Но, од друга страна, ниту една земја од Балканот не е реформирана како што е потребно. ЕУ е построга со Балканот затоа што се покажа дека Полска и Унгарија беа проблематични. Судските реформи се неопходни, дури и без влез во ЕУ, и така е со уште серија други области
Жан-Мишел де Вал е професор по Политички науки на Факултетот за општествени и политички науки при Слободниот универзитет Брисел. Во интервју за Рес публика, тој ја зборува за политичката иднина на Западниот Балкан и скептицизмот околу европската интеграција, кој е сè поприсутен во регионот.
Според проф. де Вал, Европската Унија се наоѓа пред клучна точка за проширување и истовремено соочување со внатрешни реформи. Овој дуален процес е обременет со политички и општествени предизвици, како и со комплицираната ситуација на Балканот, каде што национализмот и идентитетските прашања и натаму се проблеми кои не само што ги одложуваат европските перспективи, туку и создаваат потенцијални тензии и нестабилност.
Светот се менува и каде е местото на Балканот? Проширувањето на ЕУ како да не функционира, или барем не доволно.
-Јас сум оптимист. Кога бев неодамна во Македонија, видов дека постои големо разочарување од процесот на интеграција. Но, искрено, јас не гледам како ЕУ може да прими одеднаш шест земји, како што рече германскиот канцелар во една изјава. Албанија и Црна Гора се на прво место од ова што може да се види засега, но и Македонија е на добро место за влез во ЕУ. Прашањето на бугарското малцинство, како што реков за време на моите предавања во Македонија, е да се избегнат историчарите во овие политички одлуки. Историчарите можат да објавуваат корисни книги, можат да се караат меѓу себе за тие теми во нивните комисии, нека внимаваат школските учебници да не се полнат со националистички и агресивни глупости против соседите, но не треба да преговараат. Не гледам зошто Бугарите не можат да го признаат македонското малцинство и обратно. Станува збор за неколку илјади луѓе и не смее да се дозволи тоа да ја блокира земјата.
Да, но не гледаме политичка волја за такви чекори?
– Бугарија е во политичка криза подолго од две години, ако не се лажам. Во тек на таква криза или изборна кампања, не може да има компромис. Ако има стабилно мнозинство, мислам дека, со помош на ЕУ, ќе може да се најде компромис. Партиите на власт во Македонија се тие што треба да најдат компромис и никој во земјата нема да се буни против тоа, бидејќи мнозинството е стабилно. Инаку, ќе дојде време кога ќе ви кажат дека не можете да влезете во ЕУ токму поради одбивањето да се смени Уставот за неколку илјади лица. Не сум сигурен дека ова одбивање може да трае долго.
ЕУ покажа неспособност и непознавање на регионот
-Сепак, проширувањето не се чини кредибилно. Во Македонија, во овој момент, ретки се тие што веруваат во проширувањето за кое ни зборуваат три децении.
Реформите на ЕУ кои треба да го овозможат ова проширување на ЕУ не се ни започнати?
-За реформата на ЕУ морам да кажам дека е полесно проширување отколку продлабочување на европските институции. Според мене, не е дојден моментот кога ЕУ ќе влезе во реформи за промена на своите институции. А Балканот не треба да ја плати цената за неспособноста на ЕУ да се реформира. Сега сите земји членки се фокусирани врз прашањето на одбраната на ЕУ.
Но, од друга страна, ниту една земја од Балканот не е реформирана како што е потребно. ЕУ е построга со Балканот затоа што се покажа дека Полска и Унгарија беа проблематични. Судските реформи се неопходни, дури и без влез во ЕУ, и така е со уште серија други области. Јас го разбирам тој умор од реформите кои се бараат од вас и знам дека ЕУ тука има огромна одговорност. Одговорна е дека покажа неспособност и непознавање на регионот.
Но, Путин му подари прекрасен подарок на Балканот. Европјаните сфатија дека работите се менуваат. Сивите зони и Балканот, ако не биде во ЕУ, ќе бидат празни зони што некој ќе сака да ги пополни. За ЕУ е подобро да се шири отколку да го остави регионот на некој друг. Освен тоа, Балканот е зона со едвај 20 милиони жители, и тоа за ЕУ навистина не е проблем. Ако постои волја.
Со српскиот национализам и, во исто време, албанскиот национализам, што расте и што е негов пандан, ќе видиме ли слабеење на општествата кои имаат мултикултурно и мултиетничко искуство, како Македонија?
– Да, таму е очигледно големото прашање. Дали, во денешниот свет, сè уште можеме да имаме мултиетнички општества? Ова е добро прашање. Балканските држави се добар пример за тоа. Мислам дека она што е опасно е новиот американски претседател да ги врати пак на маса старите идеи за размена на територија на Косово. Тоа отвора Пандорина кутија.
Има два различни брана, од една страна имаме мондијализација, а од друга страна, имаме идентитетско повлекување. Двете тектонски плочи се допираат, мислам дека мондијализацијата и европеизацијата ќе сретнат отпор, но нема да можат да се сопрат.
Ова е последна шанса за Европа да изгради заедничка одбрана, даночна и социјална политика итн. Ако не го направи тоа барем со одреден број членки, ЕУ ќе остане економско џуџе. Слушнав реакција дека Американците се 350 милиони, а ние, Европејците, околу 500 милиони (заедно со Балканот и поранешните советски републики – н.з.). Сега некои во САД прашуваат, зошто не можете да се грижите за себе?
– Оваа реакција, од типот на Трамп, ја резимира ситуацијата.
ЕУ покажува политичка волја да се прошири кон Грузија, Молдавија и Украина, но во пракса тоа би можело да потрае околу дваесет години. Дали грешам?
Мислам дека, во секој случај, тоа е долгорочен проект и ова отвора навистина важни геополитички прашања, така што мислам дека е прилично комплицирано. Екс република на Советскиот Сојуз со која би можеле да се движиме прилично брзо е Молдавија, бидејќи е многу мала земја, веќе има силни односи со Романија. Но Украина е огромна, има исклучително голема популација и е многу сиромашна земја. За тоа би биле потребни европски фондови. Прашањето е дали во меѓувреме може да се влезе во зајакнато партнерство. Не е дека не сакаме да се приклучи, но мислам дека треба да одиме кон тоа овие земји да учествуваат во европските политики, а да не се полноправни членки. За Украина, мислам дека скорешен влез во ЕУ е невозможен. Во мојот живот, мислам дека ќе видам дел од државите на Западниот Балкан во ЕУ. За Украина, не сум сигурен.
Нема конфликт што се решава со газење на другиот
-Во денешниот свет се чини дека никој на меѓународното право не му ја дава важноста што ја заслужува во конфликтот помеѓу Израел и Палестина, по нападот на Хамас на 7 октомври 2023 година. Дали нападот на Хамас врз Израел е акт на тероризам или воено злосторство, дали едногодишното бомбардирање на Израел врз Палестина е геноцид или присуствуваме на воени злосторства?
Правниците од меѓународното право не се согласуваат за она што се случи на 7 октомври или подоцна. Но се согласуваат во минимумот, а тоа е дека присуствувме на воени злосторства. Јасно е дека нападот од 7 октомври е злосторство против човештвото и дека истото треба да се каже за политиката на Израел. Дали е геноцид или погром…. Треба да се биде внимателен. Самото кршење на меѓународното право е веќе тешко обвинување. Правниците треба да го дефинираат тоа, но проблемот кај јавноста е тоа што времето на правдата и времето на емоциите не се совпаѓаат. Треба да се остави правдата да ја врши својата работа.
Но дали тоа ќе промени нешто? Морам да кажам дека тука имам сомнеж. Односот на силата се наметнува, Израел наметнува победа во крв со масакрите на деца, жени, стари луѓе, на невини луѓе. За жал, политиката е однос на силите. Може да се каже дека на краток рок Израел победува. Но, на долг рок, ми се чини дека нема да однесат победа. Израел ќе го дестабилизира Хамас, Иран нема доволно сила за одговор, но децата на Газа, на Либан и на Западниот Брег се поопасни од сето она што го гледаме. Нема конфликт што се решава со газење на другиот. Палестинскиот народ има своја историја, свест и не може да исчезне под бомбите. Израел загуби и нешто друго важно. Во САД и во Европа, јавноста која се водеше според настаните во Втората светска војна и автоматски имаше симпатии кон Израел, сега таа јавност ја губи симпатијата за Израел, а Нетанјаху ќе ја носи историската одговорност за тоа.
Многу демократски партии и јавноста протестираат против ова што се случува, а Нетањаху го претвори Израел во омразена држава. Длабоко во европското општество, Израел го загуби имиџот на држава што не смее да се допре, што постоеше како некој автоматизам поради холокаустот. Холокаустот нема да биде заборавен, но Израел ја губи поддршката. Тоа нема лесно да се поправи.
Израел прави притисок врз меѓународната правда. Дури и обвинителот од судот во Хаг јавно го кажа тоа?
Лично не верувам дека притисок врз меѓународната правда ќе донесе резултат за Израел. Меѓународната правда не се само САД и ЕУ, туку и земјите од Африка, Азија…
Залудно е тоа што Израел лобира во Белата куќа, што секоја критика на политиката на Нетанјаху ја етикетира како антисемитизам… Тоа не држи во меѓународната правда.
Во случајот на Украина, брзо по почетокот на војната имаше налог за апсење на рускиот претседател Путин, ЕУ и САД се мобилизираа, ги пречекаа украинските мигранти. Во случајот на Палестина, ништо од тоа не се случи, а Палестина не е толку географски далечна за да биде заборавена. Дали присуствуваме на двојни стандарди?
-Јасно е дека се ова двојни стандарди. Таа политика го чини Западот, а Путин, со двојните стандарди, се зајакнува. Како да им објасните во Африка дека за Украинците границите се отворени и дека им се дава голема помош? Јас секоја година одам во Бурунди и тешко ми е да објаснам зошто, за тие луѓе, границите се затворени. Нивниот одговор е често дека ние на Западот сме расисти. Разликата помеѓу жител на Бурунди и на Украина е само во бојата на кожата. Не е религијата во прашање, во Африка има многу христијани.
Можеме, ако сакаме, да го натераме Израел да ја прекине војната. Но тоа не го правиме и помагаме да се создадат монструми што подоцна ќе ни прават проблем. Путин не е вечен, но неговиот наследник или наследникот на Си Џин Пинг ќе најдат сојузници во африканските земји. Дури и во Латинска Америка. Накусо, водиме кусогледа политика, политика на кратки патеки.
Сакам да го споредам ова што се случува со Договорот од Версај од 1919 година меѓу Германија и сојузниците, на крајот од Првата светска војна. Со тој договор ја пониживме Германија и договорот ги создаде нацистите. Ако со ова произведеме терористи, тоа и не е толку многу лоша вест. Забораваме дека Северна Кореја веќе има атомска бомба, а Иран не е далеку од таков исход на својата нуклеарна програма. Не е случајно што Бразил и Индија одбиваат да се позиционираат за Украина.
Расизмот во општествата е огромен
Каде оди Европа со миграцијата?
– Еден дел од населението во Европа смета дека има премногу миграција, и од тие причини политичарите одат кон зајакнување на лимитите за миграцијата. Таму од каде што доаѓаат, ние праќаме тенкови, а тоа раѓа миграција. Прашањето е што, всушност, сакаме ние. Но тоа е контрадикторно со потребите на Европа, чијашто демографија е во опаѓање и имаме потреба од млади луѓе. Европа си пука в нога, според мене. Затоа што не е способна да организира миграција и не е способна да дојде до договор.
Јас сум прогресист и мислам дека има пропусти. Најголемиот број на миграцијата е успешна приказна, но очигледно е дека, во извесен број случаи и во одредени места, ситуацијата е лоша. Пример ќе ви дадам со моите соседи во Брисел. Тие се Белгијци и почнаа да се жалат дека немало белгиска слаткарница во квартот и слично. Она што е важно е политичарите да ги слушнат и да ги разберат тие жалби и да најдат време да им објаснат на луѓето, да разговараат со нив. Потребна е педагогија, но наместо тоа, зборот го имаат оние што бараат повеќе безбедност. Се разбира дека има злоупотреби.
И истовремено сум изненаден што борбата против шверцерите, кои им наплаќаат големи суми на мигрантите за да ги пренесат во Европа, не дава резултат. Според мене, не е некој огромен проблем да се сопрат тие кои изнајмуваат скапани бродови за мигрантите. Тоа ми се чини чудно. Инаку, од Африка кренавме раце и сè додека не ѝ помогнеме на Африка да се развие, во Европа ќе имаме миграција.
Што се случува со институциите во земјите членки на ЕУ кои се занимаваа со соработка за развој и што, главно, беше наменето за Африка?
-Холандската влада, на пример, одлучи да ја укине таа институција. Овде во Белгија, за време на изборната кампања, претседателот на Либералната партија прашуваше каде се резултаите од нивната работа. Мислам дека таа дебата треба да се отвори. Потрошивме многу пари, а каде се резултатите? Да, денес Конго или Бурунди подобро стојат со развојот споредено со претходните години, но дали е тоа резултат на соработката за развој? Тоа е исто така дебата што треба да се отвори.
Примерот на Мелони често се цитира во европските влади како успешен, особено по отворањето центар за мигранти во Албанија. Успешен ли е примерот?
Се разбира дека не. Тој одговор е, всушност, одговор на стравот на луѓето од мигрантите. Креиран од екстремната десница. Одговорот не е добар, но мора да го повторам прашањето – кое решение го сакаме ние? Нам ни треба алтернативна политика која не дозволува пазарот и профитот да ја водат политиката. Треба да се седне на маса и да се дојде до договор каква миграциска политика сакаме.
Може ли да се каже дека постои сè повеќе расизам во западните општества?
-Расизмот во општествата е огромен и мислам дека дојдовме до оваа точка поради тоа што социјалното прашање исчезна од нашите општества. Медиумите не се задржуваат многу на работничките права, тоа се за нив досадни теми. Прашањето е што да сториме за да ги вратиме тие теми во центарот на вниманието. Наместо да се задржуваме на Арапите кои прекршиле правила или закони во нашите општества и да се однесуваме како да се само Арапите тие што кршат закони.
(Оваа содржина ја изработи Институтот за комуникациски студии)