Глобус-Неделен весник

  • Македонија
  • Свет
  • Ревија
  • Архива
  • Контакт
  • Фељтон
  • Колумни

ЕКСТРЕМНИ ТЕМПЕРАТУРИ: ЕВРОПА СТРАВУВА ДА НЕ СЕ ПОВТОРИ 2003 ГОДИНА

August 6, 2025 Filed Under: Ревија

Третиот голем топлотен бран од ова лето моментално ги погодува јужна и југоисточна Европа и Балканот, оставајќи зад себе низа последици, од пожари, суша, до човечки жртви. Лекарите секојдневно предупредуваат дека старите лица и децата не треба да поминуваат време надвор, а смртни случаи се пријавени во неколку земји. Во Италија, Грција, Турција, но и на Балканот, температурата се искачува на 45 степени Целзиусови

ПРВА ПОМОШ Екипите на Црвениот крст станаа секојдневие на улиците во Европа

Најмалку пет смртни случаи поврзани со топлотниот бран се потврдени во Италија, а црвените временски предупредувања се активирани во неколку градови, вклучувајќи ги Палермо, Неапол и Рим. Повеќе од 30 степени беа измерени на Сицилија во среда предпладне, додека во текот на денот, во попладневните часови, температурата достигна над 40 степени.

Според локалните медиуми, сите смртни случаи се регистрирани во регионот Апулија, во рок од само 24 часа. Меѓу починатите има постари граѓани, како и деветнаесетгодишно девојче од Модена кое било на одмор со своето семејство на југот на Италија.

Некои се струполиле на плажа, други во вода или на брод, а обидите за реанимација во неколку случаи не дале резултати. Регионот Саленто бил особено погоден, каде што температурите веќе надминале 35 степени наутро, а се искачиле до екстремни вредности во текот на денот.

Врвот на топлотниот бран во Турција беше со повеќе од 45 степени

Сè поизразен топлотен бран е регистриран во Турција од средината на јули, а температурите достигнале рекордни вредности во последните денови. Според предупредувањата на метеоролозите, врвот се очекуваше на 25 и 26 јули, кога во некои области би можеа да се забележат над 45 степени, а не е исклучена можноста за надминување на претходната рекордна вредност од 49,5 степени, јавуваат локалните медиуми.

Најголем ризик во моментов постои во внатрешноста на Егејското Море и на југот од земјата, каде што во некои градови е забележан максимум од 45,4 степени, додека на неколку локации во Истанбул се измерени над 40 степени.

ТОПЛИНСКА СЛИКА Подносливо само на врвовите на Алпите, доста над 2.000 метри!

Турските метеоролози предупредуваат дека сегашниот бран е резултат на силниот топол воздух што доаѓа од Северна Африка, кој, откако се движеше низ Тунис и Либија, директно се прелеа во источниот Медитеран. Иако се очекува мало олабавување по 28 јули, тоа не се толкува како вистинско заладување – дневните температури сепак ќе останат над 32 степени, а ноќите ќе останат топли, со честа појава на таканаречени „тропски ноќи“, во кои температурата не паѓа под 20 степени (оваа прогноза се покажа точна – н.з.)

Загрижува и најавата за нов топлотен бран на почетокот на август, кој, според најавите, би можел да донесе уште повисоки температури од сегашните. Во исто време, не се очекуваат врнежи од дожд во наредните денови, што дополнително ја влошува сувата состојба во голем дел од земјата. Поради зголемената потрошувачка и намалените резерви, експертите повикуваат на внимателно управување со водните ресурси.

Акропот во Грција е затворен, забранети се работи на отворено

Во Грција, жештината ги принуди властите повторно да затворат знаменитости како што е Акропол во најжешкиот дел од денот. Владата донесе одлука за привремено прекинување на работата за вработените во испораката, градежништвото и земјоделството во периоди кога температурите се највисоки.

Најновиот топлотен бран, најсилниот ова лето, донесе температури до 43 степени во континенталниот дел од земјата, а во Атина, во текот на најжешкиот ден, се очекуваат до 42 степени во центарот на градот. Особено погодени региони се Тесалија, Источна Централна Грција и Пелопонез, додека одредени области, како што се Илија, Месинија и Ахаја, се на „портокалово“ ниво на предупредување поради екстремен ризик од пожар. Премиерот Киријакос Мицотакис го претстави националниот план за вода, кој планира реформа на моделот за управување со водите.

Ситуацијата е дополнително влошена од силните северни ветрови во Егејот и високата влажност, при што термалните камери снимаат температури на земјата до 53 степени рано наутро во делови од Атина. Метеоролозите предупредуваат дека врвот на бранот се очекувал во петок, 25 јули и четврток, 26 јули, кога живата во термометарот би можела да достигне 45 степени во некои области.

Грчкото Министерство за труд издаде итна уредба со која се забранува работа на отворено помеѓу 11:00 и 18:00 часот во погодените региони, а на компаниите им беше наредено да им дозволат на вработените од ризичните групи да работат од дома.

Повеќе смртни случаи од вообичаеното имаше и во Франција. Таму, за време на претходниот топлотен бран, кој траеше од 19 јуни до 6 јули и зафати 60 региони, беа регистрирани 480 смртни случаи, повеќе од вообичаеното за тој период од годината, соопшти националната здравствена агенција Santé publique France. Повеќето од починатите биле лица над 75 години.

РЕКОРД Франција забележа во јули 480 смртни случаи, главно на возраст од над 70 години

Иако времето во меѓувреме привремено се стабилизираше, а Франција не е во голема мера погодена од сегашниот топлотен бран, нејзините медиуми објавуваат предупредувања од метеоролози дека август би можел да донесе нов екстрем. Експертите од Meteonews забележуваат сличности помеѓу ова лето и летото 2003 година, кога топлотен бран во Франција однесе повеќе од 15.000 животи.

Во тоа време, екстремно високите температури и антициклонските услови траеја со недели, а просечните јулски и августовски температури беа највисоки од почетокот на мерењата во 1864 година. Особено загрижува тоа што најновите модели за август 2025 година предвидуваат сличен модел – антициклон над Британските острови кој го блокира влегувањето на свеж воздух во централна Европа, дозволувајќи топлината да се насобере над континентот. Метеоролозите предупредуваат дека дури и малите промени во атмосферските услови можат да имаат големи последици, а можно е услови слични на оние од 2003 година да се повторат веќе во август.

Републичкиот хидрометеоролошки институт на Србија предупреди на топлотен бран што ќе трае до крајот на неделата. Во Белград во наредните денови се очекуваат температури помеѓу 36 и 39 степени, додека на југоистокот од земјата вредностите ќе достигнат 42 степени. На некои места се измерени највисоките температури од почетокот на летото. Институтот им советува на граѓаните да избегнуваат престој на отворено во најжешкиот дел од денот и да обрнат внимание на симптомите на топлотен удар, како што се вртоглавица, гадење, забрзан пулс и црвенило на лицето. Постарите лица, хронично болните и децата се особено ранливи во овие услови.

Според Европската служба за климатски промени „Коперникус“, јуни 2025 година беше најтоплиот јуни во Западна Европа досега. Во Франција, најтоплиот јунски ден беше измерен на крајот од месецот.

Метеоролозите предупредуваат дека подрачјето со висок притисок што потекнува од Северна Африка, кое го нарекоа „Камила“, ќе остане присутно над Медитеранот и делови од Балканот барем уште неколку дена. Прогнозите укажуваат на можност за нови рекорди на температурата, а локалните власти низ цела Европа ги повикуваат граѓаните да бидат внимателни и да ги следат советите на здравствените институции.

Експертите предупредуваат дека со зголемувањето на просечните глобални температури, слични топлотни бранови ќе стануваат почести, подолги и поинтензивни. Во такви услови, почитувањето на основните мерки за заштита: ладење на просторот, соодветна хидратација, избегнување физички напор во најжешкиот дел од денот, останува клучно за зачувување на здравјето.

 

 

Filed Under: Ревија

ЉУБЧО ГЕОРГИЕВСКИ: ОБВИНИТЕЛСТВОТО ОДБИ ДА ГОНИ 40 ЛИЦА ЗА НАПАДОТ ВРЗ АМЕРИКАНСКАТА АМБАСАДА ВО 1999 ГОДИНА
МАТНИ ЗДЕЛКИ ВО ЕНЕРГЕТИКАТА
И РЕПУБЛИКАНЦИТЕ ГО КРИТИКУВААТ ТРАМП
СЕРГЕЈ ЛОЗНИЦА: ПУТИН И СТАЛИН СЕ РАЗЛИЧНИ, АМА ИМААТ ИСТА МОЌ И СИСТЕМ ЗА ВЛАДЕЕЊЕ
СКОПЈЕ, ТАГАТА ЌЕ СЕ ВИКА СО ТВОЕТО ИМЕ (1)

Најново

  • ЉУБЧО ГЕОРГИЕВСКИ: ОБВИНИТЕЛСТВОТО ОДБИ ДА ГОНИ 40 ЛИЦА ЗА НАПАДОТ ВРЗ АМЕРИКАНСКАТА АМБАСАДА ВО 1999 ГОДИНА
  • МАТНИ ЗДЕЛКИ ВО ЕНЕРГЕТИКАТА
  • И РЕПУБЛИКАНЦИТЕ ГО КРИТИКУВААТ ТРАМП

Импресум

Издавач - Здружение за нови политики и слобода на медиуми "Јавност" - Скопје,

Партизански одреди 23/1/3 Скопје

globus@globusmagazin.com.mk

Барај

Сите права задржани© 2025 · ГЛОБУС · Log in

Developed by Unet