КЕМАЛ ХУР
Поддршката за Ердоган од страна на германските Турци не е само прашање на интеграција. Тоа е повеќе прашање на демократија, прашање на сфаќањето на демократијата и всушност – на образование
На 29 мај се навршуваат 25 години од расистичкиот напад врз куќата на една турска фамилија во Золинген. Пет девојчиња и жена од семејството Генч го загубија животот во подметнатиот пожар. Хелмут Кол (ЦДУ), којшто тогаш беше канцелар, не присуствуваше на погребот. Портпаролот на владата Дитер Фогел укажа на „други важни обврски“ на канцеларот и рече: не мора да се „покренува туризам на сочувство“.
Од тој настан некои работи се променети. Канцеларката Ангела Меркел (ЦДУ) ќе учествува на овогодишната комеморација. Доаѓа и турскиот министер за надворешни работи Мевлут Чавушоглу. Категорична желба на Мевлуде Генч, мајка, баба и тетка на жртвите на убиството, беше на комеморацијата да присуствуваат претставници на германската и на турската влада.
Од тој трагичен напад Мевлуде Генч, која денес има 75 години, се залага за помирување и поради тоа има добиено високиот орден на Германија – Сојузен крст за заслуги. Пред пет години, кога ја посетив и интервјуирав во новата куќа во Золинген, ниту секунда не се посомневав во тоа дека отфрла омраза, дека простила и дека верува во заедништво. Таа е импресивно силна жена која уште во 1996 година свесно одлучила да стане германска државјанка, велејќи: „Живеам во Германија, значи сакам да бидам Германка.“
Сосема поинаку течеше развојот на еден друг член на семејството: Ќамил Генч, кој е две генерации помлад од Мевлуде Генч. Тоа момче на Твитер се претставува со слоганот кој може да звучи патетично германски, но сите читатели со потекло од Турција во тоа препознаваат слоган на турските националисти и фашисти: „Едно знаме, еден јазик, еден народ“. Неговото знаме, јазик и нација се турски. Неговата Фејсбук-страница е исклучиво пропаганда за турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган. Затоа не изненадува што Ќамил Генч од Золинген заминал во Сараево да го види својот претседател на неговиот настап во рамки на предизборната кампања.
Однесувањето на турските Германци за кое толку се дискутира се одвива меѓу овие два пола и тешко е за анализирање, исто како и дијаметрално спротивните ставови на овие два члена на семејството Генч. Но, ако ги следиме дискусиите во медиумите, а особено на социјалните мрежи, се среќаваме со многу едноставно одговори – често се спомнува недостиг на интеграција. Тоа е банален одговор по кој радо се посегнува кога ќе се појават судири во доселеничкото општество.
Мора да примиме до знаење дека светот во којшто живееме веќе одамна е мултиполарен и дека луѓето имаат хибридни идентитети. Во таков свет Месут Озил може истовремено да биде германски репрезентативец и приврзаник на турскиот претседател, иако морално го осудувам тоа што се фотографираше со Ердоган. Бекир Албога е претставник на турските муслимани во Германија во рамки на дијалогот кој со нив го води германската влада и кандидат на Ердогановата партија во Турција. Кенан Колат, долгогодишен портпарол на Турците во Германија, може да биде во проширеното сојузно претстателство на СПД, а сепак да се кандидира за турската партија ЦХП.
Како би гласела дефиницијата за интеграција кога овие три јавни личности би ги осудиле дека не се доволно интегрирани? Исто така компликувано е и прашањето зошто повеќе од 10.000 Турци кои живеат во странство патуваат со автобуси и автомобили повеќе од 1.000 километри за да го слушнат 40-минутниот говор на Ердоган во Сараево? Турските ТВ-станици и онака во живо го пренесуваат секој изборен настап на тој автократ. Исто така е тешко да се разбере зошто повеќе од 60 отто од турските избирачи во Германија ги уживаат сите демократски права, имајќи слобода да се организираат во политички и верски здруженија, но во Турција гласаат за човек кој де факто ја укина поделбата на власта, кој критичарите ги става в затвор, не дозволува слобода на печатот и од неуспешниот државен удар сам владее со земјата. Ердоган се однесува како мафијашки бос кој ја злоупотребува политиката за да се заштити себеси.
Меѓутоа, во очите на своите избирачи тој е моќен човек кој првпат во турската историја со Европејците разговара на рамноправна основа. Тој е политичар кој се однесува самоуверено и кој на своите следбеници во странство им влева самодоверба. Турчинот во Германија веќе не е мал гастарбајтер или мигрант – неговиот претседател стои рамо до рамо со моќните во светот. Фотографирањето со него не само што не срамно, туку го исполнува со гордост тој мал Турчин, на кого инаку се гледа секогаш од висина.
Поддршката за Ердоган од страна на германските Турци не е само прашање на интеграција. Тоа е повеќе прашање на демократија, прашање на сфаќањето на демократијата и всушност – на образование. Дали за Озил може да се каже дека не е интегриран или тоа прашање не е важно кога се работи за светска ѕвезда и мултимилионер кој би можел да жиее каде било во светот? Поважно би било прашањетео – колку му е важна слободата на изразување и печат во Турција? И дали е свесен за својата одговорност како „пример на успешна интеграција во Германија“? Колку е политички образован и информиран за да мора да знае дека на Ердоган на претстојните избори му е потребен секој глас, значи и на Турците кои живеат во странство и дека фотографирањето со него го злоупотребил за својата кампања?
Се сомневам дека приврзаниците на Ердоган, кои го следат насекаде, се занимаваат со овие прашања. Исто како што се сомневам во тезата дека го поддржуваат турскиот деспот затоа што германската политика перманентно ги исклучува. И тоа е премногу едноставен одговор.
Мевлуде Генч ги загуби своите ќерки и внуци. Одвај зборува германски, но ја прифаќа Германија и мирната коегзистенција. Ако се потрудиме да ја разбереме оваа жена, можеби еден ден ќе го сфатиме и компликуваниот свет во кој живеат германските Турци.
(Кемал Хур е роден во источна Анадолија, во 1968 година. од 1980. живее во Берлин, каде студира германистика, социологија и театрологија и во моментов работи како новинар, главно за програмите на Германското радио).