Не случајно УНЕСКО препорача прво итно спроведување на мораториум, па потоа завршување на планските документи, препорака чие значење повеќе пати беше истакнато од страна на претставникот на регионалната канцеларија на УНЕСКО во Венеција – потстуваат од Еколошко здружение на граѓани Фронт 21/42
Почитувани пратенички и пратеници,
на 21-ви јуни 2017 година – денот на Охридското езеро, Ви ги предадовме картичките со кои над 8000 граѓани на Република Македонија побараа мораториум за инфраструктурни проекти во единственото Светско природно и културно наследство во Македонија и доследно спроведување на Законот за управување со Охридскиот регион.
Денес, точно една година подоцна, на истиот ден посветен на нашето најголемо природно и културно богатство, Ви се обраќаме повторно – со истото барање и уште поголема загриженост.
Тоа што најмногу не загрижува е евидентното избегнување на клучната мерка за спас на единственото УНЕСКО подрачје во нашата земја – итното стопирање на деструкцијата на Исклучителните Универзални Вредности, односно спроведување на приоритетната препорака бр. 6 на Реактивната мониторинг мисија: прогласување на мораториум на сите крајбрежни и урбани трансформации, барем додека не се завршат и спроведат сите релевантни документи. Спроведувањето на оваа мерка ја налага националното законодавство, за истата не се потребни никакви финансиски средства, човечки ресурси, време, итн. – потребна е само политичка волја.
Во изминативе година дена, од последната Одлука на Комитетот за светско наследство до денес, Управниот Одбор на НП „Галичица“, со Одлуката за прекин на постапката за менување на Планот за управување, го направи единственото конкретно реализирање на една од 19те препораки на Мисијата. Останатите чекори, како формирање на работна група за измени и дополнувања на Законот за управување со Охридскиот Регион, Одлуката за спроведување на Стратешка оцена за влијанието врз животната средина на Планот за управување со заштитеното подрачје, итн. – имаат потенцијално големо значење за исполнување на дел од препораките на УНЕСКО, но во отсуство на клучната одлука за итен мораториум,овие активности имаат и голем потенцијал да бидат залудно потрошени финансии и изгубено драгоцено време.
Сакаме да укажеме на фактот дека истовремено, додека дел од институциите се посветени на документите, некои од нив спроведуваат и активности кои се во спротивност со Препораките на Мисијата и последната Одлука на Комитетот за светско наследство:
– Во февруари 2018 Владата усвои информации кои јасно покажуваат планови за продолжување на дел од постоечките проекти како и за нови крајбрежни трансформации;
– Во јуни 2018, на Италијанско – македонскиот бизнис форум, Премиерот покани италијански компании да инвестираат во постоечкиот проект за Коридор VIII, за кој Мисијата има дури три Препораки со кои се бараат суштински измени на трасите;
– Во јуни 2018 Министерството за транспорт и врски објави Нацрт Стратегија за транспорт за период 2018 – 2030, во која не се инкорпорирани гореспоменатите Препораки 1, 2 и 3 за Коридорот VIII;
– Општините Струга и Охрид и понатаму дозволуваат градежни зафати, како трансформации на струшкото крајбрежје, хотелот во Лагадин, итн.
Не случајно УНЕСКО препорача прво итно спроведување на мораториум, па потоа завршување на планските документи, препорака чие значење повеќе пати беше истакнато од страна на претставникот на регионалната канцеларија на УНЕСКО во Венеција – Синиша Шешум, на министерската средба на 6ти јуни 2018, во Охрид. Не само што недвосмислено истакна дека доколку не се спроведе оваа итна препорака останува опасноста Охрид да се најде на Листата на светски наследства во опасност, г. Шешум ги извести македонските власти дека со тоа се загрозува и доведува во прашање тековната номинација на албанската страна на езерото за светско наследство.
Она што можеше да се види од презентацијата на Господинот Шешум е поразителниот факт дека деструкцијата на Исклучителните универзални вредности во Охридскиот регион започнува во деведесеттите години на минатиот век, и зема драматичен замав од 1998 наваму – се до состојбата во која се наоѓа денес. Со други зборови, сите генерации од почетокот на цивилизацијата (Охридското езеро постоело илјадници години пред да се населат првите луѓе на Европскиот континент) до независна Македонија го чувале, негувале и предавале на своите потомци ова исклучително и уникатно богатство на целиот свет – ние сме единствените кои си го уништуваме највредното и доколку не запреме веднаш може да им го одземеме на сите генерации кои доаѓаат после нас.
Апелираме и бараме од Вас, Пратениците во Собранието на Република Македонија да усвоите суштински заклучоци од надзорната расправа за Законот за управување со Охридскиот регион и спроведување на препораките од УНЕСКО – заклучоци кои недвосмислено ќе им наложат на сите засегнати институции итно спроведување на сите препораки, започнувајќи од приоритетните: мораториум за сите крајбрежни и урбани трансформации и справување со илегалните градби. Истовремено Ве потсетуваме дека тоа е Ваша законска и историска обврска кон сите сегашни и идни генерации во Македонија, но и должност кон целиот свет.
ЕДНО Е! ВРЕДНО Е!
Со почит,
Еколошко здружение на граѓани Фронт 21/42