Обвинителството најави дека во наредните две недели ќе ги соопшти резултатите од истрагата за бегството. Ова секако не значи дека ќе и тогаш ќе имаме име на одговорниот или одговорните за овој скандалозен настан. Во меѓувреме се откри дека во Будимпешта имаме уште еден бегалец од правадата – обвинетиот Александар Трајковски, кон кого немало мерки за безбедност
И конечно го видовме. Во средината на мината недела видовме како новинар на Гардијан го фаќа нашиот поранешен премиер Груевски како излегува од периферен хотел во Будимпешта и се упатува на џогирање. Според изгужваните тренерки, кои беа искомен тирани како „евидентно отсуство на мама Нада“ од унгарскиот егзил, јасно е дека тој не се одрекува од вообичаените навики. Потоа двајца папараци од земјата домаќин, која му даде егзил, го фатиле како руча во скап ресторан а потоа тој мораше да бега пред нивните камери во еден Шевролет (полукомби). Опкружен е со бодигарди, но и со типови кои едноставно му прават друштво. Да нема забуна – еден од нив е висок член на ВМРО ДПМНЕ и обвинет за случајот „Шамари“. И тој може да се смета за бегалец. Не се јавувал на телефонот. Работи во Царина, тие таму знаат дека е болен а обвинителството и судот се затечени. Станува збор за Александар Трајковски, советник во Општина Гази Баба. Фајде од ова секако ќе види градоначалникот од СДСМ Георгиевски, кој до сега немаше мнозинство во Советот а сега секако – барем за кусо време, може да смета на некаква пата-пата ситуација. Трајковски ден пред бегството на неговиот партиски шеф, оранизираше и протести со слоганот „Слобода за Никола Груевски“ по што достави и барање до претседателот Ѓорге Иванов да запре прогонот што се води врз ВМРО-ДПМНЕ. Засега не може да се подигне меѓунродно барање против него бидејќи отсуството официјално не било констатирано до сега од наши органи. Кога тоа ќе стане званично, тогаш може да се испорача потерница и за Трајковски.
Но, оваа слика покажува дека Груевски има врска со партијата и се јавува, на симболичен начин, како некаква „пчела матица“ за оние кои не сакаат да се појават пред лицето на правдата.
Јасно, основното прашање – кога, како, и со чија помош Никола Груевски побегна во Унгарија си останува отворено. На овие клучни прашања надлежните – Владата, МВР и Обвинителството и по еден месец од бегството се уште немаат конкретни одговори. Обвинителството практично само го одложи својот дел од одгворот за уште две недели, не баре треба да ја решава Рубиковата коцка.
Обвинителството во средата (12.12) најави дека најдоцна за петанесетина дена ќе ја информира јавноста за резултатите од истрагата за бегството на поранешниот премиер, правосилно осуден на двегодишна затворска казна. Наредната недела, тим од Обвинителството ќе замине за Црна Гора да ги подигне снимиките од безбедносните камери на граничниот премин преку кој Груевски преминал во Србија, а побарано е и од Албанија да го стори истото. Обвинителката Вилма Русковска соопшти дека прегледувањето на снимките од граничните премини со Албанија е речиси при крај.
„ Добивме информација од колегите од Црна Гора дека ги прибрале сите снимки кои ни се потребни и во понеделник или вторник ќе одиме да ги преземеме. Колегата вчера ургираше во Албанија да ни се достават што поскоро материјалите што тие ги имаат, изјави Рускоска.
Судскиот совет формираше работна група, која изврши работна посета во Основниот суд Скопје 1, за да го види предметот и постапувањето на судијата.
„Работната група по извршениот увид во списите на предметот констатира дека по предметот е постапувано со исклучителна итност и исклучително почитување на законските рокови, односно постапувано е професионално и стручо од страна на судијата за извршување санкции и постапката е спроведена во рамки на законот, односно согласно Законот за извршување на санкции“, се вели во соопштението на Судскиот совет на Македонија.
Обвинителката Русковска рече дека ја видела фотографијата и најави дека ќе преземат активности за да утврдат од каде потекнува и кој ја сликал, но и дека ќе го повика Трајковски на распит.
„Во Обвинителството ќе бидат повикани сите за кои се смета дека можат да дадат одредени информации во врска со бегството на Груевски. Досега се сослушани членовите на неговото обезбедување“, рече Русковска.
Унгарските власти без одговор на барањето за екстрадиција кое беше доставено пред дваесетина дена.
„ Ние се уште немаме добиено ништо од Унгарија во поглед на нашето барање за екстрадиција. Сепак, оние пристојни рокови не се изминати. Ќе чекаме одредено време и доколку после тоа не добиеме одговор ќе испратиме ургенција“, изјави Рената Дескоска, министер за правда.