ДЕНКО МАЛЕСКИ
Меѓународната политика, имено, не е производ на правни норми туку на реални интереси, на избори и борба за власт, на приоритети на домашната политичка агенда, на солидарност меѓу сојузниците и слично
Jазикот на дипломатијата не е ист со оној на реалната анализа на меѓународните односи. Треба да бидеме внимателни погрешно да не ја протолкуваме силната дипломатска поддршка која ја добиваме деновиве од челниците на ЕУ и на САД за нашиот јазик и идентитет и за почеток на преговори со Унијата. Поддршаката кон Македонија е искрена. И отсекогаш била. На првите разговори кои ги имав со западните претставници на почетокот од деведесеттите ја разбрав нивната филозофија: се што е животоспособно треба да се поддржи да расте и да се развива, поединец било или народ. Минатото не е важно. Важна е сегашноста и иднината. Сте биле некогаш комунисти, сега сакате да бидете демократи, повелете покажете се на дело. Соговорниците беа искрени во својата поддршка за Македонија и тогаш и сега. Сепак, кога станува збор за почеток на пристапните преговори, останува на сила истот железен закон на меѓунардоните односи од времето на спорот со Грција и од памтивека.
Имено, дека сојузите се создадени да ги штитат интересите на своите членки. Оттаму и механизмот на одлучување – консенсус. Ние, се разбира, сакавме некогаш и сакаме сега да не е така, па, во име на нашите народи, домашните политичари упорно упатуваат апели па дури и прекори до Унијата што не прави повеќе за нас, наспроти блокадата на Бугарија.
Забораваме дека тој пат еднаш сме го минале. И не дека недостасуваше поддршка сиве овие три децении. Да потесетам дека на почетокот од деведесеттите Арбитражната комисија на чело со Робер Бадинтер, претседателот на уставниот суд на Франција, заклучи дека имаме право на името „Македонија“. Со исклучок на Северен Кипар, немаше земја не само во Европа туку и во светот која беше против тоа да ја нарекуваме нашата држава како што сакаме. Оттаму и огромниот број меѓународни признавања под уставното име. Но, неискуството со самостојно водење држава во светската политика произведе мислење дека времето работи за нас, а нашата погрешна политика на „антиквизација“ ни ја запечати судбината. После скоро триесет години не стаса уште поголема отстапка од онаа која моравме да ја направиме ако го решевме проблемот порано: да го промениме името не само за меѓународна туку и за внатрешна употреба. Плативме цена која не се плаќа според меѓународното право, но се плаќа според меѓународната политика. Меѓународната политика, имено, не е производ на правни норми туку на реални интереси, на избори и борба за власт, на приоритети на домашната политичка агенда, на солидарност меѓу сојузниците и слично. Како тогаш, така и сега, повеќе отколку кон аспирантите за членство, големите европски сили се одговорни за единството на сојузот, гласи уште еден железен закон на меѓународните односи. Тој важеше за Грција а ќе важи и за Бугарија.
Имаме и ние аргументи на наша страна. Проширувањето на Европската унија со Северна Македонија има за цел стабилизирање а не разнебитување на нашата држава. Ако е тоа целта на Унијата, бугарската политика треба да се ослободи од ставови и постапки кои се закануваат да ја срушат младата македонска држава, нејзината нација и јазик. Македонската политика, пак, треба да се соочи со митовите од минатото кои, кај нас, се посилни од историските факти. Така ќе ја разрешиме безбедноснат дилема, извор на конфликти во сите времиња, која почива врз страв и недоверба меѓу македонскиот и бугарскиот народ за тоа кои се вистинските намери на соседот.