ИВИЦА ЧЕЛИКОВИЌ
Не е никаква случајност тоа што Владимир Путин се заканува дека Москва ќе го стопира гасот за Европа, а не обратно. Но дали Европа, според засилените очекувања, ќе го направи вистинскиот чекор – и ќе ја жртвува својата економија заради Украина.
Сепак, најзастрашувачки можеби не се економските ризици, изразени преку ценовни шокови, затворање на индустриските погони и на стотици илјади работни места, туку политичките. Како би се одразило запаѓањето во рецесија на решителноста за акција во Европа? На кохезијата во ЕУ? Сè уште се свежи сеќавањата како земјите-членки одеднаш го запреа извозот на заштитната медицинска опрема во екот на пандемијата. А за кои лидери би гласале избирачите во таква ситуација? Веќе сега се чини дека пријателите на претседателот Путин имаат добри изгледи за водство и освојување на власта како во Франција, така и во САД.
Не е никаква тајна дека Западот се надева и посакува наскоро да се случи паѓање на Путин од власта. Но се чини дека е многу поважно она што Доналд Трамп, претпоставениот противкандидат на Бајден, во својот најнов атак на НАТО го рече на масовен митинг во САД, речиси во исто време кога Бајден се сретна со украинските бегалци во Варшава.
Поранешниот американски претседател веројатно најостро досега се изразил против НАТО, доведувајќи ја отворено под знак прашање волјата на земјите-членки да учествуваат и да ги збијат редовите кога тоа е неопходно. Трамп притоа потенцирал дека САД „нема да прискокне на помош во случај Русија да нападне“ други членки на НАТО, доколку тие „не ги плаќаат своите сметки“.
Многумина реагираа дека изјавата на Бајден, кој го нарече својот руски колега „касап“ и дека „не смее да остане на власт“, не беше нарочно обмислена, иако, како што се забележува, американскиот претседател се изразил во негов вообичаен стил, кажувајќи гласно она што многумина други го мислат. Но, од друга страна, пораката на Трамп е директно опасна, онака како што би можела да се протолкува во Кремљ: – издржете, по некоја година условите би можеле да бидат сосема поинакви! Затоа би можело да се констатира дека за рускиот претседател всушност беше поважно да го слушна токму тоа, а не вербалниот напад на Бајден.
Напоредно со зацврснувањето на определбите за пристапување на европските земји со неутрален статус во членството на НАТО, посебно на Финска и Шведска, сé почесто се споменува и потребата од јакнење на заедничката ЕУ-одбрана.
Но дали тоа сега ја поткрева температурата во сфаќањата околу можностите ЕУ да ја зајакне сликата за себе и како воен сојуз? Факт е дека кога источноевропските земји посакуваат да влезат во НАТО, ја провоцираат Русија. Помалку се смета за провокативно кога ќе се каже дека тие можат да станат членки на ЕУ, откако ќе ги исполнат условите. Но доколку ЕУ би продолжила да се дефинира како воен сојуз, тогаш земјите аспиранти за членство би требало да избираат меѓу една и друга воена алијанса. Затоа се укажува дека би било мудро, ЕУ, со оглед на источноевропското партнерство, да не заговара сопствена трансформација во воен сојуз. Дополнителна опасна дебата не е потребна.
Рационални аргументи се дека никој не сака да биде вовлечен во војна, и никој не сака да биде виден и сфатен како непријател, без оглед колку некој се наоѓа далеку или блиску од линијата на фронтот. Од таа гледна точка, во дебатата „за и против“ НАТО неретко се инсистира на правење дистинкција дека не е исто да се биде „воено“ неутрален и „политички“ неутрален.
Во меѓувреме ставовите на Доналд Трамп околу НАТО и неговата иднина тешко ќе можат да бидат заобиколени. Трамп всушност не се доживува како поранешен и подзаборавен американски претседател. Тој и понатаму ја држи својата Републиканска партија во челична прегратка и воопшто не е исклучено повторно да стане претседател на САД. Токму затоа, тоа што тој го зборува не може да се сфаќа само како некаков лапсус, туку и како егзистенцијална закана кон НАТО, а со тоа и кон Европа. Имајќи го тоа предвид, се чини дека ќе биде потребно источноевропските земји, наместо постојано да бидат туркани во клинч меѓу НАТО и Русија, да имаат можност да станат дел на западната заедница на држави, но без притоа да мора да бидат и членки на воени сојузи.
Цената со која би соочила Европа доколку Путин би ги затворил гасните вентили би бхила мошне висока, и би била проследена со социјални и политички немири, како и со опаѓање на поддршката за санкции кон Русија. Такво разидување ни најмалку не е потребно во време кога за ЕУ внатрешност единство е највисок приоритет и централно прашање.
Но и прашањето на натамошното проширување на ЕУ кон Исток посебно добива во значење, бидејќи Брисел не може постојано да се дистанцира и да ги подзатвора очите кон состојбите во своето непосредно соседство. Освен најновите срамежливи изјави дека прашањето за ЕУ-членство на Украина, Грузија и Молдавија има многу поголемо значење отколку само да се покаже поддршка во борбата против Кремљ, Брисел го врти погледот и кон земјите кандидатки од Западен Балкан, вклучувајќи ја и Македонија, кои од поодамна се заглавени во чекалната пред портата на ЕУ. Можните ризици од дестабилизирањето на Западен Балкан во ехото на руската инвазија на Украина, ја загрижува ЕУ.
Европа никогаш повеќе не може да биде истата како што ја знаевме досега. Сега е време за храбри чекори, при што проширувањето кон Исток е исклучително важен и неодложен чекор.