Со заминувањето на Вангелов се откинаа многу атоми на болка од вас, од нас
Во својата реч објавена деновиве во дневниот весник „Нова Македонија”, под наслов „Згасна уште едно македонско книжевно соѕвездие”, Венко Андоновски истакна еден непобитен факт дека Вангелов: „зад себе поведе генерација млади критичари кон еден посебен тип вредносна критика која се базира на дескриптивни судови, кои лично тој ги црпеше од неколку структуралистички сфатени дисциплини: стилистиката, наратологијата, семиотиката, реториката. За тие дисциплини пред него едвај малку нешто се знаеше.”
Па да се потсетиме од каде доаѓа ова воведување на тој посебен тип вредносна критика? Факт е дека за тој вид критика се дозна поради неговите врски со Париз. Но, како тој стигна до неговиот Париз? Имено, во 1975/1976 година Вангелов е на студиски престој во Париз како стипендист на француската влада, а подоцна, четири-пет години е и лектор по македонски јазик и литература на Институтот за источни јазици и цивилизации, популарно познат како ИНАЛКО. Лекторатот во Париз е отворен во академската 1973/74 година. А денес во овој лекторат кој е под капата на Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј” во Скопје (МСМЈЛК при УКИМ), македонскиот јазик се изучува како главен предмет (3 години додипломска настава + 2 години МАСТЕР студии) со вкупен фонд од 23 часови неделно, каде наставата ја изведуваат проф. д-р Фроса Пејоска-Бушеро и лекторот, м-р Ѓоко Здравески. Без претерување може да се истакне дека Вангелов со својата активност како лектор по македонски јазик на ИНАЛКО се вгради во овој лекторат или поточно Вангелов е тој кој му даде цврсти темели на лекторатот по македонски јазик, литература и култура.
А Париз тогаш беше единственото европско жариште на „новите методологии” на книжевниот текст. Сето тоа говори за еден смислен напор на Вангелов, да ги пресади тогашните најактуелни методи на филологијата и другите хуманистички науки во македонската филологија, во македонската лингвистика и македонската наука за книжевност. Во 70-тите години на минатиот век му се дава можност да го афирмира македонски јазик во Франција и тоа максимално го искористува, но истовремено и да го научи францускиот јазик и потоа во текот на својот живот да ѝ остави на македонската филолошка наука извонредни преводи од големи имиња… Секако за тоа француската влада го одликува во 1995 г., за заслуги за ширење на француската култура со орденот Офицер на универзитетски палми.
Во тој конетекст она што треба посебно да се истакне, а тоа е извонредната врска што тој ја остварува со Цветан Тодоров и за тоа тој многу емотивно пишуваше по повод заминувањето на Тодоров од овој свет. Во 2017 година (https://okno.mk/node/61909 (од февруари 2017)) Вангелов открива дека неговата прва интелектуална средба со Цветан Тодоров, натурализиран Французин од бугарско етничко потекло, дошла во далечната 1975 година. „Во тоа време, како стипендист на француската влада, јас бев на студиски престој во Париз. Си поставив себеси задача да навлезам колку што можам подобро во духот на тогашната француска критичка мисла. Беше, во тоа време, доминантна во Европа, позната под името структурализам. Така дојдов и до книгата „Прашања на поетиката” (Questions de poétique) на еден од водечките лингвисти на 20-ти век, Роман Осипович Јакобсон.”, пишува Вангелов.
И така од тој момент, од таа за него клучна 1975 година, Вангелов почнува систематски да ги изучува книгите на Јакобсон и на Тодоров за кои самиот тој мислел, по интуиција, дека им припаѓаат на исто духовно семејство. Од друга страна, тој ги поврзува и двајцата Балканци – Конески и Тодоров и тоа зашто според неговото сознание, но и според неговото научно докажување, и двајцата знаат за структурализмот пред појавата (1956) на патријархот на таа критичка мисла Ролан Барт. Како го потврдуваше тоа Вангелов? Со тоа што истакнуваше дека едниот, Тодоров, го покажал тоа со своите преводи на руските формалисти во книгата „Теорија на литературата”(1965), а другиот, Конески, со тоа што напиша една „структурална граматика” на мал јазик на мала култура уште и во зародиш и тука пред сè мислеше на првиот том од таа Граматика што излегува 1952 година.
Од друга страна, овој негов влог во француската универзитетска и книжевнa, но и лингвистичка научна мисла, преку лекторатот по македонски јазик во Париз, на ИНАЛКО, направи тој самиот да не се мери со своите македонски, туку да се мери со најдобрите европски и светски современици, но и со своите духовни претходници, како што истакна и Кица Колбе во својата колумна „Атанас Вангелов – македонскиот апостол на хуманизмот”. Па и мерилата со кои тој мереше беа оние на вистинските европски литературни вредности, кои тој ги учеше и ги научи читајќи ги во оригинал делата на Ролан Барт, на Цветан Тодоров, на Јулија Кристева, на француската литературна и филозофска школа, како и на делата на руските формалисти, што толку силно го изградија како уникатен филолог во македонската книжевно-научна мисла.
Венко Андоновски ја наслови својата реч и од свое лично име но и од името на Катедрата за македонска книжевност и јужнословенски книжевности како „Згасна уште едно македонско книжевно соѕвездие”. Но оној момент кога со физичкото заминување на Атанас Вангелов згасна тоа македонско книжевно соѕвездие овде на земјата, имам чувство дека токму во тој момент се роди едно друго, европско и планетарно, книжевно соѕвездие именувано по квартетот Јакобсон-Конески-Тодоров-Вангелов.
Нека му е светол патот…