Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган во текот на викендот од Министерството за надворешни работи побара да ги прогласи за непожелни личности амбасадорите на десет држави, меѓу кои и Германија. По седницата на владата вчеравечер, тој даде попомирлива изјава
ЕЛМАС ТОЛЧУ
Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган во текот на викендот од Министерството за надворешни работи побара да ги прогласи за непожелни личности амбасадорите на десет држави, меѓу кои и Германија. По седницата на владата вчеравечер, тој даде попомирлива изјава и рече дека амбасадите направиле „чекор на повлекување од клеветењето на земјата“. Ердоган верува дека амбасадите во иднина ќе бидат „попретпазливи во своите изјави во однос на сувереното право на Турција“.
Оваа изјава на Ердоган доаѓа по соопштенијата на американската амбасада и други западни претставништва дека се држеле до членот 41 од Виенската конвенција за дипломатски односи да не се мешаат во внатрешните работи на земјата. Набљудувачите, пак, зборуваат за „стратешка двосмисленост“, која на „Ердогановите креатори на мислење им дава можност да тврдат дека Западот капитулирал, додека англиската верзија создава впечаток дека Западот си останал на своите позиции во врска со човековите права“.
Дипломатите претходно заеднички побараа ослободување на турскиот бизнисмен и филантроп Осман Кавала, кој е веќе четири години во затвор без пресуда. Европскиот суд за човекови права уште во декември 2019 година побара ослободување на Кавала.
КОИ СЕ ПОЛИТИЧКИТЕ ПРИЧИНИ? Ердоган сака да го сврти вниманието од внатрешнополитичките проблеми на земјата, оценува експертката за Турција од Хамбург, д-р Шарлоте Јопиен. Турскиот претседател, како што вели таа, е под силен притисок, неговиот рејтинг во текот на изминатите месеци беше во постојано опаѓање. Анализата на експертката се поклопува со бројките на независниот институт Аврасија. Тој објави дека партијата на Ердоган, АКП, во моментов нема ниту цели 30% доверба.
Оваа слабост се чини како да ја обединува и раскараната опозиција во земјата. Кемалистичката ЦХП и национал-конзервативната Ији Парти (Добра партија, н.з.) заедно имаат доверба од над 40%. Освен тоа, тука се и неколку други помали анти-Ердоган партии, како и прокурдската либерална ХДП, чиј рејтинг е околу 10%, па шефот на државата и неговата партија би морале дури и да стравуваат од резултатите на наредните претседателски и парламентарни избори.
ЗОШТО СЕ НАМАЛУВА РЕЈТИНГОТ НА ЕРДОГАН? На омиленоста на Ердоган ѝ штети пред сѐ лошата економска ситуација. Стапката на инфлација во меѓувреме изнесува 20%, корупцијата се зголемува, а вредноста на турската лира постојано паѓа. На почетокот на неделава за еден американски долар се добиваа рекордни 9,59 лири. Ердоган, пак, објаснува дека вредноста на лирата се зголемува.
Последиците од губењето на вредноста на валутата се големи: поскапува извозот кој е важен за земјата, многу Турци имаат земено кредити во долари кои сега веќе не можат да ги враќаат, а инфлацијата ги зголемува трошоците за секојдневна потрошувачка.
ИМА ЛИ СЛИЧНИ КОНФЛИКТИ? Сеедно дали се работи за дипломатската криза предизвикана од затворањето на германскиот новинар Дениз Јуџел, или спорот со САД и Франција околу „геноцидот“ на Ерменците во Османлиското царство во текот на Првата светска војна – ова ни оддалеку не е првпат Ердоган да се обидува да ги обедини приврзаниците околу себе преку некој скандал.
Притоа, радо презема мерки против земји кои наводно сакаат да ја држат Турција „мала“ и против медиуми кои, како што вели, и онака известуваат само погрешно. Тактиката на поларизација е дел од постојано исти калкулации. Таа се заснова на тоа дека курс на конфронтација насочен кон надвор наидува на плодна почва кај многу националистички ориентирани Турци. На тој начин и опозицијата би требало да биде натерана да зазема некаква „национална линија“.
КАКВИ СЕ РЕАКЦИИТЕ НА КОНФЛИКТОТ? Овојпат се чини калкулациите на Ердоган не наидоа на посакуваниот одговор од страна на опозицијата. Политичките противници не штедат остри критики на сметка на Ердоган. Шефот на најголемата опозициска партија ЦХП, Кемал Киличдароглу, вели дека претседателот се обидува да го сврти вниманието од „огромниот пад на економијата, за кој тој е виновен“.
Слично аргументира и претседателот на Партијата на иднината, Ахмет Давутоглу, кој порано беше министер за надворешни работи и премиер во мандатот на Ердоган. Во случајов не се работи ниту за Осман Кавала ниту за независноста на правосудството, туку Ердоган само сака да поларизира, смета Давутоглу.
КОИ ОПЦИИ МУ ПРЕОСТАНУВААТ НА ЕРДОГАН? И покрај големите внатрешнополитички критики и притисокот однадвор, турскиот претседател и натаму има средства за вршење притисок – на пример, НАТО-државата Турција да ја приближува и натаму кон Русија. Анкара веќе купи од Москва систем за противвоздушна одбрана С-400, и покрај тоа што сојузниците протестираа и против недвосмислената поинаква желба на САД. Вашингтон одби да ѝ достави на Турција борбени авиони од типот Ф-35.
Сега во Претседателската палата во Анкара се размислува, освен системите за противвоздушна одбрана, од Русија да се купат и борбени авиони. Тоа не е за занемарување, зашто Турција располага со втора по големина армија во западниот одбранбен сојуз.
ЈУЖНОАФРИКАНСКА УНИЈА И ТУРЦИЈА Тоа се земји оддалечени 11.000 километри една од друга. Економски, меѓутоа, имаат многу заеднички работи: двете земји имаат брзо растечко младо население и потенцијал за натамошен пораст. Значи, не е чудо што курсот на валутите на двете земји во забрзан подем долго време се движеше синхронизирано. Јужноафриканскиот ранд и турската лира, според аналитичарите, долго време важеа за близнаци на пазарот на девизи – над десет години валутите се развиваа паралелно.
Но, според една студија на германската ДЗ Банк, во 2016 година дојде до прекин – курсевите на двете валути одеднаш се разделија. Рандот во изминатите четири години загуби околу 20% во однос на американскиот долар. Турската лира, пак, во истиот период загуби 60%. Пред четири години турската валута вредеше над двојно повеќе. Падот се засили особено во последните месеци. Доларот, во меѓувреме, вреди речиси 8 лири.
СТУДИЈАТА УКАЖУВА НА ПОЛИТИЧКИ ПРИЧИНИ Студијата на БЗ Банк укажува дека колапсот на лирата се должи пред се’ на тоа што се имаат променето политичките рамковни услови. „Во центарот на ваквиот развој е турскиот претседател Ердоган. Тој внатрешнополитички ја реструктуираше Турција во насока на авторитарна држава од 2016 година наваму“, објаснува авторот на студијата и експерт за девизи, Зерен Хетлер за ДВ. Според проценката на експертот, турската влада го искористила обидот за пуч во 2016 година за да изгради авторитарна држава.
Надворешнополитичките конфликти ги прават инвеститорите несигурни
Надворешната политика на Ердоган доаѓа како плус отежнувачка околност. Анкара се вмеша во голем број конфликти. Таквата надворешна политика делува како се’, само не како политика која создава доверба, заклучува Хетлер. „Претседателот постојано бара конфронтации – на пример во судирот околу гасот со ЕУ, или последно во конфликтот помеѓу Азарбејџан и Ерменија. Се прават обиди на тој начин да се сврти вниманието од економските проблеми на земјата и да се зацврсти неговата власт.“
Во студијата се проценува дека несакан ефект од растечкиот авторитарен курс и надворешнополитичкиот курс на конфронтација е тоа што се создава несигурност кај инвеститорите. Поради тоа што тие бараат се’ повисоки камати, Ердоган за лошата економска состојба во Турција ги обвинува меѓународните шпекуланти, кои тој редовно ги нарекува „валутни терористи“ или „каматни лобисти“.
Хетлер, меѓутоа, може да ја сфати претпазливоста на инвеститорите. „Точно е дека турската економија се задолжи многу во странство со краткорочни кредити. Точно е и тоа дека странските инвеститори сакаат соодветни камати за својот ризик.“ Сепак, вели Хетлер, турскиот претседател е во најголем дел самиот виновен за економската состојба во која се наоѓа Турција и за падот на лирата.
ЦЕНТРАЛНАТА БАНКА ВО КАНЏИТЕ НА ЕРДОГАН Она што е особено разорно за довербата на меѓународните инвеститори, според девизниот експерт, е тоа што Ердогановиот авторитарен курс не запира ниту пред независноста на Централната банка. Ердоган од турската Централна банка постојано бараше ниска референтна каматна стапка. Претседателот се надеваше дека на тој начин кредитите ќе бидат поевтини и дека ќе се поттикне економскиот пораст. Поради тоа што поранешниот шеф на Централната банка, Мурат Четинкаја, наспроти Ердогановите укажувања, сепак драстично ја зголеми референтната каматна стапка, Претседателот издејствува негова смена во јули 2019 година и на негово место го постави Мурат Ујсал.
Но, тоа не го донесе посакуваниот ефект, напротив – според економската наука, ниските камати ја поттикнуваат инфлацијата и во Турција вредноста на лирата, по отпуштањето на шефот на Централната банка и намалувањето на референтната каматна стапка, се најде под уште поголем притисок.
Студијата на ДЗ Банк го потврдува негативното влијание. „Чуварите на валутата“ делуваа превоздржано, особено тогаш кога „на зголемениот ценовен притисок и валутна слабост требаше да се одговори со политички напосакуваните зголемувања на каматите“, се вели во студијата. Сепак, се чини дека турската влада сега извлекла поуки од сето тоа, па референтната каматна стапка беше зголемена од 8,25% на 10,25%.“