При набројување на подржаните проекти не е спомената нашата земја! Или сега веќе нема којда извести за тоа
Европската комисија минатата недела го објави шестиот инвестициски пакет како дел од Економскиот и инвестицискиот план на Европската унија за Западен Балкан, кој се очекува да мобилизира 1,2 милијарди евра инвестиции, пренесува агенцијата Бета.
Новите инвестиции се однесуваат на три приоритети од Економско-инвестицискиот план – животна средина и клима, одржлив транспорт и поддршка на бизнис секторот.
Како дел од првиот, предвидено е реновирање на инфраструктурата за водоснабдување и канализација во Црна Гора и Босна и Херцеговина, вториот е за напредок на железничката инфраструктура на Коридорот X, со брза врска меѓу Белград и Велика Плана, што овозможува побрз проток на патници и товар во регионот, а трет приоритет е лансирање на нов фонд за иновации и зелена трансформација на регионалните компании.
Пакетот ќе поддржи вкупно осум нови инвестиции во водоснабдување и канализација, третман на отпадни води и железнички транспорт, како и иновации и зелена трансформација на малите и средни компании.
Комисијата најави дека инвестициите ќе се реализираат во тесна соработка со партнери од Западен Балкан и меѓународни финансиски институции.
Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен изјави дека со овој пакет од 1,2 милијарди евра се зајакнува регионалното поврзување со квалитетна инфраструктура.
„Нашите партнери од Западен Балкан ја градат својата европска иднина. Тие инвестиции, заедно со неопходните реформи и пристап до единствениот пазар, ќе ги подготват економиите на нашите партнери за влез во Унијата“, рече првиот човек на Унијата.
Инвестицискиот пакет вклучува 300 милиони евра грантови од ЕУ од Инструментот за претпристапна помош (ИПА III), дополнителни билатерални придонеси од членките на ЕУ и Норвешка, заеми од меѓународни финансиски институции и придонеси од економиите на Западен Балкан, објави Комисијата. .
Пакетот, наводно, бил поддржан од Оперативниот комитет на Инвестициската рамка за Западен Балкан (WBIF) на состанокот на 1 и 2 јули.
Целта на Економскиот и инвестицискиот план за Западен Балкан (2021-2027) е да се поттикне долгорочното закрепнување, да се забрза зелената и дигиталната транзиција и да се зајакне регионалната соработка и конвергенција со ЕУ.