Овој свет храм сместен крај реката Радика, покрај шуми, ливади и раштркани села, го зема здивот на обичниот намерник. Тајната на Бигорскиот манастир се крие во жедта човекот и светот де се преобразат, да постанат нов човек и нов свет. Манастирот догодина ќе одбележи еден милениум од своето постоење. Текстот е пземен од манастирскиот сајт и гопренесуваме со мало скусување
ПАНДОРКА АРСОВСКА ГАЦОВСКА
Има многу места во светот кои го пленат погледот, но сосема малку на број се оние што ја одмараат и успокојуваат и душата. Бигорски во себе ја крие привлечноста на обете – и чудесна глетка за очите и неискажан мир на душата. Ова светилиште во себе ја крие и тајната за неговото необично создавање, таинствената посета на Крстителот преку својата чудотворна икона, која уште од дамнина го благословила ова место.
Цели десет века од неговото создавање во 1020 година, Бигорски го нудел своето гостопримство и молитвен покров за сите намерници: и подвижници и верници и туристи, поклоници, и оние кои ја барале неговата помош, оние кои дошле надевајќи се на исцеление, па дури и за оние кои дошле привлечени од раскошниот пејзаж и уникатниот иконостас.
– Тој бил и остана значаен дел од нашата историја, неодминлив фактор во борбата за нашата национална самобитност и богата ризница на нашата култура и православна духовност. Воскреснувал и замирал, но никогаш не ја запрел до крај својата од Бога дадена мисија за спасување на човечките души. Така е и сега. Новото Бигорско братство, мудро раководено од својот игумен, архимандрит Партениј, кое одново го разгоре огнот на духовната просвета во манастирот што беше напуштен по војната, влеа нови животни сили. Вградувајќи се и себеси во возобновениот духовен и непробоен бедем на Православието на овие простори, монашкото братство кај верниот македонски народ повторно го разбуди интересот за ова наше, по малку заборавено светилиште, вели отец Доситеј.
Во овој манастир дише Светогорски монашки дух, кој веќе десет века раѓа духовни водачи, преподобни старци. Сета историја на манастирот, неговиот живот, фреските и иконите, се што во него било и е создадено, се што е негово минато и сегашност, говори за еден непрекинат стремеж кон Бога. Токму затоа уште од дамнина манастирот непрестајно ги привлекувал мирјаните, станувајќи најсакан Божји дом за сите православни Македонци од овој крај.
ИСТОРИЈА НА МАНАСТИРОТ Во времето кога на овие простори царувал Самуил (976 – 1014), монахот Јован, кој потекнувал од дебарскиот крај, по шест години откако ја нашол чудотворната икона, т.е. во 1020 година, на местото каде што ја пронашол, подигнал поголем храм, околу кој започнало да се собира монашко братство. Со тоа, Јован Дебарски станува првиот ктитор на светата бигорска обител. Бидејќи местоположбата на манастирот била таква, тој да се наоѓа во најразбојничкиот крај во Западна Македонија, бројни биле опасностите за него и само благодарение на чудата на св. Јован, манастирот опстанал.
АРХИТЕКТУРА Денешниот манастирски храм датира од крајот 18. и самиот почеток на 19 век. Во тоа време конаците ги сочинувале неколку згради. Монашкиот конак, веднаш до црквата, познат како „Горни Палат“, бил изграден во 1814 год. Највпечатливиот дел, беше вешто изработениот чардак, кој со надворешно издадени скали ги поврзуваше двата ката на конакот. Приземјето отпрвин го сочинувале простории што служеле за производство на кашкавал, сирење и др. Подоцна, пред пожарот, тука се наоѓала манастирската кујна, како и магацинските простории. Монашките келии беа распоредени по чардакот на двата ката. Покрај нив, тука се наоѓале и владичките одаи, заедничката соба за монасите која до последно служеше за истата намена, канцелариските простории со архива и библиотека со богато изрезбани плакари за книги и шивалната просторија, која подоцна беше преуредена во келија за монаси.
Особен и впечатлив белег на третиот кат од конакот беше некогашната игуменска соба и владичките одаи, поради нивната издаденост од конакот.
Северозападно од црквата се наоѓаше конакот со трпезарии, кој бил граден од 1820 до 1825 година. Тука биле сместени машката трпезарија и синодиконот (подоцна мала трпезарија), а веднаш под нив се наоѓале женската трпезарија и архондаричката одаја. Поранешната женска трпезарија, која се наоѓала веднаш под машката, беше преуредена во богата галерија, каде што беше сместена манастирската ризница. Овде беа распоредени ретки икони, древни црковни предмети, фрагменти од резби, стари богослужбени одежди, стари крстови и други предмети со историска вредност.
Трепезаријата се до пожарот постоеше во својата изворна состојба при што беше запазена и нејзината намена. Архондаричките одаи, пак, се одликуваа со прекрасни резбани тавани – розети и вградени, резбани детали по ѕидовите. Подоцна едната одаја служеше како гостинска приемна просторија и беше збогатена со колекција од портрети на старите игумени на манастирот.
Меѓу конакот со трпезарии и „Горни Палат“ беше сместена некогашната манастирска магерница (кујна), со помошна фурна, со што му се даваше една функционална целина на конакот. Магерницата со големото засводено огниште и мала вградена фурна до крај го имаше запазено својот автентичен изглед и намена, а под неа се наоѓаше големата фурна и магацинските простории.
Западно од црквата се наоѓал „Момочкиот конак“ кој бил изграден во 1870 година и бил наменет за живеење на момоците – помошници. Приземјето на овој конак служело како перална, поради неговата близина до чешмите, а на спратот биле просториите за живеење. Изгледот на конакот се карактеризирал со впечатлива меѓукатна дрвена конструкција која завршувала со многу издадена стреа, правејќи конакот совршено да се вклопува во манастирскиот амбиент.
ПРОМЕНИ Меѓутоа, во 60-те години од минатиот век, од непознати причини, конакот бил срушен и денес овде има пространо бетонско плато. Веднаш зад „Момочкиот конак“ се наоѓала „Сејменската кула“, каде што живееле чуварите – сејмени. До спратот за живеење се доаѓало преку надворешни скали со мал наткриен чардак. Денес кулата е пренаменета во мал параклис посветен на „Св. Ѓорѓи Кратовски“.
Друга впечатлива градба која се наоѓа јужно од црквата е манастирската костурница, направена од зеленкав, делкан камен во 1827 год. Во неа се наоѓале черепите на упокоените монаси, кои во периодот на комунизмот биле скриени во темелите на костурницата. Веднаш над влезот од манастирот постоел конак наречен Долни Палат, кој изгорел во 1912 год. Стариот конак, заедно со другите конаци и градби, сочинувал една затворена целина. Конакот се одликувал со посебна уметничка обработка на вратите и таваните, кои биле различни во секоја одаја, така што одаите со богато уредениот ентериер се користеле за прием на гости. Конакот го формирал влезот во манастирот во вид на полукружна аркада, со манастирска чешма во влезот, како особен украс на целиот конак.
Манастирското братство, како што велат во Бигорски, се потруди да му го врати автентичниот изглед на манастирот, со тоа што целосно го возобнови овој раскошен гостински конак. Внатрешноста на „Долни Палат“ е комплетно автентична и е збогатена со уште еден кат и параклис посветен на празникот „Благовештение“.
КАТОЛИКОН Централното место во Бигорскиот манастир го зазема соборниот храм познат како католикон. Тој бил изграден по углед на светогорските манастири, кон крајот на 18 век и претставува еден од првите храмови со големи димензии, во периодот по освојувањето на Турците. Дело е на мајстори-градители, копаничари и зографи од дебарскиот крај. Граден е во две етапи, при што прво е изграден западниот дел, а олтарниот е додаден нешто подоцна.
Најубавиот украс во црквата и она по што е најпознат овој храм е иконостасот, врвно, резбарско дело на мијачките копаничари Петре Филиповски – Гарката од с. Гари, со својата тајфа и Макариј Фрчковски од Галичник, кои го завршиле за зачудувачки кратко време, од 1830 до 1835-та год. Во истиот тој период биле повикани и познатите зографи од Самарина, Михаил и неговиот син Димитар, кои ги завршиле иконите на иконостасот, така што заедно со иконите, тој формира една целина, еден целосен приказ на Светото Писмо во резба.
Она што го прави единствен и неповторлив иконостасот е употребата на човечката фигура. Тука мијачките копаничари сместиле сцени од Стариот и Новиот Завет. Покрај човечката фигура, во декорацијата на иконостасот присутни се и разновидни животни, како и цветни мотиви.
Иконостасот е прилагоден на димензиите на црквата. Затоа овде се наоѓаат три реда икони, што е редок случај, бидејќи почесто се среќаваат иконостаси со само два реда икони. Резбаните правоаголни табли под престолните икони се најубавиот дел на иконостасот во Бигорски. Тука се претставени повеќе од 500 човечки и околу 200 животински фигури, илустративно е претставен Стариот и Новиот Завет. Под престолната икона на Св. Јован Крстител се претставени повеќе сцени од неговиот живот, меѓу кои најубаво е претставено „Отсекувањето на главата на Претечата“. Најгорниот дел од иконостасот е еден од најимпресивните и него го красат големиот крст од Распетието Христово и неговите придружни делови.
Внатрешниот амбиент на манастирската црква е надополнет и со два стола: владичкиот и игуменскиот. И двата стола се дело на истите мајстори – резбари, што го изработиле иконостасот. Владичкиот стол е поставен во средишниот дел на црквата, до десниот стол, свртен со лице кон олтарот. Додека, пак, игуменскиот стол има идентично резбарско украсување како владичкиот, но за разлика од него, над седиштето е поставена икона на Богородица со Христос, а пред нив е претставен Св. Јован Претеча.
ИКОНАТА Иконата носи едноставна и мирна порака. Од самата икона, од лицето на светителот прикажано на неа, се излева една светлина, која носи мир, спокојство и радост. Сето ова ќе го почувствува човекот кога ќе застане пред чудотворната икона на Претечата, која ги пречекува сите поклоници во Бигорскиот манастир. Зрачејќи на влезот во храмот, во сребрен, сјаен оков и преукрасена со дарови од благодарност, поради многубројните чуда, иконата, како непресушен извор, излева благодат која чудотвори. Затоа, монасите кои живееле тука во 19 век, на оковот од иконата, како сведоштво, додале и трета рака, во спомен на чудата што Крстителот ги прави преку неа.
Едно од чудата е и самиот начин на кој иконата му се открила на ктиторот. Таа, според преданието на манастирот, едноставно лебдела во воздухот над изворот со вода, на чие место денес се наоѓаат трите чешми под црквата. Чудо било и нејзиното исчезнување во немирните и тешки времиња, низ кои минувал манастирот. Но, таа секогаш одново се појавувала, сведочејќи за вечно-живиот дух на манастирот.
Така, уште од самиот почеток, иконата не престанала да чудотвори. Неизбројано мноштво намерници, кои пред неа застанале со вера и од срце го помолиле Крстителот, биле услишани, исцелени од болести, утешени. Претечата, преку својата икона, им доаѓал на помош на сите: стари и млади, болни и здрави, православни и иноверци. Како што се нижеле чудата, така се множеле и даровите пред иконата. Секој дар крие вистинита приказна зад себе. Бројните сребрени медалјони во облик на бебе сведочат дека Св. Јован израдувал многу бездетни родители, дарувајќи им деца.
СВЕТИТЕ МОШТИ Благодатта во црквата ја дополнуваат и чудотворните мошти, на бројни жители на Ерусалим, кои се наоѓаат во наосот, во големиот кивот, изработен во 1834 год, како и во олтарот на храмот. На капакот од надворешната страна на кивотот, во медалјон од ковано сребро, е изработено Распетието Христово со Богомајката и Св. Јован, а од внатрешната страна, зографите Михаил и Даниил ги живописале ликовите на светиите, чии мошти се вградени во кивотот. Истите овие ликови се прикажани во сребрена релјефна гравура, претставени во кивотот. Тука се наоѓаат моштите на Св. Јован Крстител, кои се мироточиви и исцелителни, како и оние на Св. Марина, Св. Параскева, Св. Евстатиј, Св. Пантелејмон, Св. Јаков, брат Божји, Св Јулита и Св. Кирик, Св. Трифун и Св. Харалампиј, додека недостигаат моштите на Св. Никита, кои исчезнале во времето на комунизамот. Сите мошти биле донесени од Цариград и биле подарени на манастирот од богати трговци.
Во манастирот се наоѓаат уште и моштите на светителот Агатангел Битолски, кои се чуваат во олтарот на црквата и се изнесуваат на поголеми празници и бденија. Самото доаѓање на моштите во манастирот е поврзано со едно чудо, што светителот го направи, со цел овие мошти да бидат запазени, бидејќи во 1997 година отец Партениј зеде дел од моштите на Св. Агатангел, кои се чуваа во црквата Св. Димитриј во Битола. Две години подоцна, поголемиот дел од моштите, кои останаа во Битола, за жал, беше украден. Така моштите што отец Партениј ги зеде, беа единствени што останаа зачувани во Македонија. Следната година, на барање на споменатата црква, отец Партениј им врати дел од моштите.
Покрај овие мошти, во олтарот се чуваат уште и моштите на Св. Климент, Св. Јован Руски, Св. Стефан, Св. Серафим Саровски, Св. Варвара, Св Лазар Четиридневен, Св. Климентиј и др. Моштите се непроценливо духовно богатство за манастирот, зашто преку нив, овие светители се молитвено и благодатно присутни во храмот.
ИГУМЕНИ Сите игумени во историјата на Бигорскиот манастир се Македонци, претежно од Мијачкиот крај, кои придонеле да се создаде културно-просветно упориште во манастирот.
Прв познат игумен во поновата Бигорска историја е игуменот Иларион, а највлијателниот меѓу игумените е Арсениј, кој придонел за материјалната и духовната надградба на манастирот од 1807 до 1839 год. Тогаш храмот бил доукрасен со прекрасен дрвен иконостас, биле обновени старите конаци, а машката трпезарија била целосно фрескописана. Во 1870 год. по еден подолг период без постојан игумен, со манастирот почнал да раководи игуменот Михаил. Тој се погрижил да го извади манастирот од економската криза во која бил западнат, обидувајќи се да ги исплати манастирските долгови, преку собирање помош од наши верници во соседните земји. Наследникот, пак, на Михаил, епископот Никодим, кој за игумен дошол во 1907 год. не оставил многу траги од своето игуменување, додека за игуменот Партениј се знае дека игуменувал два пати: еднаш во 1912 и подоцна, од 1916 до 1918.
Игуменот Спиридон бил последен игумен на манастирот. Тој бил замонашен на Света Гора, а за собрат на манастирот бил примен во 1901 год. Истата година станал јеромонах, а нешто подоцна бил назначен и за игумен. Овие игумени на Бигорската обител ја вградиле сета своја љубов кон Бога во манастирот.
Архимандрит Партениј