КАТЕРИНА ТОПАЛОВА
Еден од основните принципи на европската демократија е заштитата и унапредувањето на правата на малцинствата. Нешто што е мисловна именка за Бугарија! А мисијата на Јотова се чини дека целосно го занемарува овој принцип… Од европските демократии се очекува да ги поддржат правата на малцинските групи, дозволувајќи им да го изразат својот културен идентитет и да направат свој избор во врска со самоопределувањето. Обидите да се принудат или манипулираат малцинските групи да прифатат поинаков идентитет, стојат во целосна спротивност со овие демократски идеали и испраќа вознемирувачка порака за посветеноста на некои европски држави кон принципите на соработка и интеграција.
Скорешната посета на бугарската потпретседателка Илијана Јотова на Албанија отвори широка дискусија, но и уште поширок фронт, околу принципите и вредностите втемелени во демократските начела. Во рамките на оваа посета, Јотова започна активна кампања со цел да влијае врз македонското малцинско население, во оние делови на Албанија каде што живееат Македонци, да се идентификуваат како Бугари. И сето ова, токму пред почетокот на пописот на населението во Албанија. Оние добрите познавачи на македонско – бугарските односи, ќе промрморат: ништо ново од Софија! Додека пак оние новопечените на нашата политичка сцена ќе останат со устите подотворени, запрепастувајќи се од ваквите нагли потези на Софија, кои по не знам кој пат го кршат ним омилениот Договор за добрососедство меѓу Македонија и Бугарија?!
Како можеме да го протолкуваме ваквиот чекор на бугарската надворешна политика, во очи на почеток на преговорите на Албанија и евентуално Македонија со Европската Унија? Одговорот е едноставен… Изразито неевропски, ретрограден и национал-шовинистички потег, кој на сосема видлив начин ги руши основните принципи за инклузивност, соработка и почитување на правата на малцинствата, кои се основни вредности на европската демократија, кон која се стремиме… И по не знам кој пат се прашувам како воопшто на Бугарија и било дозволено да влезе во ЕУ клубот со ваква Живковистичка политичка матрица! Па да не се лажаме… Нека е жива и здрава Русија и границата на Черното Море! Што подалеку… Арно ама, кога друг пат ќе решиме да заокружиме територија и ќе се шириме, мораме да внимаваме визурата и облините да не ни ја нарушат елеганцијата, грациозноста и силуетата. Затоа она што го прави Јотова во име на Софија, моментално меѓу нашинците во Албанија, недвојбедно го прави Брисел, Париз, Берлин, Атина и остатокот од ЕУ во нејзино име. Комшиите не можеме да ги бираме, но другарите, да! А со кого се дружиш, таков си!
Балканот долги години е обележан како нестабилен регион, преполн со историски конфликти и прилично комплексни етнички односи. Иницијативата на Јотова за измена на етничкиот идентитет на албанските граѓани со македонско потекло можеме да го перцепираме единствено како ризичен чекор во веќе комплексниот политички пејзаж во регионот, кој служи единствено како провокација или потпалување на страстите на еден сосема примитивен, вулгарен и варварски начин на водење дипломатија од страна на земја членка на Унијата. И не е само Јотова во приказнава… Премногу Јотовци продефилираа во изминатиов период не само меѓу Македонците во Албанија, туку и меѓу Македонците – Горани во Косово, кои отвараа училишта на бугарски јазик, промовираа книги во полза на некаква историска вистина, отвараа центри на блгарштината, небаре ќе останат покуси од Грците во долината Хунза во Пакистан. А оние кои во суштина треба да се грижат за потребите на Македонците во соседните држави, вклучително и Албанија, со мирна совест си потпишаа „фермани“ откажувајќи се од истите, свесно посакуваќи уште едно гајле помалку од вратот… Но нека не забораваат, каменот од блиску доаѓа!
Алармот е вклучен, но нема потреба за паника! – ќе речат душегрижниците кај нас. „Имаме агргумент плус за да ги внесеме во Устав!“, мала иронија. „Македонците во Албанија се дел од албанската држава и нема што ние да се грижиме за нив! Нек си се грижи Албанија“, ќе речат совесните владини јазици. Но како Албанија би се грижела за Македонците во Преспа, Голо Брдо итн. кога и нивниот имунитет попушта пред „пасошката болест – бизнис“ на Софија, за побугарчување на планетава?!
Разбирам дека бугарската сличност со македонската е повеќе од реална, арно ама никако на ум не ми паѓа, дека некој Албанец ќе потпише дека Сами Фрашери е Бугарин? Се разбира дека нема, затоа што за нив важат други правила на изјаснување – од финасиска природа де! Но сиромашниот Македонец во Албанија, кој со душа чека да ја напушти идиличната руралност во албанските провинции, со две раце ќе потпише дека не само Сами Фрашери, туку и Александар Македонски и Енвер Хоџа се Бугари, со една единствена цел да избегаат од балканскиот примитивизам што подалеку, затоа што очигледно се родиле во погрешно место и погрешно време! Исто како и оние урбаните во Македонија!
Вака изгледаат искрите од запалката на повторното избувнување на етничките страсти и напрегнувања, кои со задоволство би го нарушиле регионалниот мир и стабилност и би го спречиле напредокот и соработката меѓу народите на Балканот. Ништо чудно, па живееме на Балкан! Па во сиот овој политички фолклор земјите аспиранти изгледаат позрело и поспремно него многу земји кои се веќе членки на Унијата! Иронично нели…
Во суштината на ова прашање лежи манипулацијата со идентитетот за политичка корист. Кампањата на Јотова во суштина се стреми да наметне бугарски идентитет на група која се идентификува како небугарска, потег што се коси со принципите на самоопределување и културна автономија. Ваквите обиди за стихијно менување на етничкиот идентитет на малцински група потсетуваат на некои мрачнии поглавја од европската историја и покренуваат сериозни прашања за компатибилноста на таквите акции со современите демократски вредности.
Еден од основните принципи на европската демократија е заштитата и унапредувањето на правата на малцинствата. Нешто што е мисловна именка за Бугарија! А мисијата на Јотова се чини дека целосно го занемарува овој принцип… Од европските демократии се очекува да ги поддржат правата на малцинските групи, дозволувајќи им да го изразат својот културен идентитет и да направат свој избор во врска со самоопределувањето. Обидите да се принудат или манипулираат малцинските групи да прифатат поинаков идентитет стојат во целосна спротивност со овие демократски идеали, и испраќа вознемирувачка порака за посветеноста на некои европски држави кон принципите на соработка и интеграција.
Ваквите гестови се остар потсетник на предизвиците со кои се соочува Европа во одржувањето на единството и одржувањето на демократските вредности во еден разновиден и историски комплексен регион како што е Балканот. И токму затоа Европската Унија и нејзините земји-членки мора активно да се вклучат во решавањето на ваквите прашања за да го заштитат интегритетот на европската демократија.