Ова не е текст за харизматичниот крвопиец, тој ќе си добие своја соодветна прилика. Ова е посвета за Nosferatu, првата филмска адаптација на Дракула, и прв филм со вампири. На 4 март 2022 година се одбележија 100 години од европската филмска премиера на Nosferatu во режија на Фридрих Мурнау
МАРИЈАН БОЛТЕВСКИ
Вампирите се добро познат фолклорен и поп културен феномен. Речиси секој е добро запознаен со барем една легенда, или филм, книга, стрип, па и видео игра. Познатите деца на ноќта кои живеат вечен живот благодарејќи на пиењето човечка крв и се кријат од сонцето од страв да не се сторат пепел се овековечени со постојано присуство во културните сфери благодарение на Брам Стокер и неговиот роман Дракула кој излезе на крајот на деветнаесттиот век.
Сепак, ова не е текст за харизматичниот крвопиец, тој ќе си добие своја соодветна прилика. Ова е посвета за Nosferatu, првата филмска адаптација на Дракула, и прв филм со вампири. На 4 март 2022 година се одбележија 100 години од европската филмска премиера на Nosferatu во режија на Фридрих Мурнау, филм со посебно место во хорор и светската кинематографија чие снимање и продукција било проследено со многу проблеми и било неизвесно дали воопшто ќе ја доживее светлината на денот со оглед на тогашните историски настани и последиците од Првата светска војна во Германија и Европа.
Nosferatu бил продуциран од Prana Films, а изборот за име не е случаен: прана на индиски значи здив, животна енергија и како таков дел од индискиот мистицизам е превземен од Албин Грау и Ерик Декман, кои имале амбиција нивното студио да стане познато со продукција на филмови кои го инволвираат паранормалното, натприродното и окултното.
Првичната замисла на дуото на Prana Films во соработка со Мурнау како режисер била Nosferatu да биде директна адаптација на романот Дракула. Но постоел голем страв од тужба во врска со авторски права за книгата кои во тоа време и припаѓале на Флоренс Балкомб, вдовицата на Брам Стокер, по што сценаристот за филмот, Хенрик Галин морал да направи промени за да се избегнат легални битки. И покрај проблемите со авторски права и финансиските состојби на студиото, на крај продукцијата завршила, а Nosferatu ја доживеал својата премиера на 4 март во Германија, поточно во Зоолошката градина на Берлин каде по повод премиерата бил организиран раскошен бал.
Германски Визбург, 1838 година. Томас Хутер е агент на недвижности кој е испратен од Нок, директорот на агенцијата за недвижности во Трансилванија за да склучи договор на имот со грофот Орлок. Орлок има голем интерес за странски недвижнини, со посебна цел да го придобие имотот кој е во непосредна близина на куќата на Хутер. Насетувајќи кариерен успех, Хутер веднаш ја прифаќа понудата, оставајќи соседите да и помагаат на Елена, неговата сопруга, додека не склучи договор со гроф Орлок. Како што поминува низ градчињата и селата низ Трансилванија, тој се среќава со мештаните кои немаат некоја доверба кон странци, но секој го предупредува Хутер на опасностите кои демнеат во темнината, за суштества кои сакаат крв. Хутер не внимава многу на нивните зборови и конечно се запознава со грофот Орлок кој му дава соодветно добредојде. Грофот е најнеобичната човечка појава што Хутер некогаш ја сретнал – Орлок е невообичаено висок, слаб, блед, со згуснати веѓи и оќелавен. И покрај добрите разговори за создавање на идна соработка со фирмата на Хутер, кај Хутер се јавува сомнеж за грофот, а сомнежот расте од ден на ден, сѐ до утрото кога ќе открие две зближени траги од гриз на неговиот врат.
Nosferatu има многу сличности со Дракула, но и покрај тоа има своја уникатност и идентитет. Ова е прв игран филм за вампири, нешто што ќе го стартува трендот на стотици екранизации и адаптации во последните 70 години мешајќи различни жанрови, од сериозни дела до пародии. Затоа не е чудно што ремек делото на Мурнау и ден денес е тема на изучување во програмите на различни филмски факултети во светот и има висок пласман кај многу критичари и медиуми.
Тоа е во ред, но што со пошироката публика? Дали вреди да се одвои саат и пол време за овој филм? Одговорот е – и да и не. Nosferatu е филм кој го издржал забот на времето, но е снимен со технологија и продукција на своето време. Ова е нем филм, со црно-бела слика од прва до последна минута каде не може да се слушне ниту еден збор на актерската постава. Воедно филмот е следен и со стандарната претераност на гестикулации од страна на актерите и актерките со оглед на отсуството на снимен тонски глас (драматизирани движења, експлицитни погледи, драматично фаќање за глава). Единствениот начин за тогашна комуникација е појавата на црн екран каде се напишани дијалозите од сценариото. Воедно, статичната камера и секако отсуство на акција придонесува за сеопштиот впечаток.
Но, што ако и тоа е предноста на Nosferatu? Секако дека црните екрани со реченици од сценариото одвлекува од време на време, но интересно е како секој дел има свој сопствен изглед, каде фонтот варира од човек до човек, од ситуација до ситуација (Хутер има свој ракопис кога се појавува неговиот дел, нарацијата има позаканувачки, готски фонтови кога Орлок дејствува). Камерата е статична, но со многу добро доловени кадри на тогашната германска архитектура, селскиот живот, како и играта со сенки за да се зголеми морничавоста на замокот живеалиште на вампирот.
А Макс Шрек, кој го глуми Орлок, извлекува најмногу што може за да ја долови натприродната закана на вампирот, што поради неговата шминка и двата вештачки очника еден до друг, што поради морничавите движења на неговото тело. Многу сцени кои ги нема во Дракула се направени и во контекст на времето во кое е направен филмот – сцените каде Орлок излегува од својот ковчег за да ги тероризира луѓето, масовната појава на стаорци и колоните погребници се симбол за шпанскиот грип кој масовно ја зафатил Европа после големата војна.
Иако Nosferatu доживеал успех и кај критиката и кај публиката во своето време, тој проект бил првото и последното остварување на Prana Films. Поради финански проблеми и неизбежната тужба на Флоренс Балкомб за повреда на авторски права, бил ставен клуч на вратата на Prana Films, а Nosferatu поминувал низ рацете на различни фирми кои ги имале правата врз него, со многу едитирања на сцени и изгубена музика која била надоместена со други аранжмани, за по неполни 100 години ова остварување да влезе во доменот на јавните права.
Затоа ако имате време, слободно дајте му шанса на првиот филмски вампир каде лесно може да го најдете на многуте канали на YouTube кои се грижат старите филмски класици да не бидат заборавени. Во меѓувреме се шушка дека Роберт Егерс, режисерот на The Witch, The Lighthouse и The Northman сака да направи римејк со Вилијам Дефо и Ања Тејлор Џој.
(Авторот е долгогодишен водител на „Поларис“, емисија за научна фантастика, фантазија и хорор која оди во етерот на Радио МОФ и овој текст е објавен на ова радио).