Каква стратегија следат францускиот претседател Макрон и британската премиерка Меј во нападите врз цели во Сирија. И како ЕУ повторно ја докажа својата надворешно-политичка импотентност
КРИСТОФ ШТРАК
„Имаме докази дека изминатата недела режимот на Башар користел хемиско оружје“, изјави францускиот претседател Мануел Макрон во телевизиското интервју во кое главна тема беа штрајковите во Франција и неговите реформи. Макрон притоа во неколку реченици го навести она што сега се случи во Сирија: „Ние ќе одлучимеза воена акција од страна на Франција во скоро време.“
Мнозинството во Франција ја поддржува експанзијата на надворешно политички курс на претседателот, кој од неговото стапување на должност својата земја ја врати на светската политичка сцена. Меѓутоа за стрелањето на целите поврзани со сириските капацитети за хемиско оружје францускиот претседател- како и остатокот од светот- чекаше на дефинитивен сигнал од Вашингтон.
Франција сака на Блискиот исток да игра важна улога, објаснува експертот за надворешна политика Мануел Лафон Рапнуил од Европскиот совет за странски односи (ЕЦФР). Тој вели оти настојувањето на Франција во тој смисол е историски условено и дека изминатите години покажаа оти Европејците не можат да се потпрат ни на САД со нивната себичност ни во соработка со се’ посигурната во себе Русија. Поради тоа сѐ повеќе мораат да се грижат за својата сопствена заштита и притоа да научат врз таа основа да пронајдат заедничка линија. Француските еднострани потези во регионот, исто така, се темелат на тоа дека останатите Европејци често не сакаа да го следат Париз. Макрон со својата јасна надворешно-политичка амбициозност ќе создаде шанса да ја преземе лидерската улога во европската стратегија на Блискиот исток, вели Рапнуил.
ЕУ пак не виде потреба за даде сеопфатно мислење. Портпаролката на шефицата за надворешна политика на Унијата, Федерика Могерини, соопшти дека користењето на хемиско оружје го осудува „најостро“. Но, европските министри за надворешни работи закажаа состанок дури за понеделник (вчера) за да договорат заедничка позиција. Нема војна пред викенд- така најверојатно гласеше желбата на Брисел. Тоа дотолку повеќе ја покажа надворешно-политичката импотенција на ЕУ.
За тоа време премиерката на Велика Британија, Тереза Меј, забележително ја заостри својата реторика кога станува збор за Сирија. Првично зборуваше за неопходна проверка и чекање, а потоа истакнуваше дека сето упатува на тоа оти сирискиот режим го спровел „шокантниот варварски атак“ во Дума. Така таа се најде на иста линија со Макрон и со Трамп.
Премиерката, притоа, одби да ја запре паузата во работата на парламетот, која трае од велигденските празници, за да може парламентот да учествува во донесување на одлуката. Таа се повикува на историскиот кралски декрет кој ѝ даде можност сама да одлучи.
Тереза Меј инаку не ќе можеше да биде сигурна дали ќе добие таква согласност во британскиот парламент. Освен тоа што опозициската Лабуристичка партија агитираше против воена интервенција и големо мнозинство Британци го одбиваа тоа, покажуваа испитувањата на јавното мислење.
Зошто Тереза Меј го промени својот курс? „Таа кај Макрон и кај Трамп навистина ќе го загубеше образот“, ако остане надвор од сѐ објаснува Ник Витни од ЕЦФР. Во случајот Солсбери таа, како што вели Витни, се држеше внимателно и на крајот доби голема поддршка од своите сојузници во Европа и од САД. Политички тоа за неа, според негова оценка, имаше позитивен ефект бидејќи по нападот на Скрипал нејзиниот углед значително се зголеми, додека угледот на шефот на лабуристите Џереми Корбин многу опадна.
Освен тоа, владата во Лондон гледа опасност во тоа дека по Брегзит ќе биде туркана сѐ повеќе на маргините ако Франција ја преземе водечката улога во Европа. А остатокот од Европа веќе не е баран бидејќи никој освен Лондон и Париз не располага со крстосувачки ракети.
„Германија нема да учествува во воени акции“ – германската канцеларка во повеќе наврати ја нагласи оваа одлука, додавајќи дека за воени акции уште ништо не е одлучено. Последната ваква изјава Меркел ја даде вчера, четврток, кога ситуацијата беше напната по заканите од САД за интервенција во Сирија. Иако Германија во никој случај не сака воено да се ангажира, Меркел истакна: „Ја следиме ситуацијата и поддржуваме сѐ со цел испраќање сигнали дека употребата на хемиско оружје е неприфатлива.“
Но, колку и да зборуваше детално Меркел, твитовите на американскиот претседател Доналд Трамп не сакаше да ги коментира ни на повторено инсистирање. Канцеларката повтори дека Сирија, очигледно и по уништувањето на резервите со хемиско оружје и натаму го поседува истото. Би требало да се работи на тоа режимот на Асад во Дамаск и неговите сојузници да сфатат дека „хемиското оружје не смее да се користи“, рече Меркел, повеќепати изразувајќи жалење поради ставот на Русија по ова прашање. Непосредно претходно Меркел за меѓународната ситуација телефонски разговарала со францускиот претседател Емануел Макрон. Портпаролот на германската влада, Штефан Зајберт, пренесе дека тема биле актуелните случувања во Сирија, со посебна загриженост околу најновата употреба на смртоносен гас, како и за заканувачката ерозија на меѓународната борба против хемиско оружје. Вербалните закани на американскиот претседател не ги коментираше ни Зајберт.
Германскиот министер за надворешни работи Хајко Мас пак се залага за продолжување на притисокот врз Русија, со цел Москва да го искористи влијанието кое го има врз сириската влада и да ја одврати од користење хемиско оружје.
Во разговор за Дојче веле, новиот координатор на германската влада за трансатланстка соработка, Петер Бајер, претходно изјави: „ Многу нешта се ставени на коцка“. Воздушните напади на САД во Сирија тој ги оценува за ultima ratio, како последно средство. Но, „убивањето голем број луѓе, вклучувајќи жени и деца, според него бара одговор. Режимот на Асад, но и Русија (…) тоа мора да го сфатат.“
Русија се закани дека ќе ги собори американските ракети кои би биле испалени кон Сирија, а Бајер смета дека постои реална опасност евентуалениот напад на САД во Сирија да се претвори во директен судир на двете големи сили. Иако се чини дека Путин сака да избегне конфронтација, според Бајер, ситуацијата е загрижувачка, а ризикот голем.
И демохристијанскиот политичар Норберт Ретген предупредува од непланирана ескалација на судирот во Сирија, во случај на нови воени интервенции. „Најголемата опасност е во тоа да се случи нешто за што не постоела намера“, изјави Ретген, претседател на Комисијата на Бундестагот за надворешни работи. Неговото мислење инаку е дека ни на Вашингтон, ни на Москва не им е во интерес подолг воен судир.
Во гостински коментар за германскиот весник „Франкфуртер алгемајне цајтунг“ неколкумина угледни германски политичари предупредија на опасноста од растечкото влошување на односите меѓу Русија и Западот: „Со голема загриженост се следи заострувањето на судирот“.
Интересно е што тие пет автори, кои денес веќе не се политички активни, доаѓаат од пет различни партии. Хорст Телчик (ЦДУ), Едмунд Штојбер (ЦСУ), Гинтер Ферхојген (СПД), Хелмут Шефер (ФПД) и Антје Фолмер (Зелени) текстот го имаа напишано пред најновата ескалација. Дотолку позагрижувачки делува нивната последна реченица, со која предупредуваат на „опасност од Трета и последна светска војна“.
Нервоза се чувствува и од соопштение на Министерството за одбрана на Германија. Арапската телевизија Ал Џазира, имено, објави дека еден германски брод ги следи воените бродови на американската морнарица во Средоземното Море. Бродот „Хесен“, со посада од околу 200 луѓе, моментно е дел од придружбата на американскиот носач на авиони „Хари Труман“, потврди портпаролот на Министерството за новинската агенција АФП. Воениот брод во јануари тргнал на шестмесечен пат за заедно со американската морнарица да учествува во воени маневри.
Уште тогаш беше најавен ангажман во Средоземното Море и актуелното влошување на ситуацијата можеше да се предвиди. Со оглед на најновите случувања, партијата Левица побара од Бундесверот и „Хесен“ да биде повлечен од регионот. „Поголемо присуство на Бундесверот во тој регион има важна улога за плановите на Трамп, со оглед на тоа што му пружа важни разузнавачки информации“, изјави потпретседателката на пратеничката група на Левица во Бундестагот, Хајке Хензел.