ФАТМИР БЕСИМИ
Како професор по економски науки, по вокација, признавам дека можам да бидам екстензивен во воведите, но оваа колумна е временски и содржински оправдана имајќи предвид дека изминатите месеци, нашата администрација, наши претставници на институциите, во Брисел, активно работат на скрининг-процесот
„Ќе дојде ден, кога пазарите отворени за трговија и размена на идеи, ќе бидат единствените борбени полиња“ – Виктор Иго
Идејата за обединета Европа има долги корени во историјата, но еден од првите предлози за мирно обединување преку соработка и рамноправност на членките го дал прочуениот француски писател Виктор Иго во 1851 година. Тој визионерски вели „Соединетите Американски Држави и Соединетите Држави од Европа, ќе соработуваат преку океанот и ќе разменуваат производи, уметност и достигнувања на генијалните умови…“. Катастрофалните последици од Првата и Втората светска војна и потребата за повторна изградба на Европа и европската економија, придонесоа за поврзување на дел од европските економии во нова заедница. Со потпишување на Договорот од Париз (1951) од страна на Германија, Франција, Италија и Бенелукс, основана е Европската заедница за јаглен и челик, која започнува да функционира од 1952 година. Оттогаш, економијата и економските интереси, но и заедничкиот порив за мир, сигурност и човекови права се водилки за обединување на земјите во Европа. Со Договорот од Рим (1957, стапува на сила во 1958), формирана е Европската економска заедница или првата целосна царинска унија, нарекувана и неофицијално заеднички пазар. Со тек на време оваа заедница еволуираше во Европската Унија, 28 земји членки (сега 27), хетероген збир на култура, јазици и историја, сите обединети од заеднички цели за подобри услови на живот на граѓаните.
ПРАВИЛА И СТАНДАРДИ Езоповски, заедништвото нѐ прави посилни и дава подобри резултати – приказната на таткото кој им покажал на своите синови дека прачката се крши лесно, но не и снопот, ја доловува суштината на унијата. Во овој фабулистички контекст, во европската прекрасна мултикултурна, пацифистичка и развојно ориентирана приказна, ќе посочам и дека се поставуваат повеќе услови кои земјите треба да ги исполнат за да станат дел од неа. Наднационалното законодавство (Аcquis communautaire), или „ЕУ, каква што е“, се правата и должностите кои ги врзуваат членките во Унијата. Преку критериумите за членство, Европската Унија поттикнува промена и приспособување на законодавството, политиките и институциите во земјата-кандидат, за да се постигнат вредностите и нормите кои постојат во Унијата. За да се стане членка на ЕУ, земјата-кандидат мора да исполни политички критериуми, од аспект на стабилноста на институциите кои гарантираат демократија, владеење на правото, човекови права и почитување и заштита на малцинствата, економски критериуми во однос на постоење функционална пазарна економија, како и капацитет за справување со притисокот на конкуренцијата и пазарните сили кои владеат во ЕУ. Од земјите аспиранти за членство, се очекува способност за преземање на обврските од членството, вклучувајќи придржување кон целите на политичката, економска и монетарна унија, што бара и доволен административен капацитет на земјата-кандидат за транспонирање на европското во националното законодавство, за негова примена. Сите критериуми за пристапување кон ЕУ, политички, економски и правни, или познати како Копенхашки критериуми, се дополнети со Мадридските критериуми, со кои државите-кандидати, се прилагодуваат кон административните структури, односно усогласувањето на националното законодавство со европското само по себе не е доволно, туку неопходно е земјите-кандидати да изградат административни капацитети кои ќе бидат доволни за спроведување на истото.
ПРОЦЕС НА ИНТЕГРАЦИЈА Сосема накусо за процедурите, за да дадам контекст на понатамошната мисла. Процесот на усогласување, накусо, се одвива преку процес на скрининг во којшто ЕК го презентира целокупното законодавство што земјата треба да го транспонира во националното законодавство за секое поглавје одделно, а земјата-кандидат ги презентира досегашните достигнувања. По подготовката на Извештајот за завршен скрининг (Screening Report) од страна на Европската комисија, согласно со наодите, во кој се содржани сите недостатоци во однос на законодавството и административниот капацитет, а кои ќе треба да се пополнат во текот на преговорите, се отвораат поглавјата за преговори, со одлука на Советот на ЕУ. За време на преговорите, земјата се обврзува со рокови да изврши целосно усогласување со европското законодавство. По завршувањето на преговорите, се определува датум за полноправно членство во ЕУ. Следниот чекор, или третата фаза, е кога земјата е подготвена, да влезе во Европската монетарна унија, односно да го усвои еврото како платежно средство.
Како професор по економски науки, по вокација, признавам дека можам да бидам екстензивен во воведите, но оваа колумна е временски и содржински оправдана имајќи предвид дека изминатите месеци, нашата администрација, наши претставници на институциите, во Брисел, активно работат на скрининг-процесот. Настрана сите политички случувања, ова е многу важен дел од процесот, бидејќи во моментот, ЕУ ја осознава нашата посветеност и подготвеност кон членството и извршување на задачите. Предизвиците се големи, и покрај политичкиот момент, има сериозна работа која ќе претстои. Ќе нагласам, патешествието е еднакво суштествено како и дестинацијата и секој чекор напред е и наша придобивка.
Ќе посочам дека и во услови на долготрајна криза, односно сплет на повеќе кризи со силни економски ефекти наеднаш, сега повеќе од секогаш се гледа потребата од заемна поддршка за земјите и надминување на проблемите со заеднички сили.
ЕУ – ЦЕЛИНА КОЈА Е ПОВЕЌЕ ОД ЗБИРОТ НА ДЕЛОВИТЕ Да се осврнеме на практичните причини и придобивки од членството на ЕУ, од аспект на главниот двигател на ова сојузништво – економијата. Има повеќе макроекономски показатели кои укажуваат на позитивниот ЕУ-ефект во периодот пред и по зачленувањето. Дури и во самиот претпристапен процес, се забележуваат позитивни придвижувања кај земјите (гледано со изолирање на ефектите од фазите на економскиот циклус). Пред сѐ, членство во ЕУ значи влез на пазар од над половина милијарда потрошувачи. Економската моќ на ЕУ се одразува и во трговијата и странските директни инвестиции, со 16% од вкупното глобално тргување. Интеграцијата во ЕУ за РС Македонија ќе значи влез во 25 пати поголем пазар, пет пати повисок номинален БДП по жител (при што реален БДП по жител на нашата економија е околу 40% од тој на ЕУ според Еуростат), како и значително пониска стапка на невработеност. Според студија направена во 2014 година (Coricelli, Moretti, Campos) во која резултатите се добиени користејќи серија податоци од 80-тите години на минатиот век и податоци од проширувањето во 2004 година, покажуваат придобивки од дополнителни 12% над постојниот БДП по жител. Има бројни трудови посветени на проценка на економската придобивка од Европската Унија, на пример во еден од нив се посочува дека БДП по жител во ЕУ би бил една петтина помал доколку не се случеле интеграциите од 50-тите години (Badinger, 2005). Во други трудови се утврдуваат, исто така, високи ефекти на членството врз растот, но се предупредува и на хетерогеноста на економиите како фактор. Исто така, направени се студии за Европската комисија во 2019 година, кои се однесуваат на придобивките на единствениот пазар на ЕУ, кој за разлика од кој било друг договор за слободна трговија е отворен за сите сектори и поединци. Согласно нив, проценките се дека бруто домашниот производ на ЕУ би бил за 9% помал доколку немаше целосна интеграција на единствениот пазар, што во просек значи приближно 840 евра помалку годишен приход по глава на жител. Гледано по одделни членки, оваа бројка варира, но се движи од 193 евра по жител во Бугарија, до 2.834 евра во Луксембург. Гледано од оваа перспектива, секоја земја членка е подобро отколку да е надвор од ЕУ што укажува на фактот дека ЕУ создава нова вредност, односно додадена вредност со позитивни екстерналии. Како што би рекол Аристотел „целината е повеќе од збирот на деловите„.
Правејќи компаративна анализа на земјите членки кои се приклучија во последните ЕУ проширувања и земјите од Западен Балкан, а согласно податоци на Светската банка, новите земји членки бележат повисок раст и побрзо се доближуваат до животниот стандард на ЕУ, во однос на земјите од Западен Балкан (ЗБ). Кај новите земји-членки, исто така, се забележува и поголема продуктивност на трудот. Деловната клима, кај новите земји членки е поповолна, гледано во просек според Извештајот за правење бизнис (Doing Business), додека се забележува и побрз напредок во структурните реформи за развој на приватниот сектор. Новите земји членки на ЕУ покажуваат поголем напредок во однос на институционалната демократија и доброто владеење – слободата на изразување, политичката стабилност, како и квалитетот на регулаторите, ефективноста на владеењето, владеење на правото и контрола на корупцијата, доколку се спореди Глобалниот индекс на добро управување.
(Делови од колумната на оваа тема од истиот автор оставаме за следниот број)