Што забележала мониторинг групата на Зелена лупа во случајот „Тортура” на судењето на 7 февруари
На последното рочиште за случајот „Тортура” кој е во доказна постапка а го води судијката Александра Ристеска, се сослушаа двајца сведоци предложени од обвинителството.
На самиот почеток на рочиштето, обвинетиот Сашо Мијалков преку неговите адвокати Петар Василев и Љупчо Шврговски, поднесе барање до Судот за да истиот донесе „одбивителна пресуда“ по донесеното мислење од Врховниот Суд.
Судот го одби ваквото барање и се пристапи кон сослушување на сведоците на обвинителството.
Прв сведок беше Далибор Трајковски, кој бил раководител на Алфите во времето кога било апсењето на оштетениот Љубе Бошковски. Тој пред судот изјави дека телефонски бил повикан од обвинетиот Ивица Анчевски Пуки и бил информиран дека ќе има акција за апсење на вооружени лица. Местото на настанот било „Воденица” а за имињата на луѓето кои требале да се апсат му кажал на следната средба, која била на паркингот пред Министерството за економија.
Сведокот посочи дека при апсењето, оштетениот не давал отпор. Со целата акција раководел обвинетиот И. А-Пуки кој наредил да се легнат лицата на земја, иако повторува дека за тоа немало потреба, бидејќи, оштетениот Љубе Бошковски не давал отпор. Неколку пати сведокот повтори дека имало лични дофрлања кон оштетениот од страна на Алфите.
На зборовите кои ги кажал оштетениот Бошковски: „Сашо, Сашо ме намести.. Луѓе што правите” а припадниците од единицата Алфи, сега обвинети му одговориле: „Многу збориш, многу лаеш”. „Прекини да збориш, ќе си лежиш, пцуеш кај што ќе стигнеш”.
Сведокот потврди дека при лишење на слобода на сега оштетениот Бошковски, обвинетиот од Алфите Новица Станковски го извадил пиштолот, иако за тоа немало потреба, бидејќи, лицето не давало отпор и не било вооружено.
За време на сведочењето на овој сведок, обвинетиот Сашо Мијалков гласно дофрлаше зборови, приговараше и вртеше со очите негирајќи ги одговорите на сведокот.
Дел од обвинетите ги користеа своите мобилни телефони на што реагираше судијката Александра Ристеска, со опомена дека ќе ги отстрани од судницата. Адвокатите на одбраната постојано му дофрлаа и вметнуваа свои зборови во изјавата на овој сведок на што одговорот на судијката беше: „Да ве казнувам немам намера а да ве опоменувам стварно е срамота“. Пред повикување на вториот сведок беше дадена кратка пауза од 15 минути, по барање на одбраната, која сакаше да се координира за вкрстено испрашување.
За време на паузата обвинетиот Сашо Мијалков во круг ги собра адвокатите, обвинетите, но и вториот сведок кој требаше да сведочи по паузата. Мијалков им даваше насоки кој може да поставува прашања а кој не може.
По паузата пристапи кон судот вториот сведок на обвинителството Мите Глигоров, вработен во СВР-Скопје. И овој сведок изјави дека добил телефонски повик од обвинетиот Пуки, кој го известил дека се подготвува акција за апсење на лица, местото му било соопштено а за кои лица станува збор подоцна го известил.
Сведокот во еден момент видно вознемирен се обрати кон судот:
„До ден денес имам притисоци од сите страни”.
На прашање од обвинителството кој му ги врши тие притисоци тој одговор: „Додека сум жив нема да одговорам на ова прашање”. Изјави дека притисоците не се од СЈО, туку од друга страна. Видно вознемирен, со треперлив глас едвај одговараше гледајќи во една точка.
На прашањето од обвинителот Љубомир Лапе дали некој од присутните во судница му врши притисок, сведокот одби да одговори и изјави дека се плаши да открие и дека нема да одговори на прашањето.
На барање од СЈО до судот да се прочита изјавата на овој сведок која била дадена по настанот во обвинителството, се со цел да се утврди дека денешната изјава и таа првичната во целина се разликуваат.
Ваквото барање судот го отфрли, иако сметаме дека со читањето на таа изјава и денешната ќе се откриеа многу одговори кои ќе обелоденат од каде доаѓа притисокот на сведокот.
Кога обвинетите дознале дека овој сведок дал изјава во СЈО за целиот настан, телефонски го контактирале и му нуделе адвокат, за што се чудеше и судијката Ристеска бидејќи за сведок не е потребно адвокат.
По негирањето на претходната дадена изјава обвинителството го прогласи овој сведок за непријателски сведок.
На самиот крај обвинетиот Пуки сакаше да постави прашање на овој сведок, на што реагираше гласно обвинетиот Сашо Мијалков, обраќајќи му се со зборовите :
„Абе седи бе, таму бе“.
Од секојдневниот мониторинг на Зелена Лупа може да се видат, слушнат многу меѓусебни дофрлања помеѓу двете спротивставени страни.
Едните си го поддржуваат обвинението, другите ја даваат максимално својата одбрана.
Но, во секој случај судот го има крајниот збор.
Судиите треба да овозможат еднаквост за двете страни. Во овој случај на денешното рочиште, повторно обвинетиот Сашо Мијалков приговараше во својство на адвокат, дофрлаше како на обвинителството така и на сведоците и воопѓшто не доби опомена од судијката Ристеска.
Од мониторингот на Зелена Лупа, неколку пати бевме сведоци на повеќе случаи каде судот изрекуваше казни на адвокатите за нарушување на редот и мирот во судницата и токму тие казни имаа ефект.
Казните се одредуваат таму каде што опомената не се почитувала.
Следното рочиште е закажано за 28.02.2019 од 10 часот и ќе бидат сослушани три сведоци на обвинителството.
Зелена лупа информира а јавноста нека цени.