БОРЧЕ ТРЕНОВСКИ
За најголем дел од економските концепции е тешко да се направи консензус помеѓу економистите и да се обидете да убедите друг автор во своите резултати. Ова го кажувам со цел да се укажам на апсурдноста на барањата од историската комисија да прифати ултимативна вистина и тоа на тлото на историјата
Во контекст на нашиот историски спор со Бугарија – пред се за работата на историската комисија која е во центарот на проблемот и решението – ќе се обидам да направам една економска аналогија.
Веќе 15 години меѓу другото во рамките на факултетот работам на предметот Развој на економската мисла, предмет кој покрај тоа што ги „плаши“ најголем дел од студентите е специфичен и по други работи. Станува збор за предмет кој го елаборира развојот на економската мисла и корените на најголем дел од клучните економски теории во светот.
Прво, забелешка е што за оваа дисциплина нема класичен учебник (како што има за Маркетинг, Менаџмент итн.), туку постојат повеќе книги/учебници кои согласно своите видувања прават сублимат на економски теории и автори и кои можат значајно да се разликуваат помеѓу себе – а претставуваат репрезенти на економската наука (според конкретниот автор). Посебно интересно е што определени тези и теории често можат да ја сменат својата страна и да се докаже спротивното од друг автор во друго време.
Меѓутоа, за најголем дел од економските концепции е тешко да се направи консензус помеѓу економистите и да се обидете да убедите друг автор во своите резултати, кога тој веќе направил и свое истражување – кога зборуваме и го декларираме нашиот став (научен наод) се повикуваме на сите претходно што биле „за“, или „против“ истиот.
Како пример може да наведеме дека се’ уште се прават истражувања, се бранат научни докторати кои ги бараат причините или ефектите од Големата економска криза 1930 година. Ова го кажувам со цел да се укажам на апсурдноста на барањата од историската комисија да прифати ултимативна вистина и тоа на тлото на историјата.
Економијата во споредба со историјата е поегзактна наука, има цели бази на секундарни податоци, емпириски индикатори, точни економски варијабли и се уште немаме консензус помеѓу економистите за голем дел од клучните економски прашања – како тогаш сакате да има консензус помеѓу историчарите, и тоа за проблеми/дилеми за кои изворите на податоци и толкувањето на истите се далеку од прецизноста која постои во економските дисциплини. Можни се генерални консензуси во определени рамки во кои може да има различни толкувања и прифаќање на научна логика која често нема прецизен одговор.
Што ако некој истражувач во иднина докаже дека политичко – историски договорената позиција, утврдена од некоја историска комисија нема врска со најновите пронајдени докази и факти и дека и двете страни грешат?
(Борче Треновски е доктор по економски науки, професор на Економски факултет – Скопје, УКИМ. Ова е извадок од подолг текст за тековните односи со Бугарија)