Забележан селективен пристап во развивање на реформите во Македонија и Србија, забележуваат од Брисел

Албанија и Црна Гора постигнале најдобри резултати во исполнувањето на критериумите за користење средства од Планот за раст на Европската Унија за Западен Балкан, додека Србија и Северна Македонија ги спроведувале реформите „поселективно“, изјави Герет Јан Купман, генерален директор на Генералниот директорат за проширување и Источно соседство на Европската комисија.
Обраќајќи се пред членовите на Комитетите за надворешни работи и за буџет на Европскиот парламент, Купман истакна дека меѓу земјите од Западен Балкан постојат значителни разлики во спроведувањето на реформските агенди.
„Во првата категорија се Албанија и Црна Гора, кои суштински работат на спроведување на сите реформи. Во втората категорија се Србија и Северна Македонија, кои беа поселективни, што доведе до послаби резултати, но во последно време има индикации дека темпото на имплементација и таму може да се забрза“, изјави Купман.
Исплатите зависат исклучиво од реформите
Купман нагласи дека 2025 година е клучна за спроведувањето на Планот за раст и дека досега на партнерите од Западен Балкан им се исплатени околу 453 милиони евра.
„Сакам да го потсетам основниот принцип: исплатата зависи исклучиво од спроведувањето на чекорите од реформските агенди, вклучително и реформите во областа на владеењето на правото“, нагласи тој.
Според неговите зборови, околу 85 проценти од мерките што требаше да бидат спроведени до декември 2025 година се во тек, додека 38 проценти се целосно реализирани, што тој го оцени како добар резултат.
Косово и БиХ сè уште без предфинансирање
Купман потсети дека План за раст на ЕУ за Западен Балкан има двојна улога – да ја олесни интеграцијата на земјите во Единствениот пазар на ЕУ, но и да го забрза процесот на пристапување, бидејќи реформските чекори се темелат на фундаменталните критериуми.
Во тој контекст, Косово и Босна и Херцеговина сè уште не добиле предфинансирање поради внатрешни политички и институционални тешкотии.
Критики за Србија и владеењето на правото
Одговарајќи на прашања на европратеници за состојбата со владеењето на правото и демократијата во Србија, Купман оцени дека критериумите за добивање средства се „многу јасни“.
„Србија има спроведено мал број чекори од својата реформска агенда поврзани со владеењето на правото, додека имплементираните мерки главно се однесуваат на социо-економската сфера“, изјави тој.
И покрај тоа, по седуммесечно доцнење, Европската комисија оваа недела одобри исплата од 57 милиони евра за Србија – првата рата од Планот за раст, за реформи спроведени во втората половина на 2024 година. Според медиумски извештаи, од планираните седум реформски чекори во 2024 година, Србија реализирала три.
Македонија со само шест реализирани реформи
Досегашните оценки на Европската комисија покажуваат дека Албанија има спроведено 21 реформа, Црна Гора 12, додека Северна Македонија има реализирано шест реформски чекори.




