ДИМИТАР ДИМИТРОВ
Патот што го одбра кандидатката ја води во ризична група на опасни, непресметливи политичари, кои в лице те гледаат, ти се смеат и те лажат
Еден детал од биографијата на кандидатката за градоначалник на Скопје, го отвора големото прашање за односот меѓу политиката и етиката. И во тој контекст покажува како индивидуалниот карактер се прелева во колективен, та дури и во карактер на билатералните односи со Бугарија.
Веќе самата етимологија на поимот кандидат (бел/чист), ја побива тезата дека политиката не е етика – теза многу раширена, која подразбира или макијавелизам, или вулгарен поим на политиката и политичарот, измиен од скрупули. Ако етимологијата го исправа кандидатот пред прашањето: „Дали сум достоен?“, макијавелизмот и вулгарниот поим на политиката стимулираат циници и морални далтонисти.
„Црната кампања“ откри дека кандидатката има бугарско државјанство. Изразот „црна кампања“ на задна врата ја враќа етичката компонента на политиката, во одбрана на црна политика која гази преку морални скрупули. Двојното државјанство не е нелегитимно и нормално е да стои во биографијата на кандидатката. Таа не го соопштила тој факт, сметајќи дека не е релевантен за јавноста, или од опортунизам. Првиот случај издава несоодветна/погрешна процена, вториот случај – некоректност/престап.
Но, профилот на кандидатката се расцветува особено кога се открива пропуштеното/скриеното, со документи „Удостоверение“ и лична карта, со слика и личен опис. (Исто и на нејзиниот сопруг.)
Елементарна обврска при вакво соочување со непобитни факти е да се признае грешка со пропуштањето/прикривањето и да се брани со правни аргументи, повикувајќи се на Уставот, кој не забранува двојно државјанство. Кандидатката не го прави тоа, туку се фрла во бездна. Состојбата во која се затекнала ја објаснува како дело на „црната кампања“, како „небулози“ ширени од „лажомани“. Во стилот „нападот како најдобра одбрана“, кандидатката самата се дисквалификува, зашто пост фестум своето бугарско државјанство го проценува како нешто лошо.
Дури и при ваквото преоценување, сѐ уште можеше да се брани честа, со повикување на бенефитите што ги дава бугарското државјанство, како што го прават тоа многу луѓе, ако не сите, кои имаат бугарски паспорти. Во тој случај измамата ќе се редуцираше на адресата на бугарската држава, која ја прешла со лажни докази за своето бугарско потекло, што е услов за прифаќање на апликацијата за државјанство. Но, најдоблесно ќе беше да поднесе барање за откажување од тоа, сега, непожелно државјанство. Една таква, макар и задоцнета жртва за Скопје сѐ уште ќе беше поздравена меѓу скопјани.
Патот што го одбра кандидатката ја води во ризична група на опасни, непресметливи политичари, кои в лице те гледаат, ти се смеат и те лажат.
Врз обострана лага е поставен и односот меѓу кандидатката и ВМРО-ДПМНЕ. Таа настапува како независна, а револуционерната партија, после „вториот“ земјотрес што му го приреди на градот со проектот „Скопје 2014“ и со антиквизацијата, не излезе со партиски кандидат, туку со „независната“ кандидатка, која со лидерот на партијата ја поврзува милоста на Груевски.
Со оглед на „црвените линии“ на партијата спрема Бугарија, коалицијата со бугарската државјанка крие или дволичност (ако знаела за таа нејзина припадност), или голтнато кукавичко јајце, наседната од, за неа, најлутиот противник – од едно своевидно бугарско олицетворение. Во двата случаја кандидатката со себе ја повлече во бездната и партијата. И таа (партијата), како и кандидатката, не покажа почит кон гласачите, не зазеде став спрема проблемот, туку го сподели карактерот на кандидатката, обвинувајќи ја „црната кампања“.
Скриениот идентитет на кандидатката, преку неа и на партијата, открива лажен однос и кон Бугарија. Кандидатката со лажни наводи ги задоволила условите за прием во државјанството, прекршувајќи го Законот за државјанството. Тие наводи Бугарија ги надоградува со свои лаги, во вид на фиктивна адреса на живеење во Бугарија, со право на глас на таа адреса. Така издава документи, паспорт и лична карта, со лажен идентитет. И сега, бегањето од бугарското државјанство на кандидатката, му дава алиби на Румен Радев за цементирање на ветото. Со грижата за 120 000 згрижени иматели на бугарско државјанство, тој ја блокира цела Македонија.
На крајот, целиот синџир од последици што го влече оваа кандидатура, се фрла пред гласачите. Изборот значи соприпаѓање/споделување. Да се избере кандидатката, значи една индивидуална морално-политичка непресметливост да се претвори во колективна непресметливост. За која нема градации, нема нијанси – сѐ е рамно, сѐ е сиво.
А човекот го нема.