„Политико“ пишува дека министрите за надворешни работи на земјите од ЕУ дури размислуваат да организираат свој Самит, наместо да отпатуваат во Будимпешта. Унгарија, која претседава со Советот на ЕУ, Самитот за надворешни работи го планира на 28-29 август
Брисел размислува за драстичен чекор – да го бојкотира Самитот за надворешни работи кој ќе го организира Унгарија следниот месец како претседавач со ЕУ, пишува „Политико“.
Ваквото размислување, министрите за надворешни работи го базираат на сè поголемото незадоволство од политиките на Виктор Орбан откако го презеде претседателството со Унијата.
„Политико“ пишува дека министрите за надворешни работи на земјите од ЕУ дури размислуваат да организираат свој Самит, наместо да отпатуваат во Будимпешта. Унгарија, која претседава со Советот на ЕУ, Самитот за надворешни работи го планира на 28-29 август.
Но, откако Орбан ја попречи помошта која Унијата ја испраќа за Украина и откако отпатува на средби во Русија со Владимир Путин, а потоа и во Кина со Си Џинпинг на разговори кои тој ги нарече „мировни“, без притоа да се консултира со лидерите од ЕУ, многу министри за надворешни работи бараат начин да го избегнат Орбан, бидејќи сметаат дека тоа е негово пропагандно шоу.
Повикувајќи се на три дипломатски извори, „Политико“ пишува дека шефот на дипломатијата на ЕУ, Жозеп Борел планирал „формален“ Совет за надворешни работи во исто време со Самитот на Орбан. Со бојкот на Самитот во Будимпешта министрите сметаат дека ќе го намалат унгарскто шоу.
„Ако има формален совет за надворешни работи, организиран од високиот претставник (Борел) истиот ден, министрите нема да можат да одат во Будимпешта“, изјавил еден од дипломатските извори.
Друг додал дека со бојкот на состанокот во Будимпешта, другите министри за надворешни работи сакале да „испратат јасен сигнал дека Унгарија не зборува во името на ЕУ“.
Односите меѓу ЕУ и Унгарија не се на најдобро ниво уште пред руско-украинската војна. Под раководство на Виктор Орбан, земјата назадуваше во однос на демократските норми и владеењето на правото, сметаат дипломтите.
Но ова доаѓа и во време кога на првиот состанок на унгарското претседателство, организиран во Будимпешта каде се разговараше за индустриската политика, се појавија само седум министри од други земји, а не присуствуваше ниту еден комесар.
Бојкотирањето на еден ваков голем настан пак, би резултирал со уште поладни односи меѓу ЕУ и унгарскиот премиер Виктор Орбан. Планот на Борел веќе бил разговаран со неколку земји-членки на ЕУ, меѓу кои Франција и Германија,а во среда се очекува да им биде претставен на сите 27 постојани претставници на Унијата.
Јасно, останува дилемата дали македонската дипломатија ќе го почитува Брисел или кредитодавачот Орбан?