ИВИЦА ЧЕЛИКОВИЌ
Џон Стјуарт Мил го вовел поимот „тиранија на мнозинството“ и го формулирал својот т.н. „принцип на штета“, во обид да ги заштити малцинствата. Накусо речено, според тој принцип, државата би имала право да интервенира деколку нешто, што го прави поединец или некоја група, предизвикува штета за други луѓе
Бугарија е единствената источноевропска членка на ЕУ во чиј устав целосно отсуствува споменување на правата на малцинствата. Бугарскиот државен врв во континуитет, штом некој ќе ги преземе највисоките функции, вклучувајќи го и актуелниот премиер Петков, веднаш дава до знаење и го потврдува тврдиот став дека „не постои македонско малцинство во Бугарија“.
Такавите бугарски негаторски ставови, проследени со постојана груба асимилација и побугарчување на припадниците малцинствата, наоѓаат објаснување во ултиматумот и ветото против Македонија, за да се спречи соседната земја подоцна, внатре од ЕУ, да се залага за признавање македонско малцинство во Бугарија. Самата ЕУ, пак, а што е посебно загрижувачко, продолжува да се оглушува на критиките дека таквата политика е всушност во спротивност со темелите на европскиот пројект и ја крши суштината на европските вредности.
Предупредувањата поврзани со идеите дека „малцинството мора да му се потчини на мнозинството“ не се ништо ново во однос на историјата на европскиот демократски развој. Британскиот либерален филозоф Џон Стјуарт Мил го вовел поимот „тиранија на мнозинството“ и го формулирал својот т.н. „принцип на штета“, во обид да ги заштити малцинствата. Накусо речено, според тој принцип, државата би имала право да интервенира деколку нешто, што го прави поединец или некоја група, предизвикува штета за други луѓе. Човештвото, констатира Мил, добива повеќе така што луѓето меѓусебно поднесуваат да живеат како што им се чини дека е добро, наместо што секој ќе биде принудуван да живее како што на другите ќе им се чини дека е добро.
Основачите на САД, како, на пример, Александер Хамилтон и Томас Џеферсон, исто така ги разработувале овие идеи. Како да се гарантира заштита на малцинствата во однос на мнозинството? Затоа и ги вградиле принципите на поделба на власта во системот и ги формулирале уставните закони.
Но дали ЕУ се прослави во духот на таа традиција, посебно кога станува збор за заштитата на малцинствата? Упорниот, игнорантски молк на Брисел, во однос на негирањето на изразената волја за самоопредулавање на припадниците на македонското малцинство во Бугарија, на кои не им е дозоволено да го изнесат тоа јавно и официјално пред бугарските државни органи, не дава некакви охрабрувачки сигнали.
Веќе е повеќепати констатирано дека обесправените малцинства во Европа не добиваат никаква помош од ЕУ. Унијата постепено го губи својот кредибилитет во областа на заштитата на малцинските права. Пред неколку години една граѓанската иницијатива на унгарското малцинство во Романија не беше прифатена и поддржана од Европската комисија. Во кампањата во врска оваа иницијатива беа собрани милион потписи, со цел да се поттикне ЕУ да го унапреди законодавството за заштита на малцинствата и нивното право на образование, култура, регионална политика и учество во медиумското информирање. Но и покрај таквите силни притисоци, ништо позначајно не се има случено во Брисел на овој план. Зошто тогаш би се изразувало уверување дека ЕУ би можела да покаже решителност и одблиску да се позанимава со проблемите на кои е изложено македонското малцинство во Бугарија?
Одговорот на Европската комисија на споменатата граѓанска иницијатива на унгарското малцинство во Романија, бил, како што многумина оцениле, „целосоно неверојатен“. Од една страна во одговорот на Брисел било нагласено дека ЕУ ги штити правата на малцинствата, но истовремено е констатирано дека недостасува правен основ за да се бранат таквите права. Тоа е веројатно и најголемиот проблем со целиот ЕУ-апарат. Во свечени говори и изјави гласно се декларираат таквите европски вредности, но во пракса, всушност, ништо не се случува.
Каква е тогаш вредноста на ЕУ доколку не може да интервенира против кршењето на човековите права? Европската комисија ја отфрли граѓанската иницијатива на Унгарците во Романија со образложение дека ù недостасува компетенција во доменот на законодавството за малцинствата, и дека за тоа прашање се грижи секоја земја-членка одделно. Но критичарите не го прифаќаат таквото образложение, бидејќи проблемот е во тоа дека спротивставените интереси меѓу државната власт и малцинските групи ја поттикнуваат дискриминацијата, а што е директно спротивно на оние вредности за кои ЕУ постојано тврди дека се залага. На Каталонците и Баскијците, на пример, тоа мошне добро им е познато. На Македонците во Бугарија исто така.
ЕУ-проширувањето кон Исток неизбежно доведе до оживување на „поздазборавени“ малцински проблеми и извесни спорни прашања на границите, а со тоа и до појава на повеќе потенцијални жаришта на судири. Надежта беше, и сè уште е, дека ЕУ-членството ќе ги обврзе членките да ги решаваат проблемите со соседите и малцинствата на мирен начин, при што идеално решение би било сите земји со малцинства, вклучувајќи ги, се разбира, и земјите кандидатки од Западен Балкан, да бидат примени во полноправно членство, и со тоа во голема мера да се „декативира“ историскиот набој на дискриминација на националните малцинства. Јасно е дека оттаму и доаѓа стравувањето на Бугарија од можното полноправно членство на Македонија во ЕУ. Оттаму и тврдото бугарско вето пред македонските европски аспирации.
Од Брисел се очекува многу повеќе да се спротивстави на блокирањето на евроинтеграциите, а што во регионот на Западен Балкан само го продлабочува евроскептицизмот и ја засилува нестабилноста и веќе заострените тензии.
Сегашната единствена алтернатива за да се интервенира во областа на кршењето на малцинските права во Европа е да се обратите до Европскиот суд за човекови права. 16 пресуди се донесени досега во Стразбур против Бугарија за прекршување на правата на македонското малцинство. ЕУ би требало да нaправи многу повеќе, наместо да се крие зад таа алтернатива, вртејќи им го постојано грбот на малцинствата.
Зад таа алтернатива не би требало да се „засолнува“ нитu македонскиот државен врв, нудејќи им ја како „препорака“ на Македонците во Бугарија, во нивната натамошна борба за своите малцински права.