Не бараме поддршка за премиерот Ковачевски, туку за евроинтеграциите на Македонија- порача специјалниот претставник на САД за Западен Балкан Габриел Ескобар

Во интервју за Гласот на Америка тој вели дека најзагрижени се да не се изгуби време со одолговлекување на уставните измени, но сепак очекува политичка поддршка во земјава за чекор напред во преговорите со Европската Унија. Ескобар кажа дека за оваа тема имаат разговори со опозицијата, но детали не открива..
– Нашата најголема грижа е дека ќе изгубиме време. И, знаете, ние не бараме од опозицијата да го поддржи премиерот. Бараме од опозицијата да го поддржи евроатлантскиот пат на Македонија. Не би сакал да ја коментирам суштината на нашите дипломатски разговори со опозицијата. Јас би рекол дека опозицијата има некои свои мислења за тоа. Но, она што би сакал да го слушнам од нив е посветеноста на патот на евроатлантските интеграции. Имаме земја која направи сè што е потребно за да премине на следниот чекор и мислам дека го заслужува. И мислам дека сите, и во рамките на Европската унија, и во политичките структури на Македонија, треба да направат сè што е можно за ова да успее.- Габриел Ескобар, специјален претставник на САД за Западен Балкан

Слична директна поддршка за македонските евроинтеграции неделава упати и државниот секретар на САД Ентони Блинкен. На средбата со премиерот Ковачевски во Вашингтон изјави дека во Македонија гледаат силен партнер. Од СДСМ велат дека овие пораки за уставните измени говорат многу…
– Денеска слушнавме една убава изјава од Ескобар којшто напомена една важна работа дека САД не бараат од ВМРО-ДПМНЕ да го поддржи Ковачевски, туку да се подджи евроатлантскиот пат, и тука мислам дека е се јасно кажано. – Сања Лукаревска – заменик претседателка на СДСМ.
Пред два дена во Само интервју Ковачевски рече дека има сигнали од опозициски пратеници кои би гласале за промена на Уставот и е рационален оптимист околу обезбедување на двотретинското мнозинство. Од друга страна, од ВМРО-ДПМНЕ постојано потенцираат дека и тие се за евроинтеграција на Македонија, но не под бугарски диктат. Лидерот на партијата Мицкоски е категоричен дека актуелниот парламентарен состав нема мандат за менување на уставот, а решение на проблемите со Бугарија уверува дека ќе понуди пред парламентарните избори.