Режимот на Вучиќ нагло падна и во очите на најтрпеливите опсервери кон него во ЕУ. Осудени нападите врз слободата на независните медиуми. Се осудува и употребата на нелегален софтвер за надзор, како што се „Пегасус“, „Селебрајт“ и „Нови Спај“, кориостењето на ултразвукот против демонстрантите како и солзавецот

МИЛИЦА СРЕЈИЌ
Европскиот парламент изгласа нова резолуција за Србија, за која некои пратеници велат дека е најстрогата досега, кога станува збор за земјите што имаат статус на кандидати за членство во Европската унија. За резолуцијата гласаа 457 европратеници а против 103 пратеници. Какви последици може да има тој документ?
На пленарната седница од вторник (21 октомври), Европскиот парламент дискутираше за политичката криза во Србија, падот на настрешницата, студентските протести, полициската репресија, Марко Кричка, слободата на медиумите и состојбата на демократијата воопшто. Некои европски пратеници велат дека тоа е најстрогата резолуција досега за земја што има статус на кандидат за членство во Европската унија.
Во резолуцијата експлицитно се наведува дека ЕП остро го осудува државното насилство, заплашувањето на граѓаните и произволните апсења на мирни демонстранти, новинари, организации на граѓанското општество и претставници на опозицијата во Србија, пишува порталот „Саврмена политика“.
Осудени се и медиумските кампањи со клевета, заплашувањето на независните медиуми и злоупотребата на лични податоци за дискредитирање на демонстрантите. Од високите функционери се бара да престанат со провокативната реторика што поттикнува непријателство или насилство.
Дополнително, се осудува употребата на нелегален софтвер за надзор, како што се „Пегасус“, „Селебрајт“ и „Нови Спај“. Исто така, се изразува загриженост за употребата на акустични уреди со долг дострел (LRAD) и широката употреба на солзавец против цивилите.
Во воведот на предложената резолуција, која беше одобрена од мнозинството во ЕП, детално се наведуваат сите прекршувања од страна на владата на Александар Вучиќ во однос на демократските стандарди од падот на настрешницата на железничката станица во Нови Сад на 1 ноември минатата година, што е порака дека Стразбур и Брисел внимателно го следат она што се случува во Србија
Што значат ваквите остри осуди на ЕП?
Уредникот на порталот „Европски Западен Балкан“ Немања Тодоровиќ Штиплија за „Време“ изјави дека новата резолуција на Европскиот парламент за Србија е „најдиректниот и најкритичниот документ што досега е напишан за политичката ситуација во земјата“.
„Кога текстот отворено ги именува одговорните за репресијата, нормализацијата на насилството и колапсот на институциите, јасно е дека тие не се однесуваат на апстрактни процеси, туку на конкретниот систем на власт што го отелотворуваат Александар Вучиќ и неговиот најтесен круг соработници“, објаснува Штиплија.
Претседателот на Извршниот одбор на Центарот за европски политики, Срѓан Мајсторовиќ, исто така, истакнува за „Време“ дека резолуцијата недвосмислено ја прецизира одговорноста на режимот за ескалацијата на насилството за време на протестите во изминатата година.
„Би рекол дека резолуцијата претставува мала, но никако незначителна победа за сите студенти, граѓани, како и опозициски партии кои, во изминатата година, се залагаа за основните принципи на демократијата врз кои се темели ЕУ“, нагласува Мајсторовиќ.
Тој смета дека е важно оваа резолуција да биде доставена до сите парламенти на земјите-членки на ЕУ, за јавноста на Европската Унија да може да дознае за природата на демократското движење во Србија и за природата на насилството за кое е одговорен прогресивниот режим во Белград.
Мајсторовиќ додава дека новината во оваа резолуција е индикација дека ќе се побара официјално воведување санкции против лица за кои ќе се утврди дека го кршат законот и ги загрозуваат човековите права.
„Досега не сме виделе ваква иницијатива. За да заживее, треба да биде прифатена од Европската комисија, за земјите-членки да постигнат консензус во врска со воведувањето на вакви санкции за лица. Сепак, самиот повик до институциите на ЕУ да одлучат на некаков начин како да ги санкционираат лицата за кои е утврдено дека ги прекршиле законите и човековите права е значаен чекор напред“, објаснува Мајсторовиќ.
Во дискусијата за ситуацијата во Србија, јасно беше наведено и дека на Белград може да му биде одбиена финансиската поддршка од буџетот на ЕУ доколку работите не се подобрат.

Српските парламентарни опозициски партии тврдат дека ЕУ конечно сака да види промени во Србија.
Радомир Лазовиќ, пратеник од Зелено-левичарскиот фронт во Народното собрание, за „Данас“ по седницата на Анкетната комисија одржана во Европскиот парламент во Стразбур изјави дека „ова е доказ дека Европа сака промени во Србија“.
„Не мислам дека треба да го криеме нашето задоволство од она што се случува, ова шири оптимизам дека имаме поддршка во Европскиот парламент, како и низ цела Европа. Пет групи иницираа резолуција за Србија, три групи ја поканија Анкетната комисија и ова претставува голема поддршка пред сè за граѓаните на Србија. Задоволен сум и им се заблагодарувам на сите парламентарни групи од Србија кои ги искористија своите контакти за да го постигнат ова во Европскиот парламент“, објасни Лазовиќ. Мајсторовиќ истакнува дека и покрај фактот што граѓаните и студентите не сакаат да ги поврзуваат протестите со процесот на европска интеграција, целта на Европа и студентите е дефинитивно иста – „повеќе демократија, подемократски институции, праведни, фер и слободни избори, слободни медиуми врз основа на кои граѓаните ќе поврзуваат информации и ќе донесуваат слободни проценки за секојдневните феномени во општеството, независно судство“.
Што значи оваа резолуција за граѓаните на Србија?
Многу важна порака од Стразбур за граѓаните на Србија е дека режимот на Александар Вучиќ е разоткриен, дека европските парламентарци многу добро знаат што се случува и дека оние што вршат насилство и репресија ќе ги сносат последиците. Досега, впечатокот беше дека главните проблеми со кои се соочуваат сите оние што се побунија против беззаконието и едночовечката власт во Србија се невидливи за институциите на Европската Унија.
„Тешко е да се каже дека Европа се „променила“, туку би можело да се каже дека престанала да се преправа дека не гледа што се случува во Србија. Доколку текстот биде усвоен во оваа форма во среда, тоа ќе биде најострата и најјасна порака на Европскиот парламент до Србија досега, не затоа што тонот се променил, туку затоа што вистината станала премногу гласна за да се замолчи“, заклучи Тодоровиќ Штиплија.
Мајсторовиќ објаснува дека не треба да очекуваме дека оваа резолуција ќе доведе до некаков драматичен пресврт, имајќи предвид дека последниот збор за процесот на пристапување на Србија во ЕУ секако го имаат земјите-членки. „27-те од нив имаат различни интереси, а некаков вид билатерални интереси се во согласност со моменталната политика во Белград. Затоа, не треба да очекуваме дека во блиска иднина ќе се постигне консензус меѓу нив за осуда на она што се случува во Србија“, посочува Мајсторовиќ.
Сепак, заклучува тој, ова не треба да ги обесхрабри граѓаните и студентите и сите оние што протестираат, бидејќи „демократијата нема да ни ја донесе никој од Европската Унија, граѓаните мора да се борат за демократија. А оваа резолуција придонесува за видливоста на протестот и подобро разбирање на она за што се залагаат граѓаните, студентите и опозицијата“.




