари- специјалисти прегледуваат пациенти со такви симптоми и, доколку е потребно, ги упатуваат на соодветно лекување. Такви центри веќе постојат во градовите Кил, Хамбург, Хановер, Јена и Минхен.
ШОКАНТНО ИСТРАЖУВАЊЕ: Жените имаат најголем ризик за постковид синдром- тешки и трајни последици и по пет месеци по заболувањето! Или – жените се поподлежни на долгорочни симптоми на ковид за разлика од мажите
Последните истражувања на Ројтерс покажаа дека жените во 40-тите и 50-тите години се повеќе изложени на ризик од долгорочни проблеми откако страдале од Ковид-19, со низа симптоми кои можат да траат неколку месеци, како што се замор, отежнато дишење и депресија.
Оваа студија, во која учествувале 327 пациенти, открива дека жените под 50-годишна возраст имаат двапати поголема веројатност да појават замор, а седум пати поголема веројатност да појават отежнато дишење и проблеми со меморијата, подвижноста и комуникацијата.
Едно истражување открило дека дури и по пет месеци од напуштањето на болницата, пациентите кои успеале да го победат ковидот, (средовечни бели жени) со други здравствени проблеми како што се дијабетес, белодробни или срцеви заболувања, имаат поголема веројатност да појават долгорочни симптоми на коронавирус.
„Нашето истражување покажа дека оние со најтешки долгорочни симптоми се обично бели жени на возраст од 40 до 60 години кои имаат најмалку две истовремени заболувања“, рече Крис Брајтлинг, професор по респираторна медицина на Универзитетот во Лестер, кој е коавтор на студиите.
ДЛАБОКИ ПОСЛЕДИЦИ ОД КОВИДОТ Друга студија предводена од Меѓународниот конзорциум за сериозни акутни респираторни и нови инфекции покажа дека жените под 50-годишна возраст имаат поголема веројатност да појават долгорочни симптоми отколку мажите и постарите учесници во студијата, дури и ако немале претходни здравствени проблеми.
„Станува сè појасно дека Ковид-19 остава длабоки последици врз оние кои го прележале. Откривме дека помладите жени имаат поголема веројатност да имаат полош долгорочен исход”, изјави коавторот на студијата Том Дрејк, соработник за истражување во универзитетот во Единбург.
Второто истражување спроведено од истиот тим, анализирало 1.077 пациенти мажи и жени кои биле отпуштени од британските болници во периодот помеѓу март и ноември 2020 година откако биле подложени на Ковид-19.
Повеќето пациенти пријавиле повеќекратни постојани симптоми дури и по 5 месеци, а најчести биле болки во мускулите и зглобовите, замор и слабост, отежнато дишење и мозочна магла.
Повеќе од една четвртина имаа како што лекарите ги нарекуваат „клинички значајни симптоми на анксиозност и депресија“ по пет месеци, а 12 проценти имаа симптоми на посттрауматско стресно нарушување.
Луиза Вејн, специјалист за респираторни заболувања на Универзитетот во Лестер, вели дека разликите во машки и женски имунолошки одговори „може да објаснат зошто постковидниот синдром се чини дека е почест кај жените.
(Користени истражувања на Дојче Веле и Ројтерс)