Изборот на новиот директор на Агенцијата за разузнавање откопува некои стари и длабоки несогласувања меѓу ДУИ и македонските парламентарни партии. Дали не е важно да се каже дека ова се случува во миг кога странскиот фактор е пасивен или отсутен од земјава?
ЉУБОМИР КОСТОВСКИ
Новата американска амбасадорка во Северна Македонија – Кејт Мери Брнс викендов доби зелено светло од Сенатот за својата функција. Практично од февруари а гледано со построги критериуми и малку порано политичарите во земјава беа без значаен а често и клучен посредник во конфликтите кои тука се „ендемски“ и кои се обично и голема пречка во напредокот на државата кон клучните ориентири. Дали сега некои серозни пречки ќе бидат надминувани и со која брзина?
Една од тие невралгични точки сосема ненадејно изби на релација меѓи коалициониот партнер во власта ДУИ и новоизбраниот претседател на Републиката – Стево Пендаровски.
ПОЛИГЛОТ СО ВИСОКИ ИНТЕЛЕКТУАЛНИ КВАЛИТЕТИ Нововселениот жител на вилата Водно, користејќи го своето право да ги избира првите луѓе на кабинетот и институциите што се во негова надлежност сепак правел некакви консултации со политичките лидери од парламентарните партии. Но, иако средбата која ја имаше очи во очи со Ахмети неодамна минала во најдобар ред, при што сосема е веројатно дека истата имала допирни точи и со некои кадровски решенија, излезе дека во Мала Речица, односно во ДУИ, се длабоко вознемирени од изборот на безбедњакот Ерол Муслиу за прв човек на Агенцијата за разузнавање. Истиот пред тоа беше помошник на директорот на Агенцијата а наводно заради тоа постел веќе и конфликт меѓу претходниот претседател Иванов и ДУИ околу изборот на истото лице на видни функции.
Најпрвин кој е овој полициски функционер од највисок ранг? Ако се земе во предвид дека за него, разбирливо, нема податоци за семејните прилики и имотот, може да се каже дека Ерол Муслиу, завршил Факултет за безбедност во Скопје како еден од најуспешните студенти. Муслиу по дипломирањето веднаш бил вработен во 1994 година во Дирекцијата за безбедност и контраразузнавање и постепено напредувал по скалилото на хиерархијата, како исклучително посветен и висок професионалец. Со формирањето на Агенцијата за разузнавање, тој преминува да работи како разузнавач.
„тој е полиглот, зборува повеќе јазици, интелектуалец е меѓу безбедносните професионалци, а за него високите претставници од пријателските безбедносни служби отворено во јавноста изразиле мислење дека тој е олицетворение на највисокиот формат на професионалец од областа на безбедноста и разузнавањето. Во 2011 година, бил еден од кандидатите на претседателот на државата, Ѓорге Иванов за директор на Агенцијата за разузнавање. Тој е непартиски кадар како предлог за директор на УБК. Во моментот ја врши функцијата помoшник во Агенцијата за разузнавање“.
ДУИ ОТВОРИ ОГАН ПРОТИВ ОВА КАДРОВСКО РЕШЕНИЕ
Вицепремиерот Бујар Османи, во својство на портпарол на ДУИ излезе со остра изјава на 21 мај, истакнувајќи дека ДУИ се вознемирени од одлуката на Пендаровски. Османи дури имаше и обид за поврзување на Муслиу со настаните од Диво Насеље. „Вчерашната одлука нѐ вознемири сите. Нашите информации се дека оваа одлука е донесена врз основа на недостиг на потребните информации, а не со лоша намера од страна на Претседателот. ДУИ цени дека, пред расветлување на кумановските настани, никој од лицата кои биле дел од службата на Иванов не треба да бидат на чело на овие сензитивни институции“, изјави Османи а пренесува Цивил медиа. Во истата вест се укажува дека има контраверзи во ставот на ДУИ, зависно кој функционер пренесува став!
Така, пратеникот на ДУИ, Артан Груби, го демантираше неговиот сопартиец, вицепремиерот Бујар Османи, во врска со именувањето на новиот директор на Агенцијата за разузнавање, Ерол Муслиу. Уште од средата, (22 мај) пратеникот Артан Груби, одговарајќи на новинарско прашање, изјави дека Ахмети и Пендаровски разговарале за кадровски работи, вклучувајќи го и именувањето на Муслиу, а средбата ја оценил како плодна, алудирајќи токму на ова прашање (civilmedia.mk/grubi-i-osmani-so-sprotivni-izjavi-za-kadrovskite-reshenija-na-pendarovski/)
На сето ова коментираше и претседателот Пендаровски –„веднаш по стапувањето на функцијата темелно разгледа повеќе предлози како можни решенија за позицијата директор на Агенцијата за разузнавање. По споредбените анализи на професионалните капацитети на сите кандидати, името на Ерол Муслиу се издвои како решение за извршување на оваа одговорна функција. Станува збор за врвен професионалец кој својата кариера ја градел во земјава и имал беспрекорна соработка со службите од сите сојузнички држави. За именувањето на Ерол Муслиу за директор на Агенцијата за разузнавање беа известени и партнерските служби од земјите членки на НАТО. Именувањето на Муслиу е позитивно оценето од службите на сојузничките земји, посочуваат од кабинетот на претседателот Стево Пендаровски“ – стои во веста (https://novatv.mk/pendarovski-musliu-e-vrven-profesionalets-so-pozitivni-otsenki-od-partnerskite-sluzhbi/).
Дали оваа оценка веќе стигнала од странците па имаме некакви измени во изјавите на функционерите од Мала Речица?
Впрочем, кој се сакал да ја оспорува оваа одлука на претседателот Пендаровски да го именува Ерол Мусилу на новата функција?
Ако внимателно се следат медиумите на опозицијата, мора да се забележи дека од ВМРО ДПМНЕ се готвеле да го нападнат ова кадровско решение, но некој во ДУИ ги претркал, па сега тие, може да се рече, уживаат во можниот конфликт меѓу коалиционите партнери во власта.
Инаку порталот Инфомакс, близок до партијата на Мицковски, направи една листа на значајни имиња од безбедноста – Албанци кои наводно не му се допаѓаат на Ахмети. Така, се вели дека „Хисен Муслиу и Реџеп Муслиу, како и извесни Урим и Ерол“ се авторите на монтираните досиеја против челниците на ДУИ. За време на владеењето на ДПА, според овој извор,
(https://infomax.mk/wp/%D1%88%D0%BF%D0%B8%D0%BE%D0%BD%D1%81%D0%BA%D0%B0-%D0%B1%D0%B8%D1%82%D0%BA%D0%B0-%D0%B7%D0%B0-%D1%83%D0%B1%D0%BA-%D0%BA%D0%BE%D1%98-%D0%BF%D0%BE%D0%B4%D0%B4%D1%80%D0%B6%D1%83%D0%B2%D0%B0-%D1%81%D1%82/) Хисен Муслиу бил шеф на тајните служби во Тетово и во Гостивар, додека Реџеп Муслиу бил шеф на ЦВР Кичево. Обајцата од 2006 до 2008 година биле во кабинетот на Рефат Елмази, поранешниот заменик-министер за внатрешни работи од редовите на ДУИ. Урим и Ерол, чии презимиња не се наведени, се сметаат за нивни наследници во тајните служби. Талат Џафери од ДУИ тврди дека целта на оваа група соработници на „војводата Тачи“ била да се предадат интересите на поранешната ОНА, со кулминација на хајката врз ДУИ.
Османи „гревовите“ на Муслиу ги гледа во настаните околу Дивље насеље (мај 2014) а ВМРО ДПМНЕ, штитејќи свои интереси се обидува истите тие „мани“ на Муслиу да ги врати назад барем една деценија, во периодот 2006 – 2008) бидејќи јасно е дека во тие настани тие нема да се прослават, па се јавува тактичко „ишкање“ на аналитиката во друг период.
КОЈ ДОЦНИ ВО СОЗНАНИЈАТА Разликата кој се јави во оценките меѓу Османи, вицепремиер и портпарол на ДУИ и шефот на партиската група на ДУИ во Парламентот не е козметичка и веројатно дека некој од нив двајца, по редоследот на изјавите изгледа Османи, доцни во сознанијата што доаѓаат од штабот во Мала Речица. Особено што генералниот секретар на НАТО – Столтенберг доаѓа на 1. јуни во земјава и ќе се задржи тука два дена. Треба да стане збор и за ветингот на кој нашите институции се обврзани а пред се оние од областа на одбраната и безбедноста. Тука спаѓа и Агенцијата за разузнавање. Тешко е да се замисли дека во НАТО ќе имаат разбирање за нашите кадровски игри, наспроти оценките кој може а кој не да врши одговорни функции. Ќе биде по нивно. Згора, конечно од Вашингтон доаѓа назад во земјата новата амбасадорка на САД, која ќе има во предвид дека тука некои работи е натрупале во форма на компликување на напредокот на земјава. Иднината на Ерол Мусиу теба да се гледа низ таа призма.