АЛЕКСАНДАР ЛИТОВСКИ
Олигархија преку грофтањето од својата однегувана интелектуална елита во свињарникот нарекуван „независен медиумски простор“, како и преку затапувачкиот болонски процес на образование, го заглушија и задушија било кое друго размислување и резонирање
Сократ го погуби „демократијата“, која за него беше само обично и некомпетентно владеење на толпата. Се зборува дека тој ист Сократ, во моментите пред да биде погубен, поучуваше дека „треба да се филозофира толку долго додека не почнат да бидат сметани војсководачите за гоничи на магариња“. Слично е и денес: треба долго да се зборува додека не се демаскираат политичарите како обични слуги на олигарсите и треба уште подолг и упорен интелектуален и политички ангажман за да се разголи и делегимитизира оваа денешна, во основа, човекојадна цивилизација која умира и која, заради остварување профит за малкумина, еколошки целосно ја девастира планетата. Впрочем, на сите просечно разумни човечки суштества, им е совршено јасно дека нашите дни се крунисани со бодликави жици и дека единствено добри и полезни се за „една рака“ плезиосауруси (змија-гуштер со големна до 300 м. живее во вода пред околу 200 милиони години) /кај Крлежа: ихтиносаури (риба-гуштер)/ кои се стопани на светот и кои се хранат со идеите и идеалите на либерализмот, фашизмот, крвта и потта на милјардите закрепостени луѓе.
Во медиумите, на глобално ниво, денес е жестоко и безмилосно поплукано се’ што мисли поинаку од идеалите на либерално-фашистичката олигархија. Таа преку грофтањето од својата однегувана интелектуална елита во свињарникот нарекуван „независен медиумски простор“, како и преку затапувачкиот болонски процес на образование, го заглушија и задушија било кое друго размислување и резонирање (а, не искажување), па се чини дека умот „работи во лер“ и не е способен воопшто рационално да резонира. Скоро сите медиуми, телевизиски, пишувани и електронски, се претворени во оружје кое ја убива свеста и совеста со најблесава и најнеморална панаѓурска пропаганда, втемелена врз бескрајното масовно преповторување на лаги, безначајни баналности и перверзии, како и фаворизирање на идеологијата на десниот неолиберален популизам и конзервативизмот на христијанството. И додека праведниците се приморани да се притајат во својот срам заради својата правдољубивост и чесност, крвничката и антихумана лудост пирува во бунилото на глобалната идеолошка победа, а под триумфалните порти од Вашингтон до Варшава и Токио славодобитнички вреска толпа од крупни тајкуни и нивни ситни интелектуални прислужници.
Денес (2019) кога постои сеопшт распад на поимите и разголеност на медиумите како пропагандни труби на програмско-практична и идејна мизантропија и омраза кон вистината, еднаквоста и правдата, значи во еден таков свет, само оние кои се луди, не се засегнати од колективното лудило кое го предизвикуваат медиумите, културата и образованието. Впрочем, уште вонсерискиот американски писател Филип К. Дик јасно и исправно прецизирал дека: „Основната алатка за манипулација на реалноста е манипулација со зборовите. Ако можете да го контролирате значењето на зборовите, можете да ги контролирате луѓето кои мора да ги користат.“
Комплетно изградената и востановена десничарско-тоталитарна атмосфера може да се види секојдневно, на пример, преку отварањето на медиумски теми и дебати по потреба на стопаните на светот, па како под команда сите известуваат и се загрижени за состојбата во Венецуела и „зулумите“ на Николас Мадуро, па преку ноќ таа тема се заборава и лош „дечко“ станува Ким Џонг Ун, за набрзо, откако нешто „Фармерот“ ќе се договори со него, тема за неколку недели да стане Сирија и Башар ал Асад, додека ширењето на страв и одбивност кон „комунистичките“ Русија и Кина се константа, која секојдневно се „одржува во живот“ на долг период. Секако, повторно по наредба, се игнорираат случувањата кои не се во прилог на „демократскиот“ свет. На пример, за најголемата војна која денес се води и во која страдаат огромен број на цивили, онаа во Јемен, каде до „лакти“ се окрвавени рацете на блискоисточните евро-американски сојузници предводени од Саудиска Арабија, ниту ќе ви зборуваат секојдневно за нивната „демократијата“ оти тоа може да ги загрози големите бизниси на оној кловн во Белата куќа и неговите газди од редовите на олигархијата. И токму таму некаде завршуваат сите приказни за „демократијата“ и започнува „едноумието“ и безумието!