Глобус-Неделен весник

  • Македонија
  • Свет
  • Ревија
  • Архива
  • Контакт
  • Фељтон
  • Колумни

ЕВРОПСКИ НЕТО И БРУТО ПЛАТИ

June 2, 2026 Filed Under: Свет

Колку од платата во Европа се „јаде“ со даноци и во која земја најмногу останува на сметката на работникот

ОДАНОЧУВАЊЕ НА ПЛАТИТЕ Моделот на пресметка е доста компликуван, зарад специфичностите на даночните системи

Источна Европа генерално нуди поголема нето заработка на бруто плата од 100.000 евра, додека во Западна и Северна Европа нето износите на тоа ниво на приход се значително пониски. Пресметките на даноците се многу сложени, а Euronews Business дава груби проценки.

Даночните оптоварувања значително варираат низ Европа. Износот на приходот е најважниот фактор. Некои земји применуваат рамна даночна стапка, додека други имаат прогресивен систем, што значи дека луѓето со повисоки приходи плаќаат поголем дел од даноците.

Врз нивото на нето платата влијаат и други околности – дали лицето е самечко или дел од домаќинство со два приходи, дали има деца и колку им издржувани членови на семејството.

Па, да речеме дека некој заработува 100.000 евра бруто годишно, сам е и нема деца. Колку би имал „во раката“? Како изгледаат нето платите во европските земји?

ПРЕСМЕТКИТЕ СЕ СЛОЖЕНИ, ОВА СЕ ПРОЦЕНКИТЕ Пресметката не е едноставна бидејќи зависи од бројни варијабли. Даночните системи се разликуваат од земја до земја – некои земји имаат многу едноставен систем, додека други се многу посложени.

Euronews Business ги процени нето износите на бруто плата од 100.000 евра користејќи податоци од извештајот Tax Wedge 2026 на OECD, националните даночни извештаи на OECD, светските даночни резимеа на PwC и национални извори.

Користените даночни стапки се однесуваат на 2025 година. Валутите надвор од Еврозоната се конвертирани според референтните девизни курсеви на Европската централна банка на 31 декември 2025 година. Проценките главно се однесуваат на состојбата во 2025 година.

Некои фактори што можат да влијаат на конечната пресметка не се вклучени. Дополнителни извори на приход не се земени предвид, па затоа ова се груби проценки што служат за споредување на даночниот товар меѓу европските земји.

БУГАРИЈА Е НА ВРВОТ НА РАНГИРАЊЕТО Меѓу 31 европска земја (членови на ЕУ со Обединетото Кралство, Швајцарија, Норвешка и Турција), нето износот на бруто плата од 100.000 евра се движи од 50.750 евра во Белгија до дури 86.930 евра во Бугарија.

Бугарија е единствената земја каде што нето износот надминува 85.000 евра. Следува Естонија со 74.400 евра. Чешка (72.800), Малта (72.500), Швајцарија (70.500) и Кипар (70.300) се исто така меѓу земјите каде што вработените задржуваат најмалку 70.000 евра од бруто плата од 100.000 евра.

Британците се снаоѓаат најдобро меѓу големите економии. Во Обединетото Кралство, вработените задржуваат речиси 70 проценти од нивната бруто плата на ова ниво на приход. Нето износот е 69.900 евра, што е највисок меѓу петте најголеми европски економии. Шпанија (64.200) и Франција (63.000) се во средината, додека Германија (57.900) и Италија (56.700) имаат најниски нето износи меѓу Големата Петка.

Најмалку останува во Белгија, Данска и Шведска.

На дното на рангирањето е Белгија со 50.750 евра, по што следат две нордиски земји – Данска (51.500) и Шведска (52.000). Австрија (54.200), Словенија (55.060) и Грција (56.615) се исто така меѓу земјите каде што бруто плата од 100.000 евра резултира со еден од најниските нето износи во Европа.

Португалија (57.000) и Романија (58.500) исто така остануваат под 60.000 евра нето. Полска (60.225), Холандија (60.500), Литванија (60.500), Хрватска (61.000) и Луксембург (61.500) се само малку над таа граница.

Меѓу нордиските земји, Норвешка (66.900) има највисок нето износ, по што следува Финска со 62.200 евра. И двете се значително над Данска и Шведска, кои остануваат малку над 50.000 евра.

Во Ирска (64.000) и Турција (63.200), вработените остануваат со помалку од две третини од нивната бруто плата од 100.000 евра. Словачка (67.855) и Унгарија (66.500) се малку над тоа, со разлика од околу 2.000 до 3.000 евра.

РАБОТНИЦИТЕ ВО БУГАРИЈА Ним даночните им земаат најмалку во однос на другите земји во ЕУ

РЕГИОНЛНИ ТРЕНДОИ: ИСТОКОТ НАСПРОТИ ЗАПАДОТ И СЕВЕРНА ЕВРОПА Источна Европа генерално им дозволува на вработените да задржат поголем дел од нивната бруто плата од 100.000 евра. Овие земји често имаат поедноставни даночни системи, пониски највисоки даночни стапки или ограничени придонеси за социјално осигурување.

Западна и Северна Европа генерално имаат пониски нето износи на тоа ниво на приход. Земји како Белгија, Данска, Германија, Австрија, Франција, Шведска и Холандија имаат поголем даночен товар поради прогресивното оданочување, придонесите за вработените и другите бенефиции.

Конечните износи може да бидат под влијание на локалните и регионалните даноци. Проценките користеле податоци за главните градови и региони.

Како се споредуваат 100.000 евра со просечните плати?

Иако бруто платата од 100.000 евра е многу висока во некои земји, во поголемиот дел од Европа таа е над просечниот приход. Според податоците на ОЕЦД за 2025 година, Швајцарија е единствената европска земја каде што просечната плата на самохрано лице без деца го надминува тој износ и изнесува 107.487 евра.

Во рамките на ЕУ, Луксембург има највисока просечна плата – 77.844 евра. Дури 13 од 22-те земји-членки на ЕУ во ова истражување имаат просечна плата помала од 50.000 евра, а најниската е во Словачка – 19.590 евра.

Највисоките даночни стапки за лицата со високи приходи значително се разликуваат меѓу европските земји и ги следат регионалните модели. Нордиските и западноевропските земји генерално имаат највисоки маргинални даночни стапки, кои обично се движат помеѓу 45 и 60 проценти. Земјите од Централна и Источна Европа, вклучувајќи го и Балканот, генерално имаат пониски даночни стапки.

(n1info.hr)

Filed Under: Свет

ШТО НЕ ОЧЕКУВА: БОГАТИ НА ХАРТИЈА, СИРОМАШНИ ДОМА
МАКЕДОНСКА ЛЕВИЦА: СЕ ФОРМИРА ФРОНТ ЗА СЛОБОДА И ПРАВДА
ЕВРОПСКИ НЕТО И БРУТО ПЛАТИ
ДЕЈАН ПРОЈКОВСКИ: МЕЃУ МНТ, НОВИ САД И СЦЕНСКИТЕ МЕТАФОРИ НА СОНЦЕТО
МАКЕДОНИЈА И НОВИTE ГЕОПОЛИТИЧКИ ХОРИЗОНТИ

Најново

  • ШТО НЕ ОЧЕКУВА: БОГАТИ НА ХАРТИЈА, СИРОМАШНИ ДОМА
  • МАКЕДОНСКА ЛЕВИЦА: СЕ ФОРМИРА ФРОНТ ЗА СЛОБОДА И ПРАВДА
  • ЕВРОПСКИ НЕТО И БРУТО ПЛАТИ

Импресум

Издавач - Здружение за нови политики и слобода на медиуми "Јавност" - Скопје,

Партизански одреди 23/1/3 Скопје

globus@globusmagazin.com.mk

Барај

Сите права задржани© 2026 · ГЛОБУС · Log in

Developed by Unet