ФАТМИР БЕСИМИ
Oд почетокот на енергетската криза и порастот на цените донесени се над 30 мерки од над 600 милиони евра за заштита на домаќинствата и економијата
Изминаа две турбулентни недели од црниот 24 февруари, кога Русија ја започна воената инвазија врз Украина. Ненадминлив удар за човештвото, поради досега изгубените илјадници човечки животи и семејни трагедии. Остар удар и врз светската економија и животниот стандард на милиони граѓани ширум светот. Зошто е погодено светското население? Бидејќи, украинската криза не е само војна помеѓу две држави, туку војна помеѓу две многу важни алки во глобалните синџири на снабдување. Русија е најголемиот извозник на гас, втор најголем извозник на нафта, важен извозник на метали, додека заедно со Украина се едни од најголемите извозници на жито во светот.
Во текот на овие две недели, рубљата го пробиваше дното, цената на барел нафта го уриваше плафонот (за првпат од 2008 година се искачи над 130 долари за барел), а меѓународната заедница презеде санкции за економска изолација на Русија. Стана јасно дека кризата во Украина ќе се одрази врз глобалната економија. ММФ веќе најави дека ќе ја ревидира надолу проекцијата за годинешниот економски раст, откако претходно во јануари беше намалена за 0,5 процентни поени на 4,4%. Европската централна банка веќе направи ревизија на својата проекција за раст на економијата во еврозоната од 4,2% на 3,7%, што во некоја мера е и позитивно, бидејќи засега не се очекува навлегување на европската економија во нова рецесија (што се добри вести и за нас, со оглед на поврзаноста на домашната со европската економија). Очекувањата на ЕЦБ за инфлацијата во еврозоната е покачена од проектираните 3,2% на декемвриската седница, на 5,1%. Тие очекуваат во 2023 инфлацијата да падне на 2,1%, додека во 2024 година би се симнала под 2%, односно 1,9%.
Она што се исправи како најголем предизвик пред креаторите на политиките е секако тоа дека ситуацијата во Украина придонесе за кулминација на ценовните притисоци на примарните производи на светските берзи. Овие ценовни притисоци започнаа во 2021 година, или она што е познато во јавноста, како енергетска криза. На почетокот на пандемијата 2019-2020 година имаше голем пад на побарувачката на енергија, и како резултат на тоа соодветно намалување на производството на нафтата. Кога пак економиите почнаа да функционираат во рамки на „новото нормално”, производителите бавно реагираа на закрепнувањето на побарувачката. Истовремено, имаше повеќе локални случувања во контекст на енергетската криза. На пример, Кина на крајот од 2020 година целосно го блокираше увозот на јаглен од Австралија. На Бразил – кој две третини од својата електрична енергија ја добива од хидроцентрали, му се случи најголемата суша во изминатиот век. Истовремено, тука се и залагањата за зелена енергија и намалувањето на емисиите на CO2 во Европската унија. Околу една петтина од зголемувањето на цената на електричната енергија може да се припише на напорите за намалување на емисиите на јаглерод диоксид. Ова беше посочено и од европскиот комесар за климатски активности, Франс Тимерманс.
Растот на цената на енергијата на светските берзи, вклучително и на други примарни производи, ги подгреа вкупните ценовни притисоци кои преку меѓународните пазари се прелеаа во националните економии. Сега, тие притисоци, како резултат на кулминацијата на руско-украинската криза, стануваат се посилни.
Како мала и отворена, нашата економија, како и најголем дел од економиите во светот, ги почувствува движењата на меѓународните пазари на примарни производи (енергија и храна). Како што се развиваше кризата, тие послабо се чуствуваа во текот на 2021 година, но засилија при крајот на годината и кулминираа на почетокот на 2022 година. Иако некој, веројатно за политички цели, ќе каже дека доцна носиме мерки, вистината е дека првите мерки Владата ги презема уште пред повеќе од половина година, со намалување на стапката на ДДВ за струја. Со измени на Законот за данокот на додадена вредност, даночната стапка за прометот на електричната енергија за домаќинствата во јули минатата година го намаливме од 18 на 5 проценти, заклучно јуни 2022 година. Со воведувањето на повластена даночна стапка, овозможивме граѓаните да не го почуствуваат првичниот удар на цената на енергијата. Понатаму, со цел да се амортизира покачувањето на цената на електричната енергија и парното, Владата на два пати (крајот на 2021 и почетокот на 2022 година) на Електрани на Северна Македонија им префрли по 5,3 милијарди денари, или вкупно околу 10,6 милијарди денари. Ова резултираше со многу помала корекција на цената на електричната и топлинската енергија од реалната пазарна вредност, односно цената изнесува околу 20% од пазарната.
Исто така, во декември беа замрзнати цените на дел од основните прехранбени производи, додека по завршувањето на оваа мерка, беше донесена мерка за ограничување на маржата за овие производи.
Во контекст на заштита на животниот стандард на граѓаните беше и покачувањето на минималната плата и на пензиите, со цел да се заштитат граѓаните кои имаат пониски приходи од просечните.
Сега, две недели по отпочнувањето на руско-украинската криза, излегуваме со пакет од 26 мерки, кои имаат за цел да го заштитат стандардот на граѓаните и да ја поддржат економијата. Вредноста на најновиот пакет мерки е проценет на околу 400 милиони евра, но доколку се земат предвид и претходните мерки кои Владата ги спроведе минатата година и на почетокот на оваа година, сумата која што досега е издвоена за ублажување на ценовните шокови кон граѓаните е околу 615 милиони евра. Оваа сума е блиску до сумата која Хрватите ја предвидуваат за справување со ценовните притисоци, или околу 635 милиони евра. За споредба, Грција предвидува 500 милиони евра, Словенија и Албанија предвидуваат по околу 200 милиони евра итн.
Кога ќе се споредиме со регионот, ние во моментот имаме и најниски цени на основните производи, како маслото за јадење, шеќерот, брашното и горивата. Така, литар дизел кај нас е за околу 0,3 евра, или околу 18 денари поевтин во однос на Србија, Хрватска и Црна Гора. Ако литар сончогледово масло кај нас чини 1,5 евра, во Хрватска е 2,2 евра, во Црна Гора 1,89 евра, во Косово 1,77 евра, Босна и Херцеговина 1,76 евра и Србија 1,7 евра. И цените за килограм брашно и килограм шеќер кај нас, во споредба со регионот, се пониски до 20 евроценти.
Кога ги правам овие споредби не би сакал читателот да ме сфати погрешно. Никој никого не теши дека нашите соседи плаќаат поскапи цени. Правиме соодветна економска анализа на состојбите за да може да ја добиеме целосната слика за ситуацијата. Во таа насока ќе се навратам на пакетите мерки кои тие спроведуваат и планираат, како и другите европски земји, бидејќи притисоците се чувствуваат секаде и сите сега излегуваат со активности и мерки.