Мора да постои систем на контроли. Во објект во кој сте насадиле уште еден кат од старт треба да се плашите повеќе. Ако сте направиле тераса онаму каде што немало, треба да се плашите повеќе од оној што не ја направил
Сликите од срушените згради, објекти и куќи по стравотниот земјотрес во Албанија сведочат за ужасот со кој се соочуваат нашите соседи. Прашањата што логично ни се вртат низ мислите е како една зграда е целосно срушена, а таа до неа поминала само со пукнатини? Дали можеа да се спасат човечките животи? И како?
Градежните архитекти и експерти што се занимаваат со земјотресно инженерст
Проф. д-р Елена Думова-Јовановска од Градежниот факултет во Скопје во интервјуто за Факултети мк. ја образложува оваа реченица и објаснува што треба да направи Македонија за да бидеме поподготвени за природните катастрофи, кои се неизбежни, и како да спасиме човечки животи.
– Изведувачите често знаат да се пофалат со терминот висок асеизмичен квалитет, но ова е погрешен термин. Станува збор за конструкции што добро или полошо се однесуваат под дејство на земјотрес. Тоа е вистинската формулација. Затоа што кога проектирате објекти во региони каде што имате сеизмички хазард, во старт сте свесни дека за најјакиот очекуван, филозофијата на кодовите е да заштитиме човечки животи. Ние знаеме дека ќе се случат штети, ама она што се обидуваме да го заштитиме се човечки животи. Така што неоспорно е дека некакви штети ќе има, но работата е какви ќе бидат? Затоа ние зборуваме за објекти што ќе се однесуваат добро или полошо под дејство на земјотрес.
Што е клучно за еден објект да биде стабилен при земјотрес?
– Нашите прописи се изворно почнати во 1965 година (можеме да се пофалиме дека во тоа време Југославија беше една од првите земји што воопшто имаше некоја регулатива), потоа доживеа една обнова во 1987, па последна измена во 1990 година, и оттогаш немаме направено промена. Ги чекаме европските кодови да станат наши. Но, ние како експерти си ги следиме и си ги проучуваме. Што е филозофијата на тој код? Објектите ги проектираме така што под дејство на тој најјак очекуван земјотрес на локацијата каде што е некакви штети мора да има. Затоа, не треба да нè плаши моментот дека во такви објекти при земјотрес ќе се кршат прозорци, ќе паѓа малтер, но паничните реакции како бегање по скали може да направат многу поголема штета. Зборувам за објекти што се проектирани според тие прописи и е очекувано добро да се однесуваат. Ова што го видовме во Албанија е земјотрес што по својот интензитет е нешто што се очекува за најјак и во Македонија. Тоа е нивото на земјотрес по кое ние проектираме згради во Македонија. Под дејство на таков земјотрес очекуваме да има штети, ама не такви што ги доведуваат во опасност човечките животи.
Но, колку се безбедни градбите во Скопје?
– Градбите што ги почитувале прописите можеме да кажеме со сериозна доза на сигурност дека ќе имаат одредени оштетувања, но не такви што ќе ги доведат луѓето во опасност. Така што панични реакции од типот скокање од прозорец и трчање по скали се многу поопасни. Објектите што се градени пред постоењето на прописите, значи пред скопскиот земјотрес, се приказна за себе. Имаме неколку категории, и тие сите треба да се проучуваат. Ние од Градежниот факултет, поттикнати од земјотресите во 2016 година, инициравме проект кој е во завршна фаза. Одбравме да ги анализираме постојните објекти изградени во првата половина на 20 век, како училишта, детски градинки, општински згради, административни, судови… Имаме резултати, но прво ќе ги споделиме со институциите што се одговорни. Тоа ќе биде во март следната година. Најголем дел од тие објекти ќе треба да добијат некакво ниво на зајакнување. Ќе го земам за пример објектот на Градежниот факултет. Тој го преживеа скопскиот земјотрес со прифатливи штети, а потоа бил зајакнат. Така што некои од тие објекти доживеале некакви зајакнувања. Но, има серија објекти, не толку во Скопје, што немаат зајакнувања. Потоа доаѓа онаа категорија на објекти што се градени во периодот што се смета дека е можеби ризичен, по осамостојувањето на Македонија до носењето за Законот за градба и оформувањето на Комората на овластени инженери која вршеше контрола. Прашањето за новите градби? Ако се градени во согласност со прописот, можеме да кажеме дека имаме добро однесување.
Неколку пати ги споменавте прописите и дека последна измена е направена во 1990 година. Што треба да се направи во овој дел?
– Неопходно е да се обноват прописите! Ова е нова наука и за 40 години има многу нови достигнувања. Зошто не иницираме? Од проста причина што еврокодовите се донесени, тоа се документи изготвени на ниво на ЕУ и голем број експерти се вклучени. Оттука произлегува дека е доволно да ги прифатиме. Ние тука сме застанати. Тој дел што требаше да го заврши фелата е завршен, ги прифативме кодовите и почнавме да ги проучуваме. Сега треба да се донесе одлука дека нашата земја ќе почне да ги применува.
Директорот на Институтот за земјотресно инженерство и инженерска сеизмологија (ИЗИИС), Влатко Шешов, изјави дека треба да се плашиме од квалитетот на градбите, а не од земјотресите…
– Точно е тоа. Во науката имаме еден термин – сеизмички хазард, или во превод хазард значи опасност. Ризикот што ќе ни се случи при земјотрес, освен од него, зависи и од тоа во каков објект се наоѓаме. Тоа сака да го каже директорот. Дека ризикот не зависи само од хазардот, туку што ние како луѓе сме направиле. Бидејќи ако се наоѓате во објект што добро се однесува, ризикот нешто да ви се случи е сериозно помал, но ако се наоѓате во објект какви што гледавме во Албанија, ризикот е поголем.
Знаејќи во каква земја живееме, со корупција во секоја сфера, оправдан ли е стравот кај населението кога се во прашање земјотресите? Треба ли да се плашиме од зградите, каде се прават нелегалните работи, отстапките при градба?
– Свесни сте колку е тешко да се одговори на прашањето. Не може да се каже во колкава мера се почитуваат правилата. Дури не станува збор за нелегални работи. Бидејќи многу често се користат недоволно ригорозни прописи. Филозофијата на прописот е направена коректно, но во 80-тите години кога немавме ни компјутери. Алатките со кои можевме да пресметуваме во тоа време беа поограничени. Тие, на пример, велат: конструкцијата треба да биде симетрична, не треба да има торзија. Не треба да си дозволам да имам големи конзоли, па да ми текне нешто накосо да направам, значи треба да е симетрично. Но, никаде не вели до која граница тоа е прифатливо, до која не е прифатливо. И сега тоа е оставено на толкување. Дури не е ниту нелегално, туку се коси со основната логика.
Многу Ваши колеги од регионот ги коментираат фотографиите од Албанија и велат дека се работи за многу неквалитетни градби, дека се штедело на материјал и сл.
– Штедење на материјали кај нас мислам дека е надмината категорија. Но, тоа што го гледаме во Албанија и што го коментираат колегите се главно градби што ние ги викаме безгредови плочи. Во системи од современо армирани бетонски конструкции да нема греди затоа што тие пречат на архитектонското решение. Има само плочи! Арно ама тие греди имаат своја задача. И ако ги тргнеме, тоа е проблем. Во прописите се вели дека не е добро да се тргнат, ама не се вели дека не смееш. И сега тука штедат. Ако викнат малтерџии, кога има греда, квадратот ќе чини повеќе. Дури инвеститорот може да инсистира на тој тип конструктивен систем, и покрај тоа што е неповолно. Во поглед на арматура, нема драматична разлика во цената, како во 60-тите или 70-тите години. Затоа не мислам дека е во прашање штедење, туку свест за тоа што значи отсуство или присуство на превентивна арматура која ќе го промени однесувањето. Тоа се тие елементи, сива зона која остава простор за толкување до каде може да одам, но драматично влијае. Затоа новите прописи се ригорозни, таму не се вели дека треба да биде симетрично, туку се кажува експлицитно, во вредности се зборува. Некогаш, пак, работите се случуваат од типично незнаење. На пример, две згради кои се допираат со различно ниво на плоча, па при земјотрес плочите ќе се удираат во столбови, а тоа не е планирано во пресметките. Има и ред такви детали. Кај оние доградби што се прават елементарните одредби од прописите се задоволени, но филозофијата не оди така.
Скопје има многу доградби, згради кои од пет, станале седум-осумкатници. На многу објекти се доградени тераси….
– Сите тие може да се направат, но со дополнителни мерки. Но, оставаат простор за дополнителна неизвесност. Јас на студентите им кажувам еден едноставен пример. налево или надесно. Тоа се нашите балкони, тоа се нашите доградби. Вие сметате дека со штиклата ќе згазнете точно на камчето, ама кога има земјотрес, не се знае под кој агол ќе дојде и како ќе влијае врз објектот. Тоа камче може да се погоди на погрешно место. Затоа е подобро на планина да не одите со штикли! Тоа се тие аномалии кои се законски покриени, но оставате висок ризик на неизвесност што е тоа што ќе се случи.
Мој генерален став е дека кај новите згради за кои генерално е добиено одобрување и поминати се сите филтри, голема е веројатноста дека доброто однесување ќе биде на ниво кое ќе штити човечки животи. Никој не може точно да тврди, тоа е неблагодарно.
Останува уште една категорија на објекти што е занемарена, а тоа се дивоградбите. Се говори дека можеби 300.000 диви објекти се легализирани исклучиво по административен пат. Се проверило само колкав е обемот, никој не прашал каква е градбата. Тука има сѐ, и куќи и повеќекатници.
Како да се справиме со нешто што знаеме дека ќе нè снајде? Прашање на време е кога ќе нè снајде земјотрес, и тоа не треба да нè плаши. Туку треба да нè плаши тоа што ние го правиме. Ако јас како држава, општина, градоначалник, знам колкав број објекти во општината се градени пред постоењето на прописите, во период кога важеле прописи со пониско ниво на квалитет, колкав дел се дивоградби… Она што се прави во современите земји за да се намали ризикот, бидејќи хазардот не може, е нудење мерки за подобрување на објектите. Па како што има мерки за прозорци, треба да има и мерки за подобрување на нивото на сигурност.
Нова или стара зграда? Која е побезбедна?
– Зграда градена накај 70-тите или 90-тите години на 20 век гарантирам дека е поголема веројатноста да е подобра отколку некоја од новите. Особено подобра од онаа што била дивоградба. Периодот на свежото сеќавање на земјотресот во Скопје е причината. Не стандардите, туку односот на луѓето кон стандардите на градење. Поради сегашните отстапки што се прават. Има генерации што не го паметат земјотресот, па тоа станува како некоја приказна, ќе биде, нема да биде? И вие трошите повеќе за инвентарот, за веце-шолји или плочки во бањата отколку за проверка на објектот. По серија силни земјотреси Нов Зеланд воведе задолжително при продажба на објект да мора да направите студија за сеизмичка отпорност. За тој што купува да знае што купува.
Како, всушност, се прават сеизмичките анализи?
– Има нивоа на анализи. Ако зборуваме за извонредно значајно дело, тогаш ќе се сконцентрирате конкретно на тој објект. Имаме мерки, опрема, па одиме на вибрации, проверуваме какво е однесувањето, па дали нашите очекувања се соодветни по нив, се проверуваат материјалот, темелите, почвата и редица скапи истражувања. Ако имаме серија објекти, да речеме станбени објекти, тогаш ги типизираме.
Општеството мора да ја врати свеста за ризикот од земјотрес.
Поставеноста на зградите во Скопје е исто така голем проблем. Залепени една до друга, се гради на мало растојание и сл. Како тие ќе се однесуваат при земјотрес?
– Тука е повеќе аспектот што ќе правиме по земјотресот? Дали ќе може да се пристапи веднаш за да се спасат луѓето. Тоа го третираат урбанистите. Ќе може ли да дојде пожарна кола, спасувачка екипа… Тоа е последниот чекор. Откако ќе утврдите сеизмичко сценарио, односно сценарио на возможен земјотрес за вашиот град, следниот чекор е да ги размислите тие елементи.
До каде е науката на ова поле и дали ја следиме како држава?
– Веќе ги споменав тие еврокодови што ние како професионалци ги применуваме. Имаме многу нови предмети на факултетот, студентите добиваат знаења. Но, пак ќе се вратам на регулативата која мора да се среди, а која владее на пазарот. На пр., имате инвеститор кој вели дека може да помине со помалку пари, а во рамките на законот. Ние имаме доволно знаење како научници, следиме сѐ што е ново, ги следиме прописите, но следниот чекор е на општеството. Без тие мерки, за жал, не можете да ги натерате луѓето, да ги освестите. Инвеститорот сака поголема добивка, некој па и не верува дека ќе има земјотрес.
Инаку, една важна институција, Сеизмолошката опсерваторија, е сериозно занемарена со финансии и вработувања. Јас бев изненадена од условите. Тие може да нè предупредат дека очекуваме земјотрес од некаков ранг. А подготовката е таа, кампања за населението како треба да се однесува, проверка на зградите, зајакнување каде што треба.
Ги споменавте Албанија и земјотресот, ги видовте сликите. Зошто има толку многу објекти срушени до темел?
– Најголем дел се ѕидани објекти. Една серија се објекти со ѕидана конструкција, а тој мaтеријал едноставно полошо се однесува при земјотрес. И за нив има нови мерки што треба да се почитувaат. Другиот дел се безгредови згради и еден дел се несоодветно армирани згради. Но, за разлика од бившите ју-простoри каде што знам каква регулатива имаше, не знам каква била во Албанија. Но од сликите се гледа дека се должи на несоодветно армирање, на безгреден конструктивен систем кој не требало да се случи. А старите ѕидани објекти се најподложни на лошо однесување при земјотрес.
Мора да постои систем на контроли. Во објект во кој сте насадиле уште еден кат, од старт треба да се плашите повеќе. Ако сте направиле тераса онаму каде што немало, треба да се плашите повеќе од оној што не ја направил. Ако носите тежок ранец само на едно рамо, ќе паднете кога некој ќе ве турне. Тоа е балконот! Ставете на глава некоја тежина, па проверете како ќе се однесувате ако некој ве турне, отиде вратот. Тоа е дополнителниот кат.
(fakulteti.mk)