Oна што се случи помеѓу Бугарија и Македонија е особено лошо, бидејќи ги покажува двојните стандарди на Европската Унија, и тоа ја слабее нејзината кредибилност. А кој има корист од тоа? Секако, Русија – оценува поранешниот претставник на ЕУ во земјава
ЏАБИР ДЕРАЛА
Ерван Фуере, истражувач во Центарот за европски политики (CEPS), има импресивна 38-годишна кариера во институциите на ЕУ, особено во нејзината Надворешна служба. Неговите истражувања се фокусираат на улогата на ЕУ на Балканот, проширувањето на ЕУ и регионалната стабилност, со посебен акцент на Северна Македонија. Фуере е првиот кој ги извршувал двете функции – специјален претставник на ЕУ и шеф на делегација во Македонија (2005-2010), а исто така бил и специјален претставник за ирското претседателство на ОБСЕ во 2012 година, со посебна одговорност за процесот на решавање на прашањето за Придњестровје. Неговите претходни работни места вклучуваат шеф на делегации на ЕУ во Словенија, Јужна Африка, Мексико и Куба. Како почитуван предавач за надворешната и безбедносната политика на ЕУ, Фуере има придонесено и во магистерскиот курс на ЕУ за човекови права (2000-2010).
ЦИВИЛ МЕДИА: Како гледате на социополитичките настани и процеси во регионот? Сведоци сме на силно руско влијание, особено преку Белград. Гледаме турбуленции и немири во другите делови од регионот, несогласувања и тензии помеѓу Србија и Косово, а Република Српска е приказна сама по себе. Црна Гора е некаде на средината. Во Северна Македонија има голема промена, но тоа е посебно прашање. Значи, која е вашата проценка – каде се движи Западен Балкан?
ЕРВАН ФУЕРЕ: Нема сомнение дека иднината на Западен Балкан е во Европската Унија и во интеграцијата во Европската Унија. Проблемот е што агендата за проширување на Европската Унија претрпе големо занемарување од страна на самата ЕУ – доцнење и непочитување на обврските кои беа преземени итн. Мислам дека треба да бидеме благодарни за случувањата во Украина, бидејќи тоа помогна агендата за проширување да се врати на приоритетната листа на Европската Унија. Сега има обновен ентузијазам во обидот да се реактивира целиот процес на проширување. Во тој контекст, особено важно е да се види дека земјите од Западен Балкан ја следат агендата за реформи што е потребна не само за социоекономскиот развој на засегнатите земји, туку и за исполнување на критериумите поставени од Европската Унија.
Проблемот е што настанаа неколку пречки кои, на некој начин, ја ослабнаа кредибилноста на Европската Унија. Во овој контекст ги споменувам билатералните спорови. Јас и многу други во заедницата на аналитичари се залагаме билатералните спорови да не ја попречуваат агендата за проширување. Тие треба да бидат дел од посебен процес, паралелен на агендата за проширување.
Затоа, она што се случи помеѓу Бугарија и Македонија е особено лошо, бидејќи ги покажува двојните стандарди на Европската Унија, и тоа ја слабее нејзината кредибилност. А кој има корист од тоа? Секако, Русија. Тие се најголемиот актер во однос на дезинформациите и обидите за поткопување – на секој можен начин – на демократскиот процес во засегнатите земји и сите земји од Западен Балкан. Нивните активности се исклучиво насочени кон дестабилизација. Европска Унија мора да го разбере тоа многу посериозно. Затоа, потребно е да се стави поголем акцент на динамиката на агендата за проширување на ЕУ, на Копенхашките критериуми, и да се избегне секоја ситуација која може да биде искористена од оние кои не сакаат Западен Балкан да се приклучи на Европската Унија, како што е, посебно, Русија на Путин.
ЦИВИЛ МЕДИА: Тоа им дава простор и на десничарските движења, националистичките и популистичките политички партии и групи да добијат поголема моќ во општествата во регионот. Верувам дека тоа е исто така предупредувачки знак, кој треба да биде истакнат. Освен ако не е предоцна…
ФУЕРЕ: За жал, така е. Гледавме – особено на најновите избори за Европскиот парламент – пораст на десничарски елементи во неколку земји на Европската унија. Знаеме, се разбира, дека овие десничарски елементи се анти-Европа, анти-проширување, анти-имиграција, анти-климатски промени, про-Русија и про-сѐ што е анти-демократско и анти-човекови права.
Секако, тие влијаат на сите аспекти на демократскиот процес и на основните вредности, кои се во сржта на самата европска интеграција. Затоа, мора да бидеме исклучително внимателни во новата конфигурација на Европскиот парламент, новите органи, новиот мандат на Европската комисија, кој ќе започне веројатно на 1 декември, како и новиот претседател на Европскиот совет, кој е поранешен премиер на Естонија. Ова е можност за повторно нагласување на основните вредности на Европската унија и заштита од сите оние елементи кои се обидуваат да ги поткопаат тие основни вредности и да промовираат авторитарни тенденции. Точно е дека Европска унија во својот институционален состав, во договорите, има механизми за справување ссо тие појави. Но, институциите на ЕУ беа многу бавни во примената на овие механизми, особено Член 7 од Лисабонскиот договор.
Мислам дека е апсолутно важно во новиот мандат на Комисијата, а видов дека новиот комесар за правда, кој е Ирец, во своите одговори на прашањата кои му беа поставени од Европскиот парламент – јасно истакна дека треба да има многу посилна врска помеѓу почитувањето на основните вредности на ЕУ и распределбата на фондовите. Ако земји како Унгарија или Словачка и други, кои очигледно ги поткопуваат вредностите на ЕУ, продолжат со тие активности, тогаш треба да се блокираат фондовите за тие земји. Значи, постои многу силен инструмент кој ЕУ може да го искористи за да ги блокира активностите кои на долг рок ќе ја поткопуваат Европската Унија.
ЦИВИЛ МЕДИА: Да, се надеваме дека овие лидери барем ќе бидат лишени од значителни суми на пари, што всушност е – би рекол – нивен главен интерес да бидат во политиката. Меѓутоа, да се вратиме на Северна Македонија и да се обидеме подлабоко да погледнеме што се случува овде. Како што сите знаеме, десничарските политички партии кои сега се на власт имаа убедлива изборна победа. Поминаа повеќе од 100 дена од новата влада и се чини дека има доста пречки за клучниот национален интерес на Северна Македонија, а тоа е пристапувањето и интеграцијата во Европската унија. Дали мислите дека новата влада во Северна Македонија ќе го „најде својот пат“ кон Европската унија, или ќе заглавиме уште една деценија?
ФУЕРЕ: Се надеваме, бидејќи изразената заложба на новата влада е да го продолжи – со обновена енергија – процесот на преговори за пристапување кон Европска Унија.
На крајот на краиштата, не смееме да заборавиме дека Европска Унија е најголем снабдувач на поддршка, финансиска помош за Македонија. Исто така, ЕУ е најголем трговски партнер на земјата, па така интересите на новата влада би требало да бидат да направи сѐ што е можно за зајакнување на тој однос и со тоа да ги почитува и исполнува сите реформи кои се бараат според Копенхашките критериуми.
Проблемот е, се разбира, што се соочуваме со овој билатерален спор со Бугарија, кој го одложува целиот процес. Лично сметам дека Европска Унија ја третираше Северна Македонија многу неправедно, со сите пречки што беа поставени од поединечни земји членки, кои ја злоупотребуваат својата моќ на вето. По Грција, сега е Бугарија и тоа е жално, бидејќи тоа не ги почитува критериумите поставени од Европска Унија.
Истовремено, постојат меѓународни договори кои се постигнати во врска со тие спорови. Го имаме Преспанскиот договор, го имаме договорот со Бугарија, така што верувам дека владата има многу малку избор во однос на ветото кое го наметна Бугарија, што за жал беше поддржано од Европска Унија. Мислам дека ова постави многу негативен преседан во односот на ЕУ кон проширувањето. Сепак, тоа постои и мора да се почитува.
Би се надевал, а и сè уште се надевам, дека како знак на реципроцитет – во замена за внесувањето на амандманот во Уставот, со кој се признава постоењето на бугарско малцинство во земјата – Бугарија треба да ги почитува сите одлуки на Европскиот суд за човекови права во Стразбур, со кои се признава постоењето на македонско малцинство во Бугарија. Ова би било минимум што би се очекувало од Бугарија, која е земја членка на Европска Унија од 2007 година. Верувам дека Бугарите и Македонците, ако се сретнат надвор од политиката, ќе се согласуваат многу добро. Затоа, треба да создадеме клима која ќе им го покаже тоа на политичарите, особено на бугарската актуелна влада.
ЦИВИЛ МЕДИА: Што би можела да направи владата од наша страна за да ги подобри овие односи, за да го олесни овој процес? Можеби да се работи малку повеќе на почитување на обврските, надминување на атмосферата на непријателства, омраза…
ФУЕРЕ: Да, но за тоа се потребни двајца, за навистина да се постигне ново ниво на соработка и често го споменувам мировниот процес во Северна Ирска како пример. Секако, таму имавме влади од двете страни кои беа подготвени да најдат решение за многуте проблеми, но тоа го направивме со заемна почит. Потребна е оваа заемна почит, паритет на почитта, како што е наведено во Договорот од Белфаст од 1998 година за Северна Ирска, каде што постои почит кон идентитетот на засегнатите земји и прифаќање на повеќекратни историски наративи. Со други зборови, не мора да се наметнува еден историски наратив врз другиот. Потребен е многу поширок дијалог, отворен дијалог, ослободен од предрасуди, и мислам дека тоа бара напори од двете страни.
ЦИВИЛ МЕДИА: Исто така, владата треба да размисли за одвојување на билатералните прашања со Бугарија, што е една приказна, и обврските и заложбите преземени кон процесот на интеграција во Европска Унија, што е различна приказна. Така, бугарскиот спор не треба да биде изговор за непочитување на обврските кон процесот на интеграција во ЕУ, што вклучува човекови права, правда, итн.
ФУЕРЕ: Апсолутно, и мислам дека во неодамнешното минато видовме примери, за жал, на ситуации каде независноста на судството не се почитува. Потребни се многу поголеми напори за да се обезбеди независност на судските процеси. Исто така, медиумите треба да можат слободно да ја вршат својата професија, без заплашување. Ова е најлошиот пример за авторитарен систем, ако на медиумите не им е дозволено да критикуваат, како и на граѓанското општество да ја критикува владата кога смета дека излегла надвор од патеката. Тоа е силата на едно општество, ако таквите критики можат отворено да се изразат, без закани од владата. Мислам дека навистина е суштинско владата да биде свесна за тоа и за нејзината одговорност да ја заштити слободата на медиумите и силно да ја поттикне независноста на судството, како и многу други аспекти.
ЦИВИЛ МЕДИА: Неизбежно е да се спомне влијанието на руската агресија против Украина и влијанието на хибридните воени операции против Европа и влијанието врз регионот. Можете ли да направите проценка за тоа?
ФУЕРЕ: На самиот почеток, по трагичната руска инвазија, имаше непосреден одговор од Европска Унија, од западните сојузници. Имаше обединетост и решеност за борба и поддршка на Украина, бидејќи, да бидеме искрени, за Украина ова е борба за опстанок, и не можеме да дозволиме руската агресија да надвладее. Ако Украина изгуби, ќе изгуби и Европа, ќе изгуби целиот Западен сојуз. Загрижувачко е што се појави мала неодлучност кај некои западни сојузници во врска со продолжувањето на поддршката за Украина.
Верувам дека е потребна многу посилна поддршка, не само воена, туку и финансиска, за Украина да може да ја одбие руската агресија. Исто така, треба да се осигуриме дека сите овие активности на руските агенти низ Европа, што ги видовме во многу земји, треба да се спречат. Путин беше прашан на неговата неодамнешна прес конференција по самитот на БРИКС за овие активности. Тој рече дека сето тоа се глупости. Но знаеме дека руската дипломатија се темели на лаги, постојано. За жал.
Треба да бидеме свесни за тоа и да се погрижиме Украина да ја добие сета поддршка што можеме да ја дадеме, за да успее во оваа борба за опстанок. Во тоа нема сомнеж. Тоа е долгорочен процес, и мора да се обидеме да ја задржиме Европската Унија обединета, заедно со сите западни сојузници, и да ја обезбедиме сета неопходна поддршка за Украина.
(civilmedia.mk)