ЕЛИЗАБЕТА СЕКИРАРСКА
Да не зборувам за фактот дека пресметувањето процент за нив е нуклеарна физика, па цртаме бурек на табла за да сфатат што значат четирите еднакви дела во едно цело. Да не зборувам и за фактот дека Рембрант за нив е Рамбо, Крлеуша модел за идол, а инфлуенсерките кои сервираат небулози – креатори на нововременските следбеници кои не сфаќаат дека талкаат
Деновиве зад нас, помеѓу многуте „кандидати“ за приказна на месецот и би рекла во остра конкурентска битка, исплива на површина една необична, по малку смешна, но за мене секако индикативна приказна, околу која како по обичај кога од дрвото не се гледа шумата, јавноста се подели и во позиција на рафална стрелба неколку дена се занимаваше на боиштето, конечно сепак дефинирано како полигон за размена на ќор-фишеци. Во главната улога се најде воспитувачка од детска градинка, која сакајќи да ги анимира децата, а истовремено да им исполнува музички желби во рамките на активностите за забава, ги поттикнуваше да играат на парче исклучително шунд нота, кое предизвика лавина реакции – до ниво кое подразбира вмешување на надлежните инстанции, повикани во функција на мерење на степенот на педагошката деформација.
Искрено, овој случај би можела да го оквалификувам и како прилично депласиран затоа што ако сакаме да бидеме реални, многу поголеми воспитни утки би требало да се тема на вакви реакции, а не се. Ќе споменам подоцна само дел од нив, секако. Многубројни се, по тежина обесхрабрувачки и секако не можат да се соберат во една колумна. Засега, ќе речам вака: случајов отвори многу прашања. Атакувачите врз ликот и чинката на воспитувачката, фатени во костец со нејзините апологети ми се чини, само ја апострофираа стапицата во која постојано се фаќаме многу долго време – да ги спориме или браниме последиците, без да ги бараме причините. Во целата приказна, нештата целосно се изместија од потребниот фокус и се престорија во занимација за масите, гладни за распнување без да се видат себеси онаму каде што припаѓаат во приказната – како дел од проблемот. Секако, се сложувам дека можеме и треба да разговараме за степенот на, да ја наречам, вината на воспитувачката. Можеме да дискутираме за фактот дека и градинката е воспитно-образовна институција и дека од неа започнува ставот кон учењето, дисциплината, обврските и светогледот воопшто, како и доживувањето на просторот во кој дури и она што се носи од дома се искоренува ако е неправилно и ако не е во интерес на детето, кое утре треба да биде човек со изградени вредносни системи по сите основи. Затоа сме наставници. Затоа мислам дека е сосема погрешно апологетското аргументирање од типот: „Дома како Бетовен да слушаат, па толку им пречи Жената на султанот“ затоа што обврска на сите нас како воспитувачи е да балансираме помеѓу она што детето го носи со себе како всаден поглед на свет од своите родители и она на кое ние мораме да го научиме. Дури и кога е музиката во прашање.
Она што стана (и остана) повод за реакции, но не се трансформира во причина за размислување, за мене значи уште една пропуштена шанса да се загребе подлабоко под површината и да се види очигледното – полесно се палиме на тривијалности отколку да се зафатиме со сериозните сколиози на воспитно-образовниот ‘рбетен столб, кој толку долго страда, што се чини дека ќе се предизвика степен на инвалидност кој нема да може да се санира така лесно. Впрочем, таа невозможност ја живееме во нашите училници.
Би прашала вака: Каде се родителите со ваквите реакции за последиците на Кембриџ-програмата, на пример? Имам млади колеги и пријатели во улога на родители на деца во основно образование – мака мачат, навистина. Децата исцрпени, родителите нервозни, наставниците полни со барања. И ова треба да биде поле за сериозна дебата, но не е. Слушаме тивки негодувања и жалења. И толку. И тоа со години. Кога ќе завршат основно училиште, тие деца доаѓаат кај нас во средно – веќе апатични, изморени и незаинтересирани. Завршуваат средно и продолжуваат низ факултетските авантури, еднакво вооружени со незнаење и со непотребноста да го надминат тој механизам. Каде се родителите со вакви реакции кога се катастрофалните учебници во прашање, на пример? Повторно сведочиме на битката за форма, а не во интерес на содржината и повторно се губи фокусот – во 21 век, дискутабилните аргументи во битката против учебниците во електронска форма во основа ги затскриваат вистинските намери и причини. За овој аспект веќе пишував и сѐ уште стојам на истиот став. Каде се родителите со вакви реакции кога децата за кои училиштето е место за отседување, но не и за почитување кое ќе подразбере учење, ред, култура и пристојност, добиваат незаслужени оценки? Каде се родителите со вакви реакции кога наставникот кој се дал себеси во училницата е соочен со атак кој не го заслужува?
Би сакала како финале на писаниево да го апострофирам и ова: деновиве одбележуваме два многу важни датуми, врзани за годишнината од заминувањето на Блаже Конески и чествувањето на делото на свети Климент Охридски. Две многу важни фигури, вткаени во македонската книжевност, во словенската писменост – во она што е бит на себепрепознавањето. Имав можност да разговарам за ова со млади луѓе, средношколци. Во полна ментална сила, со толку многу можности распослани пред нив. Останав импресионирана од степенот на нивната среќа што денот на чествувањето на свети Климент Охридски за нив значи само едно – ден кога нема настава. Со помината повеќе од деценија во клупите, тие не знаат дека св. Климент е творецот на кирилското писмо, најистакнатиот ученик на творците на словенската писменост, светите браќа Кирил и Методиј, основоположник на Охридската книжевна школа, од која излегле 3.500 ученици. Не го препознаваат ниту делото на Блаже Конески, истакнатиот македонски книжевник, кодификатор на современиот македонски литературен јазик, но тажни се што и по основа на одбележувањето на денот на неговото заминување не е прогласен неработен ден, оти тоа би значело дека добиваат два врзани дена среде работна недела. Пред полугодие. Време кое треба да подразбере поинаков поглед на нештата кои за нив како ученици се важни.
Да не зборувам, пак, и за фактот дека пресметувањето процент за нив е нуклеарна физика, па цртаме бурек на табла за да сфатат што значат четирите еднакви дела во едно цело. Да не зборувам и за фактот дека Рембрант за нив е Рамбо, Крлеуша модел за идол, а инфлуенсерките кои сервираат небулози – креатори на нововременските следбеници кои не сфаќаат дека талкаат. Да не зборувам и за многу други тажни секвенци од воспитно-образовното милје, кои се провлекуваат предолго, опстојуваат и се мултиплицираат токму поради фактот што нема реакции на олку очигледни атакувања врз младите по сите основи. Раснат и созреваат во еден силно токсичен амбиент, во кој сите ние како возрасни, особено во улога на родители, на свој начин носиме дел од вината.
Најмногу затоа што ни е полесно да муабетиме за „Султановата жена“ наместо да размислуваме за неа и да сфатиме дека таа, во основа, толку многу живее во нашите деца, што навистина им треба сериозна помош за да излезат од стегите на комоцијата која таа им ја нуди, мерена преку непотребноста да бидат поинакви.