Нела Витошевиќ ни го отвора и фактот дека за да живееме заедно мора да ја прифаќаме различноста. Во тоа е крајно прецизна низ сите сегменти на ликовите и на претставата во целина
ЛИЛЈАНА МАЗОВА
Нела Витошевиќ е режисер која добро знае што сака од секоја своја претстава. Најнова и е „Едвард раце ножици“ што ја постави на сцената на Театарот за деца и младинци – Скопје. Во театар и со ансамбл во кој и со кои работи првпат. Заедно создале претстава која отворено говори за различноста. И претстава која треба да се види. Да се видиме во сопствениот одраз на, најблаго кажано, фактот дека тешко прифаќаме било каква различност. Како себичност или немоќ за соочување со себе си и лошото во нас.
Претставата е работена според сценариото на истоимениот познат филм на Тим Бартон и Каролајн Тимпсон. Драматизацијата е исто на Витошевиќ и ја работела заедно со Ивана Ангеловска, сценографијата е на Константин Трпеноски а негов асистент е Моника Ангелевска, костимите се на Розе Трајчевска Ристовска, композитор на музиката е Огнен Анастасовски.
Во „Едвард раце ножици“ ликовите ги играат (по редоследот од програмскиот лист): Бојан Кирковски (Едвард), Наташа Петровиќ (Ким Богс), Симона Спировска (Пег Богс), Ненад Илиевски (Бил Богс), Ангела Димитрова (Кевин Богс), Емра Куртишова (Џојс), Ана Левајковиќ Бошков (Марџ), Катарина Илиевска Силјановска (Сиси), Изабела Новотни (Есмералда), Ивана Павлаковиќ (Хелен), Петар Стојанов (Џим), Никола Наковски (Џорџ Монро) и Исмет Шабановиќ (Полицаец).
Претставата, како што се изјаснува Витошевиќ, ја поместува приказната. За разлика од сценариото за филмот кој е структуиран како флешбек на една од главните женски ликови, сега ја раскажуваат сите ликови. Така и станува сеопшта, ја нагласува човековата немоќ да се соочи со различноста. И да не натера да размислиме како се однесуваме кон оние што се различни, односно не се како што ние си го замислуваме правото на еднаквост – нееднаквост.
Ако на почетокот Едвард, човекот со раце ножици, сите го доживуваат како егзотика што е рамна на малограѓаншина, подоцна сите го прогласуваат како опасен по живот…
Всушност, се отвора прашањето за фактот дека токму општеството не е подготвено, или уште пострашно, не сака да се соочи со различноста – со поинаквоста. Тоа и води кон другата состојба – Едвард се враќа назад во замокот од кај што е и дојден.
Нела Витошевиќ ни го отвора и фактот дека за да живееме заедно мора да ја прифаќаме различноста. Во тоа е крајно прецизна низ сите сегменти на ликовите и на претставата во целина. Ја третира себичноста и конформизмот. И колку не сме подготвени да ја прифатиме различноста. Прашање е и колку не сакаме да прифатиме некој што е различен од нас. Колку може тој наш став да го промениме!?
Поставува и низа други прашања. Главно оние најбитните: во прашање се интереси или лоши навики!? Претставата не дава одговори: замислува и бара размислување. И покажува колку Нела Витошевиќ знае да ги отвори, повторно да нагласам, најбитните прашања во човековата природа. Оние кои не ги прифаќаме и уште пострашно – ниту се замислуваме над/за нив.
Во/низ целата сценска приказна на Витошевиќ и екипата што ја создала претставата „Едвард раце ножици“, доминира вистина за сите нас. Секој лик, секоја сцена и целата претстава функционираат „во еден здив“. Тоа значи дека освен јасната идеја на режисерката, и сите други во/околу неа речиси совршено ја следат токму идејата за различноста. Колку и да е болна, сосем е вистинита.
Во тоа е и големината на идејата и реализацијата. И дали и колку имаме страв од било каква промена. Човекот е речиси секогаш неподготвен да прифати различност. Особено различноста кон друг човек.
Заедничката работа создала претстава/огледало на сите кои не сме подготвени на, веројатно, најхуманото човечко – да се соочиме со различноста и да ја прифати.
Секој друг избор/став/однесување се спротивни на човечкото. Од стравот или уште пострашно неспремноста за соочување со различноста кои водат само кон себичност. И кон фактот дека секоја било каква идеја за промена е далеку од нас и не плаши.
Претставата е мошне поучна и за повозрасните деца, но и за сите возрасни. Секој од неа треба/мора да научи дека различноста не е никаков баук од кој треба да се бега. Напротив, да се соочиме со сите неубави нешта со кои живееме, да ги надраснеме предрасудите, секој секому да подадеме рака – без разлика на било каква можна различност.
Затоа и „Едвард раце ножици“ треба да се види. Секој, макар околу седумдесеттина минути, да се соочи со својата/човековата себичност. И да се замисли над погрешниот став/навика да ја игнорира или, уште пострашно, не ја прифаќа различноста.
Нела Витошевиќ и целата екипа околу и во претставата тоа го отвораат како прашање врз кое мора да се замислиме. Да се смениме зашто, на крајот, сите сме различни. И заедно, ако не и задолжително, како насушна потреба различноста да ја прифатиме и така да се однесуваме и кон различноста и кон сопствениот однос кон различноста. Токму во тоа е и големината и убавината на претставата „Едвард раце ножици“.
Токму овие елементи се доминантни во претставата. Особено во играта на актерите. И покажува колку и верувале на Витошевиќ во реализацијата на нејзината идеја, колку взаемно си верувале, како создале претстава која мисли и тера на размислување.