Толку е едноставно да се критикува Светскиот економски форум. На средбата годинава се очекуваат три илјади учесници од цел свет, меѓу кои и 116 милијардери. Тука е и прашањето – можен ли е пораведен капитализам?
МАНУЕЛА КАСПЕР КЛЕРИЏ
Живописниот Давос во Швајцарија е омилено туристичко место, каде еднаш годишно се одржува Светскиот економски форум. Елитата таму одамна не е сама.
Толку е едноставно да се критикува Светскиот економски форум. На средбата годинава се очекуваат три илјади учесници од цел свет, меѓу кои и 116 милијардери. Таму ќе бидат многу шефови на мултинационални компании и на светски познати фирми ориентирани кон брз профит, како Блекрок. Доаѓаат и шефови на држави како американскиот претседател Доналд Трамп, или Жаир Болсонаро од Бразил, како и премиери, меѓу кои канцеларката Ангела Меркел или шефот на италијанската влада Џузепе Конте.
ПОГРЕШНА СЛИКА Елитата е повторно меѓу себе и разговара за проблеми кои не ги разбира. Веројатно притоа се пие и едно чудо шампањско. Ваквата слика се создава радо, но сепак е погрешна. Да, шампањско има и не може да се исклучат ни ексцеси овде-онде, но повеќето од оние кои доаѓаат на Светскиот економски форум во Давос работат напорно и интензивно. Тука во разговор влегуваат луѓе кои вообичаено си се тргаат од патот. Многумина во своето секојдневие во фирмите или владите се занимаваат толку со своите сопствени проблеми, што не гледаат што друго се случува.
Во Давос работите се поинакви. Социјалната нееднаквост, промената на климата, нов, можеби поправеден, капитализам – тоа се темите за кои се дискутира. Станува збор и за технологии за борба против сиромаштијата или теми кои малку допираат до јавноста, како депресија или осаменост. Тука, на подиумот, бегалци седат заедно со претседатели на управни одбори и претставници на влади и мора да разговараат и да се слушаат едни со други. И, знае ли некој дека овде се и најважните претставници на невладините организации, како и познати заштитници на климата и тинејџери кои за своите проекти дискутираат со големите шефови?
На основачот на Светскиот економски форум, Клаус Шваб, може само да му се честита за оваа уникатна платформа, иако тука само се разговара и малку се делува.
НАШАТА КУЌА ГОРИ Тоа и е всушност проблемот. Кога конечно ќе се случи нешто, кога ќе го спроведете она што го разговаравте и најавивте во Давос, се прашуваат со право многумина. „Нашата куќа гори“, рече активистката за климата Грета Тунбергна Светскиот економски форум минатата година. Годинава таа е повторно во Давос и сака да изврши притисок за исполнување на своите барања. Таа е сместена во шатор на 1800 метри надморска височина, заедно со научниците кои сакаат да го свртат вниманието кон промената на климата на Арктикот. Грета Тунберг го користи овој форум заедно со многумина други за да ги лоцира проблемите. „Големиот бизнис“ го чувствува контраветрот. Млаки изјави за намери веќе не се доволни. Чисто максимизирање на профитот како цел на бизнисот не е ниту одржливо, ниту има смисла.
Состојбата во која се наоѓа светот деновиве се отсликува во планините околу Давос. Затоа се важни размената на мислења и отворените дискусии на сите учесници на Светскиот економски форум. Исто како што е важен и притисокот од оние кои не припаѓаат на т.н. елити.
Доколку Светскиот економски форум (ВЕФ) е во право, тогаш оваа реченица на еден поранешен американски претседател веќе не важи. Не економијата, туку животната средина е најголемиот ризик за светот. Кога станува збор за долгорочните ризици, тогаш промената на климата и последиците од тоа се најгоре на списокот со светски грижи.
Тоа е главната оценка во Извештајот за глобалните ризици претставен денеска од страна на Светскиот економски форум, на неколку дена пред почетокот на 50-та средба на моќните во Давос (21 до 24 јануари). За извештајот на ВЕФ се анкетирани повеќе од 750 експерти ширум светот. Тие требаше да ги изнесат своите најголеми грижи во врска со развојот на светот, и тоа според важност и според веројатност да се случат.
ПРОМЕНА НА КЛИМАТА Најголемата грижа на експертите гласи: „Неуспех во заштитата на климата и во прилагодувањето на промените на климата“, се вели во извештајот за ризиците во наредните 10 години. „Промената на климата нѐ погодува и потешко и побрзо отколку што многумина очекуваа“, се оценува во ВЕФ-извештајот. Изминатите пет години биле најтоплите од почетокот на мерењето на температурите во светот. „Природните катастрофи се почести и стануваат поголеми.“
Експертите и носителите на одлуки се притоа особено загрижени поради изумирањето на видовите. Сегашната брзина со која исчезнуваат животински и растителни видови е илјадапати поголема отколку просечната брзина во изминатите 10 милиони години. И, таа брзина постојано се зголемува и натаму. „Изумирањето на видовите има драматични последици за луѓето, од колапс на системите за исхрана и здравје сѐ до прекин на цели ланци на снабдување“, констатираат авторите на извештајот.
Економските и политичките ризици се, се разбира, исто така дел од сценариото на закани за светот, поради тоа што ја намалуваат способноста на државите и на меѓународната заедница да реагира соодветно на големите еколошки штети. Економските конфликти, по што веднаш следува и внатрешнополитичката поларизација, се на прво место на грижите за тековнава година. Во извештајот се зборува за „нестабилно геополитичко“ сценарио: „Државите сѐ повеќе на шансите и заканите гледаат низ лупата на унилатерализмот.“ Националистичките постапки, без грижа за геополитичките последици од економските самостојни потези, се во пораст, на мислење се анкетираните експерти.