Уште од февруари постои такво барање од наша страна за осумнаесет типови отпад, деклариран на листата на неопасен отпад: метали и отпад од обоени и необоени метали, калај, железо, цинк, челик, олово, алуминиум, како и маст и масло за јадење, хартија и картони и стакло

АЛЕКСАНДАР ТОДЕСКИ
Веста за желбата на Македонија да увезува отпад од Европската Унија не е нова – датира од февруари годинава, кога земјава во друштво на 23 други земји побара да увезува осумнаесет типови отпад, деклариран на листата на неопасен отпад: метали и отпад од обоени и необоени метали, калај, железо, цинк, челик, олово, алуминиум, како и маст и масло за јадење, хартија и картони и стакло. Но, нов е молкот на Европската Комисија сега – неколку месеци подоцна, а откако им испративме прашања поврзани со оваа постапка, со просто прашање: „Дали Македонија може да го управува отпадот на здрав начин, особено по пожарите на депониите“.
Ова прашање на Фактор следува, бидејќи откако земјите побараа да увезуваат европски отпад, Европската Комисија доби задача да проверува, дали тие можат да го управуваат ѓубрето на здрав начин, за да може да почнат соработка со Унијата. Но, одговор не добивме.
Ова прашање стои отворено по последните случувања во Скопје, во кои за неколку дена гореа Дрисла и дивата депонија Вардариште, а потоа и складот за електронски отпад во Трубарево. По огнот во „Ф-Групацијата“, министерот за животна средина и просторно планирање Изет Меџити донесе одлука и да се затвори депонијата за отпад во Никуштак, Липково, со став дека локацијата не ги исполнувала еколошките стандарди.
Меѓу прашањата кои ги испративме до портпаролката на Европската Комисија Паула Пињо, а на кои не добивме одговор, беше и тоа дали провериле, кои од земјите кои поднесоа барања, можат да го управуваат ѓубрето на здрав начин.
Од регионот, освен Македонија, увоз на отпад од Европската Унија побараа и Србија и Босна и Херцеговина. Останатите земји се: Бангладеш, Египет, Ел Салвадор, Индија, Индонезија, Казахстан, Малезија, Молдавија, Монако, Мароко, Нигерија, Саудиска Арабија, Пакистан, Филипини, Сингапур, Тајван, Тајланд, Того, Тунис, Украина и Виетнам.
Досега, од Европа нема никаков политички став за пожарите во Македонија – ниту за оние за кои власта се сомнева дека се подметнати, ниту за оние за кои постојат докази дека се подметнати. Единственото за што од таму ги имаат споменато земјава и пожарите заедно е за тоа дека земји-членки на Унијата и помогнале на Македонија во справувањето со дел од пожарите.
(faktor.mk)