Во Турција се покренати повеќе од 160.000 истражни постапки за навреда на претседателот. Една од најактуелните е онаа против поранешен пливач на репрезентацијата и олимпиец: тој наводно посакал Ердоган да умре
ЕЛМАС ТОПЧУ
Навредите на сметка на претседателот во турскиот Кривичен закон се кривично дело долго пред Ердоган, но ниту еден негов претходник не поднел толку тужби како актуелниот шеф на државата
„Се заразил со коронавирусот и бара да се молиме за него. Да, ќе се молиме, нека не се грижи. Јас веќе почнав да правам 20 тепсии алва. Кога ќе дојде време ќе ги разделам на соседите.“
Ова на Твитер го објави некогашниот пливач на турската репрезентација Дерја Бујукунџу. И затоа против него е започната истрага. Дури е издаден и налог за апсење – поради навредите упатени кон претседателот Реџеп Таип Ердоган. Државното обвинителство оценува дека твитот на Бујукунџу е кривично дело, бидејќи, некогашниот олимпиец на тој начин индиректно му посакал на претседателот да умре.
Каква врска има алвата од Анадолија со смртта? Алвата, која обично се прави од брашно или од гриз, рафинирана со путер, засладена со мед, и која се служи со карамелизирани ореви, во Турција е дел од секое славење. Но, е задолжителна и на погребите.
Дали алузијата на здравјето на Ердоган е навреда на претседателот или тоа спаѓа под слобода на говорот? Сега со тоа прашање треба да се занимаваат не еден, туку неколку судови. Бидејќи, откако турскиот претседател неодамна објави дека е позитивен на коронавирусот, на адресата на надлежното Државно обвинителство пристигнаа куп пријави. Не сакаат сите да се молат за оздравување на Ердоган, некои критичари јавно се радуваат поради тоа што се заразил со коронавирусот.
Тие сега ќе бидат казнети. Државните обвинители во Анкара и во Истанбул соопштија дека во тек се 36 истражни постапки. Четири лица веќе се притворени, а за уште 4 е издадена потерница. Меѓу нив е и поранешниот пливач Бујукунџу. И не само што некогашниот олипмписки пливач треба да се подготви за судење, тој е моментално суспендиран од Сојузот на турски пливачи – и тоа засекогаш.
Според податоците на турското Министерство за правда, само во 2020 година се започнати 31.297 истражни постапки поради навреда на претседателот. Така, бројот на обвинувања од изборот за претседател на Ердоган во 2014 година па до крајот на 2020 година достигна импозантни 160.169 истражни постапки, од кои 35.507 завршија на суд. Севкупно досега за навреда на претседателот пред суд мораа да одговараат 38.608 луѓе.
Професорот по правни науки на Универзитетот Билги, Јаман Акдениз, наведува дека во 12.881 случаи е изречена пресуда. Во 11.913 случаи судиите, вели, сметале дека обвинетиот нема во иднина да прави кривични дела, па се осудени условно. Други 3.625 се осудени на затворска казна, а останатите 5.500 се ослободени, набројува тој во интервјуто за ДВ.
Акдениз додава дека 106 обвинети во времето кога биле осудени биле помлади од 18 години. Десет од нив добиле и затворски казни. Од тие 106 обвинети, 24 кога го сториле кривичното дело биле на возраст меѓу 12 и 14 години.
Навредите на сметка на претседателот во турскиот Кривичен закон се кривично дело долго пред Ердоган. Но, ниту еден досегашен претседател толку пати не се повикал на тој закон како Реџеп Таип Ердоган, констатираше во еден извештај претеничката Гулизар Биџер Караџа од опозициската партија ЦХП. Според нејзиниот извештај, под водство на Ердоган до крајот на 2020 година се подигнати 38.608 обвинувања. За споредба, за време на мандатот на тројцата негови претходници, Ѓул, Сезер и Демиерл, поднесени се вкупно 1.169 пријави.
Политичари, уметници, научници, ученици, домаќинки, улични продавачи или новинари – некој не е поштеден од обвинување за навреда.
Проблем е тоа што многу работи можат да се карактеризираат како навреда. Пред две недели тоа на своја кожа го почувствува и познатата телевизиска новинарка Седеф Кабаш (52). По критичките изјави на сметка на владата во една телевизиска емисија, таа во спектакуларна полициска акција е – уапсена.
Кабаш ја критикуваше владата поради острата пресметка со опозицијата и обвини за поларизација на општеството. „Кога вол ќе влезе во дворец нема да стане крал, туку дворецот ќе стане штала“, цитираше таа една черкеска поговорка, без да спомене чие било име. Оттогаш седи во истражен затвор поради можна навреда на турскиот претседател.
Борците за човекови права, како Јаман Акдениз, сметаат дека тоа е чист апсурд. Тоа што ѝ се префрла на Кабаш е апсолутно извлечено од контекст. Веќе одамна никаква улога не игра дали критиката е заснована на факти. Јаман Акдениз смета дека се работи за шиканирање со цел да се заплашат луѓето и да се замолчат паметните, политички критики.
Оној кој се занимава со политика мора да биде подготвен да истрпи и жестоки критики. Кој не може да го поднесе тоа, нема што да бара во политиката, додава Акдениз. Поради порастот на обиди за заплашување тој смета оти слободата на мислење во неговата земја е во опасност. „Или молчиш или одиш на суд“, заклучува тој.