Глобус-Неделен весник

  • Македонија
  • Свет
  • Ревија
  • Архива
  • Контакт
  • Фељтон
  • Колумни

ЕДНА ГОДИНА ПО РЕФЕРЕНДУМОТ: ИМА ЛИ СОНЦЕ ВО ЗЕМЈАТА НА МЕДОТ?

October 7, 2019 Filed Under: Македонија

Денес, една година по референдумот за промена на името како услов да влеземе во НАТО и ЕУ истите тие луѓе кои не излегоа на гласањето или поголем дел од нив велат „не излеговме, бидејќи, знаевме дека работите некако ќе се средат“, мислејќи на некакво волшебно стапче кое ќе ни овозможи да го носиме оклопот на фалангата на себе, ама со надеж дека ќе бидеме постојано туркани „присилно“ некаде напред, можеби се до освојувањето на Марс, за промена во вселенски скафандри, на пример, што треба да им се случат на нашите внуци

ЉУБОМИР КОСТОВСКИ

ТРГНУВАМЕ Не се бега само од сиромаштијата, туку и од спорото движење на работите

Мора да признаам дека нема ден а да не им завидум на младите кои си заминуваат на нивната храброст и лефтерност со која се решаваат да ја пресечат паочната врска со соседите, пријателите, роднините кои како дел од видливата и заматена толпа на Тврдокорните им го убиваат секој ден со својата гусласка свирка. Иселениците на свој начин им го кажуваат својот одговор на овие трубадури, со билет во рака, дека не сакаат да живеат крај нив. Oдлучиле дека не сакаат да го потрошат едниот, единствен живот во мачен соживот со исфрлени мекотели од океанот на бесмислата а кои после секоја ноќ, мината во пијанката на патриотскиот хермес, немаат никогаш одговор – а што сега, што понатаму? Што ќе им понудат на следните генерации?

Tие, Тврдокорните и нивните имитатори мислат дека тоа што го немаат одговорот за она што треба да се случи утре, се должи на менталитетот што како кафеански мамурлак им ги мати визурите и им го одалечува хоризонтот. Па место преземање на соодговорност за состојбите тие се готват за уште една забава во стилот – што полошо, тоа подобро.

Навистина Македонецот, ако добро се размисли, постојано е под пресија на опортунитетот кон приклучување кон историјата што треба да се создава, па се согласуваат за чмаење во подрумот на историјата што веќе се случила и која како смисол на опстојувањето наликува на зимница што лесно се троши или уште подобро – се расипува, ја мувлосува атмосферата и ја загадува животната средина.

Само последните десет години ги имавме малтретирањата и непријатните политички дијалози наречени Пржино 1, Пржино 2, па опортунитет кон признавање на постизборната ситуација од 2016 година, па насилство во Парламентот на 27 април 2017 година … и веројатно ќе пропуштиме многу слични случки кои ве прават да се чувствувате како качени на врелешка која никако да застане! И референдумот беше еден таков ден кога сте свесни дека сте опкружени со заробениот ум на голем дел од населението, дека постои контролирано движење и изјаснување додека одите кон гласачкото место по празните улици – тоа се оние денови кога оние зад затворените врати се во филмот „Мама Хуанита“, опиени од патриотизмот не знаат што после оној потрошен „еден ден на живот“, после кој, ако нема промени – нема ништо!

Денес, една година потоа, истите тие луѓе или поголем дел од нив велат „не излеговме, бидејќи, знаевме дека работите некако ќе се средат“, мислејќи на некакво волшебно стапче кое ќе ни овозможи ем да го носиме оклопот на фалангата на себе, ама со надеж дека ќе бидеме туркани „присилно“ некаде напред, се до освојувањето на Марс во вселенски скафандри, на пример, кои треба да им се случат на нашите внуци. Или на децата на нашите внуци!

Еве и сега, спроти датумот пред кој стрепиме, одлуката што во Брисел треба да ја донесе Унијата на 15 октомври, некои сили кои одамна не окупирале на еден сајбер начин, ни приредуваат нови кошмари, конфузии и безредија, како сопки кои додатно ќе не прават да се чувствуваме фатени во некој непријатен танц со болеро ритам. Те ќе штрајкуваат шумските полицајци, кои не фатија ниту еден потпалувач на шумите, ниту го спречија масовното сечење на дрвјата, но затоа качени во своите мерцедеси ќе се перчат на скопските улици дека ќе бараат плати повиски за 25 отсто. Ќе го бараат невозможното само за да си долеваат бензин во пламените јазици кои ќе ни ги донесат со себе, каако приколка прикачена за комитскиот комплекс. Слично ни го готви и познатиот привезок на црвено-црната партија Неделков од СОНК кој се заканува со генерален штрајк во образованието, како и секогаш во поновата историја на земјава, кога и е најтешко и кога таа брефтала под товарот на настаните кои навистина загрижувале. И тој го бара невозможното – да добиеле покачување од 25 отсто… сметајќи на владата која во овој предизборен период е и со погледи кон превртливиот Брисел и е зафатена со атерџиска треска.

Еден новинар на Сител, кој ги коментира насловите и теклстовите во дневните весници во утринската емисија, со фломастерот го брише она „Северна“ што како додавката од понов датум стои како официјалното име! Гледав едно интервју во ТВ Сонце („Јади бурек“) каде гостуваше сопственикот на телевизијата Џорџ Атанасовски и каде на директно „цинкарење“ на гледач (контактна емисија е нели) се отвори дебата за двајца новинари кои на истата фрекфенција го користеле официјалното, уставно име на земјава и дека тие треба веднаш да ја изгубат работата. Атанасовски не ги бранеше новинарите, туку се жалеше дека од адресата каде што живее (Флорида) не може да ја следи програмата (демек, тогаш не би се случувале вакви работи) а водителот на програмата Јанко Јади Бурек ги бранеше колегите дека тоа го сториле рефлексивно, од невнимателност…

Ова се додатни илустрации на хаосот кој во земјата го создава големата поделеност на народот и која секако си има своја централа од каде се поттикнува. Некои велат дека таа и не е во земјава, туку дека има кабел се до Санкт Петерсбург и тамошниот Институт за истражување на Интернетот.

Дека работите си стојат во место и во регионот покажува дека и од другата страна на линијата Богородица-Евзони работите главно не се менуваат во менталитетот на оние кои даваат отпор на Договорот од Преспа. Премиерите Заев и Мицотакис пред две недели имаа средба на која, меѓу другото, грчкиот премиер Мицотакис изјави дека тој не би го потпишал Преспанскиот договор, но дека сепак ќе го почитува неговото спроведување. Многу поконкретен беше неодамна новиот градоначалник на Солун, оној кој го замени Бутарис, инаку еден од промоторите на новите односи меѓу двата соседи. Станува збор за Константинос Зевас, чие име допрва ќе го сретнуваме а кој јасно назначи дека не го сака името Северна Македонија и смета дека Договорот од Преспа е лош договор по неговата земја.

Има ли некаква утеха во оваа ситуација која се одбележува една година после референдумот околу промена на името, на кој излегоа 666 илјади гласачи од кои 609. 813 илјади гласаа „за“ промената? Остана ли таа математичка поделба во ткивото на нацијата?

Љупчо Петковски кој е извршен директор на „Евротинк“ вели за еден медиум дека Преспанскиот договор решава прашања што не се надминуваат преку ноќ.

„Не се само пет правни норми, туку тоа ќе трае децении. Практично тој договор се уште е бебе. Се уште не е прифатен од граѓаните на двете држави и може да им прави проблеми на политичарите во двете земји“ – вели Петковски.

ДОСТА Е Овие немаат време за чекање, можеби некој серпак ќе се врати

„Во политичка смисла во имплементацијата на политичкиот договор најважна е политичката волја. Во таа смисла, главната порака на Мицотакис е дека тој не би го потпишал договорот, но ќе го почитува. Северна Македонија да се држи до она што е потпишано бидејќи тоа е единствениот начин Мицотакис да се придржува до Договорот“ вели политичкиот аналитичар Петар Арсовски.

Арсовски вели дека она што останува да биде променето се трговските марки и имињата на спомениците.И тоа ќе биде додатна коска во грлото – над 4,500 компании во Грција содржат „Македонија“ или „македонски“ во својот назив. Во нашата држава над 3.300 фирми имаат „Македонија“ или „македонски“ – вели Ѓорѓи Филипов од Меѓународната група на експерти за трговските марки, комерцијалните имиња и заштитните знаци.

Но, сите тие проблеми не мора да се решат веднаш. Она што како последица која е трајна ја притиска земјава е заминувањето на оние делови од новите генерации кои не можат да го поднесат тоа постојано лебдење на пржинските преговори како феномен на одолговлекување на решавање на проблемите и опасност да останеме во некаква лимбо ситуација.

А лесно можеме да бидеме земја на сонцето и медот!

 

 

Filed Under: Македонија

ГЛОБАЛНО ИСТРАЖУВАЊЕ: КАКО ВИ ОДИ РАБОТАТА?
ИЗЛЕЗЕ НОВИОТ ИЗВЕШТАЈ НА РЕПОРТЕРИ БЕЗ ГРАНИЦА: МАКЕДОНИЈА ИМА ПАД ОД ШЕСТ МЕСТА, СРБИЈА НА МИНИМУМ
ЦРВЕН КРСТ: ХУМАНИТАРНИТЕ ОПЕРАЦИИ ВО ПОЈАСОТ ГАЗА НА РАБОТ НА КОЛАПС
ПРЕВИРАЊА ВО ВЕЛИКА БРИТАНИЈА: СОЈУЗНИКОТ НА ТРАМП ВО ПОЛИТИЧКИ ПОДЕМ
ТАНЦОТ ЗБОРУВА КОГА ЗБОРОВИТЕ МОЛЧАТ – ТАНЦ ФЕСТ СКОПЈЕ ГО ОТВОРИ СВОЕТО 21. ИЗДАНИЕ

Најново

  • ГЛОБАЛНО ИСТРАЖУВАЊЕ: КАКО ВИ ОДИ РАБОТАТА?
  • ИЗЛЕЗЕ НОВИОТ ИЗВЕШТАЈ НА РЕПОРТЕРИ БЕЗ ГРАНИЦА: МАКЕДОНИЈА ИМА ПАД ОД ШЕСТ МЕСТА, СРБИЈА НА МИНИМУМ
  • ЦРВЕН КРСТ: ХУМАНИТАРНИТЕ ОПЕРАЦИИ ВО ПОЈАСОТ ГАЗА НА РАБОТ НА КОЛАПС

Импресум

Издавач - Здружение за нови политики и слобода на медиуми "Јавност" - Скопје,

Партизански одреди 23/1/3 Скопје

globus@globusmagazin.com.mk

Барај

Сите права задржани© 2025 · ГЛОБУС · Log in

Developed by Unet