БЕСА АРИФИ
Ако се работеше за поинаква група на демонстранти, еве на пример радикални националисти Албанци или радикални муслимани, кои би го направиле тоа што беше направено на 27 април, никој немаше да има проблем да утврди дека тоа било терористичко дело
Пред некоја вечер се одбележуваше холандскиот празник Ден на Кралот. Меѓу разнобојните лалиња и релаксираната атмосфера на приемот организиран од Холандската амбасада во Скопје, се сетив дека минатата година истата таа прослава беше закажана да се одржи вечерта на 27 Април. Забележав дека многу од присутните гости на актуелниот настан се сеќаваа токму на овој факт, на долгиот пат кој претходеше како и на долгиот пат на опоравување после тој крвав четврток.
Тој ден ќе остaне незаборавен. Долго време веќе се посочувавме како негативен пример од страна на развиените демократии во светот. Повеќе од година дена имаа поминато од помилувањата на Иванов кои го зачудија светот со нивната абсурдност и нескриената цел да се спречи правдата и носењето на одговорност за тешки кривични дела. Веќе подолго време јасно покажувавме на светот како институционално се саботира правдата преку блокирање на работата на СЈО.
Нашите закони зачудуваа со абсурдните решенија преку кои судсtвото цврсто се држеше под контрола на извршната власт. И на крај, тој ден се навршуваа речиси три месеци од почетокот на протесите за „заедничка” но етнички „чиста” Македонија кои резултираа во радикализација и потпалување на граѓаните и имаа јасна цел да попречат мирен трансфер на власта. Повеќе од две месеци парламентарното мнозинство беше попречено да избере Претседател на Собрание и со тоа да се заклучи конститутивната седница која за прв пат во историјата на државата траеше со месеци.
Сите претходно наброени абсурди еруптираа како вулкан попладнето на 27 Април. Тоа беше страшна глетка на типичен случај на насилен екстремизам, затоа воопшто не е чудно што во обвинителниот акт овој случај се квалификува како Терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста од член 313 на КЗРМ.
Три се главните елементи на законското битие на ова дело: намерата на загрозување на уставниот поредок, употребата на сила и предизвикувањето на чувство на страв и несигурност кај граѓаните.
Повеќето се согласни дека првите два елементи на делото беа присутни. Уставниот поредок на земјата предвидува мирен трансфер на власта после демократски избори преку создавање на ново парламентарно мнозинство кое бира нов претседател на Собрание и нова Влада. Намерата тоа да се спречи беше јасно поставена како цел уште многу порано од критичната вечер. Употребата на сила беше исто така јасна: Никој не може да негира дека влегувањето во Собрание тој ден беше насилно. Сепак, има такви кои не го признаваат третиот елемент на делото кој го додава елементот на тероризам во истото. Тие што имаат такви дилеми нека се сетат како се чувствувавме сите, како граѓани на ова држава вечерта на 27 Април 2017 година.
Има ли некој што може да негира дека чуствуваше чист страв следејќи го во живо тоа што се случуваше тој ден во Собрание? Има ли некој кој може да тврди дека не чустстувал несигурност за тоа што ќе следи потоа и каде ќе биде крајот на тие случувања? Има ли такви кои не почуствуваа страв дека ова е почеток на нова и опасна граѓанска војна? Не верувам дека некој може да каже дека не почуствувал ништо од ова таа крвава вечер. А сепак, слушајќи некои релативизатори се добива чуство дека таа вечер, демонстрантите и лицата со качулки реализираа обична посета на Собранието по повот отворените денови на оваа институција! Со сигурност тврдам дека ако се работеше за поинаква група на демонстранти, еве на пример радикални националисти Албанци или радикални муслимани, кои би го направиле тоа што беше направено на 27 април, никој немаше да има проблем да утврди дека тоа било терористичко дело. Сепак, за некои лица, се е до перцепцијата.
Тоа што се случи пред една година на 27 Април ги има сите елементи на законското битие на делото Терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста. Треба да се појасни дека се работи за комплексно казнено дело кое се извршува во повеќе фази.
Првата фаза е мисловната фаза на донесување на одлука да се стори делото, втората фаза е вербалното изразување на таа умисла, третата фазае подготвувањето на делото, четвртатафаза е обидот да се изврши делото и петтата фаза е самото извршување на делото. Може да има и шеста фаза на делотворно каење за извршеното дело, но истата не мора да постои кај сите сторители. Не сите кривични дела поминуваат низ сите овие фази, меѓутоа, потешките и умислените кривични дела вообичаено ги имаат повеќето од овие фази, затоа и нивното казнување се прави фаза по фаза, така делото може да се казнува уште во вербалната фаза во вид на злосторство од омраза или пак од подготвителната фаза, во вид на казниви подготвителни дејствија на делото. Сепак, ако делото целосно се извршува, сторителите не се казнуваат за претходните фази туку за самото крајно извршување на делото.
27 Април ја претставува само петтата фаза на извршување на дело кое претходно поминало низ сите други фази кои се случија порано.
Не може со точност да се определи моментот на донесување на одлуката да се изврши делото на загрозување на уставниот поредок на земјата преку употреба на насилство и напад врз безбедноста на граѓаните. Како и да е, да останеше делото само во таа мисловна фаза секако дека ќе беше неказниво бидејќи за мислење човекот не се казнува.
Проблемот настанува кога таквата умисла почнува јавно да се изразува и тоа веќе само по себе претставува извршување на неколку кривични дела: повикување на вооружен бунт, предизвикување на нетрпеливост, поделба и раздор меѓу граѓаните, и уште некои дела кои се сведуваат на самото изразување на таквата волја. А тоа, за разлика од моментот на донесување на одлуката за извршување на ова дело, може точно да се определи кога настапи.
Уште на протестите пред ДИК во декември веќе почна да се изрази таа волја бидејќи во истите освен намерата на попречување на создавањето на новото парламентарно мнозинство имаше и јасен говор на омраза и дела од омраза. Да останеше делото од 27 Април само во фаза на потпалување на граѓаните и повикување да влезат во Собрание, што всушност се случуваше за време на протестите За заедничка Македонија, тогаш на организаторите и тие што држеа говори ќе им се судеше за такви полесни кривични дела. Меѓутоа за жал делото не остана во таа фаза туку напредуваше во наредните фази.
Кај подготвувањето на кривичното дело како фаза која е опишана во КЗРМ како набавување на средства и подготвување на терен за извршување на делото јасно се кажува дека во однос на делото од член 313 на КЗРМ подготвителните дејствија се казниви. Подготвително дејствие во ова дело беше создавањето на атмосфера за извршување на истото преку радикализација на населението. Не е едноставна и секојдневна работа насилниот влез во Собрание како што се случи на 27 април. За да се дојде до таа фаза мора да има долга подготовка која се правеше дел јавно, преку подигнување на страстите преку протестите, а дел тајно, преку паралелно функционирање на безбедносните структури на државата. За да се донесат протестантите до таа точка да се осмелат да влезат насилно во највисоката државна институција мора да се работи долго на нивната радикализација. Затоа ова фаза, иако подготвителна, е клучна фаза во целиот процес, бидејќи без неа, демонстрантите, а со нив и лицата во качулки, тешко дека ќе стигнеа до местото на настанот на делото. Затоа се казниви ваквите дејствија иако се подготвителни и доздаваат само услови и терен да се изврши главното дејствие. Да останеше делото во фаза на подготвување, сторителите откако ќе беа прогласени виновни ќе се казнеа за подготвителни дејствија.
Меѓутoa во случајов не се работи веќе ни за подготовка ниту пак за обид туку за извршено умислено дело кое ги консумира сите претходно објаснети фази. Затоа е јасно зошто сите обвинети се за истото кривично дело. Финалното извршување на делото во кое тие наводно учествувале ги консумира претходните фази во кои тие имале соодветно поделени улоги.
Тоа што се случи на 27 Април минатата година е школски пример преку кој студентите по право можат најдобро да разберат кои се фазите на сторување на едно умислено кривично дело како и кои се облиците на учество на повеќе лица во извршувањето на делото.
Во тие рамки, КЗРМ познава соизвршителство во делото и соучесништво во вид на поттикнување или помагање на делото. Повеќето обвинети во овој случај се обвинуваат за соизвршителство во делото од член 313, а само двајца се обвинуваат за помагање. Притоа треба да се разјасни разликата меѓу поттикнувањето или помагањето на делото и нејзиното извршување од повеќе лица.
Соизвршителите имаат заедничка умисла за делото и истото го сакаат како свое, како автори на делото. Соизвршителите не мора да ги преземат заеднички сите дејствија на делото. Тие вообичаено ги делат улогите. Поделбата на улогите значи дека некој од нив може да биде поактивен во првите фази на делото а друг може да биде поактивен во последните фази на делото. Сепак сите тие остануваат соизвршители на делото. Така, доколку некој бил поактивно вклучен во подготвувањето на теренот за нападот врз Собранието и пратениците и дента да влегол насилно со другите внатре, и тоа него го прави соизвршител а не помагач на делото бидејќи јасно покажал авторство врз делото. Типични соизвршители се и пратениците кои наводно, според објавените снимки, ги отвориле вратите одвнатре и ги упатувале насилниците во Прес салата. Нивниот придонес е клучен елемент на соизвршителството бидејќи истиот го овозможил сторувањето на делото, иако тие пратеници физички не нападнале никого.
Помагањето или поттикнувањето на делото се разликува по тоа што таму соучесникот нема авторство врз делото туку истото го сака како туѓо дело а не како свое. Работа на обвинителството секако е да докаже дека сите инволвирани во делото а опфатени во обвинението се соизвршители односно соучесници во истото.
Работа на обвинителството е секако и наоѓање на главните идеатори и клучни организатори на делото. И всушност овој елемент е главниот пропуст на обвинението за ова кривично дело.
Обвинението за настаните од 27 Април минатата година има две битни пропусти:
прво, се концентрира само на неколку часа од тој ден а пропушта јасно да ги опише претходните фази на делото кои објаснуваат многу работи, и
второ, не го опфаќа врвот на организаторите на делото.
Објаснувањето дека настаните почнале после повик од непознато лице од Виена без да се каже кој бил тој, иако ноторен факт е кој беше во Виена тој ден, е навистина навреда на интелигенцијата на човекот. Тоа единствено може да се сведе на обидот да се амнестира врвот на организаторите на делото. Фактот што многу скоро после објавувањето на обвинението опозицијата се врати во Собрание и вети конструктивен придонес и поддршка во реформските процеси кажува многу. Пред се кажува дека врвното спроведување на правдата повторно некако се жртвуваше во алтарот на политиката каде како во аукција, врвните организатори за сега успеаја да се проценкаат за својата слобода. И така, како и досега, директните извршители на делото и на наредбите ќе бидат дежурните виновници, освен ако одлучат да не висат одделно туку да пропеат.