И во штабот на ВМРО ДПМНЕ и во седиштето на ДУИ во Речица нема мир пред сознанието дека одделни пратеници, незадоволни од политиките на своите партии а пред се од можните повторувања на врските и стуациите од груевистичко време можат да го сменат своети јато и да му дадат поддршка на СДСМ во Парламент
ЉУБОМИР КОСТОВСКИ
Понудата на претседателот на социјал-демократите Зоран Заев за „позајмица“ на пратеници од страна на директниот ривал, изјавена пред камерите на едно од тв студијата на мејнстрим медиумите, секако го изненади шефот на вмроовците Христијан Мицковски. Понудата беше дадена во контекст на евидентната уцена на ДУИ за поставување на премиер Албанец, подоцна олицетворена во нотарот Насер Зибери. Бидејќи беше тешко да се избегне коалицијата со ДУИ, која и да голема македонска партија да има највеќе гласачи требаше да прифати услов на чело на Владата да го прифати политичарот кој таму доаѓа низ своевиден рековер.
Мицковски во моментот на понудата започна забрзано да трепка со очите, не очекуваше таква понуда, дадена во стилот „со позајмица до спречување на уцени“, но се доби впечатокот дека тој „дил“ дури и како шега би штетел на неговите јавни амбиции дека ќе освоел убедлива победа, макар како стимулација за помасовен излез на биралиштата на нетовите симпатизери.
Дали Заев тогаш навистина се шегуваше? Врвот на двете партии кои беа засегнати со предлогот едноставно тоа го преведоа на својот јазик, оној секојдневниот а асоцијативен, дека Заев, веројатно со помош на надворешниот фактор (!) готви налет на прелетувачи од нивните редови, за се зацврсти позицијата на СДСМ во Парламентот. При тоа се имаше во вид фактот дека Заев еднаш доби осум пратеници од редовите на ВМРО ДПМНЕ за да помине со уставните измени во контекст на спроведување на Преспанскиот договор и остварувањето на клучните цели – влезот во НАТО и почетокот на преговорите со ЕУ, што се случија потоа. Таа политичка маневра секако беше насетена некој ден пред да се случи, само што за вршење на притисок – тогаш вршен лично од бегалецот Груевски – веќе беше доцна.
Во ВМРО ДПМНЕ сега дуваат и во матеница. Понудата на Заев, дадена предизборно, се сваќа дека некој зад сцената нешто мати и дека „апетитот“ на Заев за добивање на поддржувачи приде едноставцно е можна! Паранојата во Шампитата беше видлива. Потресот во партијата по поразот на изборите активираше неколку разни групации внатре, како онаа на Мијалков, кој се сомничи, нели дека стои зад пресвртот од пред две години и појавата на осумината прелетувачи, додатно ја засили паранојата. Таа се изрази преку обидот на две професорки од Правниот факултет да дадат оценка дека верификацијата на мандатите која мина во вторникот, на 4 август, не е релевантна, бидејќи, седницата на Собранието не е завршена (не е избран претседател на парламентот, нели). Ова го тврдеше професорката Гордана Силјановска Давкова и како засилување нејзината колешка Ана Павловска Данева, двете искусно во прелетувањата последните три децении, кои тврдеа дека се додека седницата не се затвори, усвојувањето на одделни точки од дневниот ред (во случајот споменатата верификација на мандатите) е „аут“. И најпасивниот наблудувач на настаните во Собранието знае дека во оваа институција истовремено се водат, се прекинуваат и започнуваат по неколку седници а усвоените заклучоци и одлуки редовно се објавуваат во Службен весник! Каков блам за професурата која служи како крпа со која се гланцаат чевлите на неостварените амбиции на Мицковски! Индикативно – Телма (уредник тој ден Боби Христов) во вестите ги повика токму овие екеперти, иако едната од нив е и самата пратеник, додека пак на другите канали гостуваше, да речеме, професорот Борче Давитковски, еден вид на ментор на Данева, кој јасно рече дека верификацијата е „квит работа“ и дека новите пратеници веќе ќе земаат плата на касата на Парламентот.
Не е без параноја ниту штабот во Мала Речица, каде можната појава на прелетувачи само се насетува но не и целосно се одбегнува. Таа емоција секако е само засилена со повикот на Ахмети да се јави во судот во Хаг. Сусдот за воени злосторства не е играчка и таму оделе и други лица како сведоци па останувале на подолг престој, што секако ја руши сликата дека интегративците се на добар глас на Западот. Да одат сега на исток, да бараат нови покровители е доцна, да чекаат промена во Белата куќа е исто така неспоиво со „временската прогноза“, згора што и доаѓањето на демократите на власт никако не значи дека довербата во ДУИ како искрен и пред се како посакуван демократски некорумпирлив партнер за САД е можен во некаков политички рестарт!
Ахмети секако ја сваќа ситуацијата и тој во мигот повеќе се плаши дека моќниците од надвор му готват поголема каша. Иако не е јасно кога тој ќе замине во Хаг, пораката секако ја добил – таа сега му виси како јамка околу вратот и јасно го потсетува дека мора добро да го осмисли секој чекор. Неговата идеја за премиер Албанец некако се топи како ледениците на Гренланд овие денови, додека пак неговиот ривал – Алијансата преку градоначалникот на Гостивар го потсетува на ветувањето дадено на бирачите што му донесе 15 пратенички места! А тоа е дека ќе го донесе Зибери на премиерско место во новата Влада. Една од одбранбените мерки на Ахмети е одново да го користи штитот наречен Џафери, кој сега не го дава решението од седницата на Парламентот по точката верификација на мандатите. Демек ќе прави правна опструкција на тој чин, ќе ја проблематизира како свршен чин на друг начин, иако претседателот на државата Пендаровски јасно укажува дека роковите за партиски договарања течат од 3 август.
Заев во меѓувреме склучи пост изборен сојуз со ДПА, која има еден пратеник, но тој знаеше дека Левица ќе му ги даде своите два гласови на Мицковски, па така стекна нова предност од еден пратеник пред ривалот во составување на Влада. Потег повлечен во вистинско време, иако генерално многу работи суштински не се сменија во политичките комбинаторики, каде ребусот засега, во недела навечер, на 9 август, се уште чека своја разрешница.
Пораките на странскиот фактор се речиси целосно усогласени – тие бараат стабилна и долгорочна Влада за да ги спроведе потребните реформи. Рефлексивно тоа може да се прими како широка коалиција. Но не исклучува дека прелетувачите не остануваат внатре и може да се активираат во даден момент! Втората порака е секако јасна и мора да ја опримат и во Шампитата и во Речица: пресудата против експретседателот на Кривичниот Панчевски е добар знак како треба да се решаваат работите во иднина. Во меѓувреме ВМРО ДПМНЕ започна преку своите загари преку социјаолните мрежо да емитува барања за слобода на Панчевски. Ова е јасен знак дали и колку оваа партија се променила и доказ дека таа со овој раководечки состав не може да се промени.