СЛОБОДАНКА ЈОВАНОВСКА
Мицкоски само десет дена е на власт, а веќе доби порака од Гир да ги држи рацете подалеку од судството
Иако само десет дена е на власт во Македонија, ВМРО-ДПМНЕ, или поконкретно владата на Христијан Мицкоски, ја доби првата црвена линија од Брисел. Евроамбасадорот Дејвид Гир вчера на расправата на Судскиот совет најдиректно порача што мисли ЕУ за реформите во судството што ги најавува новата влада, а пред сѐ за најавеното распуштање на Судскиот совет и на Советот за јавни обвинители.
За да биде сфатен на кое ниво е предупредувањето, Гир употреби и соодветни зборови – дека загриженоста на Брисел ќе биде „сериозна“. На Мицкоски, кој претходно му аплаудираше на холандскиот амбасадор за слични критики, одеднаш му попречи тоа што, како што оцени, странските амбасадори се мешаат во нашите внатрешни работи.
Она што всушност го кажа Гир е дека не може политиката да решава кој ќе биде член на судските и обвинителските тела и дека мешањето на власта во нивната работа во никој случај не може да се продаде како борба за независност на судската власт. Она што не го кажа, а може да се подразбере е дека судството е такво какво што е затоа што во него веќе се замеша политиката, односно дека на ова дереџе го донесоа пред сѐ разните тефтерчиња со имиња за избор на судиите и обвинителите, пишувани во политичките партии. Пораката пред сѐ е дека по неколку месеци оценска мисија на ЕУ и по еден куп на препораки како да се подобри работата на Судскиот совет (меѓу кои нема распуштање), по многуте напори тоа да се врати на нормален колосек и по започнатите внатрешни промени, нема простор за реформата на Мицкоски. Тоа што на настанот на којшто зборуваше Гир беа и други странски амбасадори, пак, требаше да му покаже дека не се само ЕУ тие што сакаат Мицкоски да ги држи настрана рацете од судството и обвинителството. Имено, и Виктор Орбан и сите други што направија упад во судските системи го правдаа тоа со подобрување на нивната работа.
Практично, Мицкоски само што седна, а веќе ја доби првата забелешка во извештајот за прогрес што ќе ни го даде ЕУ. Притоа е видливо дека пристапот на Брисел е сменет и дека сега нема да чека за да ни даде опомена, туку ќе превенира, бидејќи владеењето на ВМРО-ДПМНЕ е веќе виден филм, при што општ впечатокот од првите десет дена е дека оваа партија само сака да продолжи таму каде што застана кога беше соборена од власта, со истите луѓе, со истите концепти и со истите залажувања на јавноста.
Исти се и очекувањата веројатно во ВМРО-ДПМНЕ дека Доналд Трамп ќе се врати во САД, дека Виктор Орбан и сличните како него ќе ја „освојат“ политички Европа, дека проширувањето ќе пропадне, дека Кина ќе ѝ дава пари, а Русија ќе ѝ даде грб за да може да и отсвири фајронт на Европската унија во Македонија и на пораките на Брисел. За разлика од првиот мандат кога тоа не го криеја, сега се полни со про-ЕУ реторика и желба за силна соработка, иако кај дипломатите не остана незабележано дека „нашата претседателка“ на средбите во голема мерка ја критикува ЕУ.
И додека деновиве од власта се фалат дека за десет дена постигнале многу повеќе отколку СДСМ за седум години, треба да се каже дека ретко што од тоа не е на штета на Македонија. Имено, необјасниво е сѐ уште со која цел ВМРО-ДПМНЕ и неговите експоненти ја отворија темата со Преспанскиот договор и со името, навлекоа масовни изливи на гнев од Грција, закани за нови вета, ги разбудија националистите во таа земја и ја седнаа Атина на иста маса со Софија, без било каква видлива добивка за Македонија. И зошто воопшто го отворија затвореното прашање со Грција ако веќе немаат намера да се повлечат од Преспанскиот договор, бидејќи вака и ќе се применува, и Грција и Бугарија ќе добијат нов аргумент да нѐ блокираат.
Факт е, исто така, дека за десет дена новата власт успеа да ги влоши односите и со Албанија и дека во наредниот период ќе станува јасно дали зад одлуката на Тирана да напише „Северномакедонци“ на пописот и да внесе бугарска графа не стои потребата да ѝ се одмазди на владејачката партија и на „Вреди“ за соработката со Албин Курти и да го укине балансерот.
Впечатокот е дека ВМРО-ДПМНЕ како да се тркаат сами со себе да им дадат што повеќе аргументи на соседите да ја блокираат Македонија, при што, на пример, средбата на Гордана Сиљановска-Давкова со претставниците на Сојузот на Здруженијата на Македонците од Егејскиот дел веќе се користи како аргумент во Атина за да не обвинат за иредентизам. За потсетување, тоа беше основата на грчката позиција во спорот против името Македонија, а ние им дадовме аргумент дека таа политика е жива и дека со Преспанскиот договор ништо не се менува во насока на добрососедството.
Заедно со задоцнетото приклучување на осудата на законот за странски агенти во Грузија во ОН, која пушти порака низ Европа дека новата влада можеби се врти кон Русија, впечатокот е дека претходната власт не можеше да направи олку грешни чекори во надворешната политика ни за десет години колку што направи ВМРО-ДПМНЕ за десет денови, дури и да им се даде за право за нивните ставови.
И дома ваквите политики веќе не наидуваат на аплаузи, бидејќи опасно се потроши времето за поигрување со нашата иднина и бидејќи веќе три децении стоиме на место со истата приказна. И, како што му порачаа Арбен Таравари и Билал Касами на Максим Димитриевски – дека заврши политичката кампања и време е да си ја смени реториката- така и на ВМРО-ДПМНЕ е време некој да му каже дека не може да прави и натаму рејтинг со политички кавги дома и во странство, туку со суштински промени и пробиви.
Небулозите од типот градење на „тунел што не води никаде“ и „сите ќе одговараат“ никој веќе не ги купува, заедно со новото задолжување од милијарда евра со матна позадина и сомнителната кинеска ветер инвестиција. Уште повеќе кога министерката за која е измислен цел нов ресор во владата кажува дека зела бугарски пасош за да може да направи кариера во бугарска компанија, а МНР реагира што околу 7.000 Македонци во Албанија го направиле тоа за некоја ситна привилегија, додека во исто време ВМРО-ДПМНЕ се бори против „бугаризацијата“ на Софија. Ова што го покажа ВМРО-ДПМНЕ за десет дена владеење е, кратко кажано, бледа и разочарувачка копија и на претходната влада на ВМРО-ДПМНЕ.