Унгарската полиција употреби солзавец против демонстрантите кои во Будимпешта протестираа против законот за зголемување на прекувремените работни часови
КЕНО ФЕРЗИК
Илјадници демонстранти во Будимпешта повеќе вечери по ред демонстрираа против владата на Орбан и законот со кој горната граница за дозволени прекувремени часови се зголемува од 250 на 400 часови годишно. Притоа, дојде до судири со полицијата, која употреби солзавец. Според медиумски извештаи, претходно дел од демонстрантите фрлале со јајца, шишиња и чадни бомби врз полицијата.
Весникот близок до владата, „Маѓар Идок“, информира дека биле уапсени 35 демонстранти, меѓу нив и заменичката на лидерот на малата вонпарламентарна либерална партија Моментум, Ана Донат. Таа е ослободена во текот на изминатата ноќ. Полицијата ја уапсила поради тоа што имала чадна бомба, изјави Донат за Клубрадио.
Законот за зголемување на горната граница за прекувремени работни часови беше донесен во средата (12.12.2018). Синдикатите веќе го нарекоа „ропски закон“.
БЕЗДОМНИЦИ Незадоволството е насочено и против целокупната политика на деснонационалистичката влада, меѓу што и против рестриктивниот Закон за високо образование, кој доведе до одлука за иселување на либералниот Централноевропски Универзитет од Унгарија.
Кога пред речиси триесет години се појавија првите бездомници на улиците и подземните метро станици во Будимпешта, многу Унгарци беа шокирани од овој несакан ефект од промената на системот. Во меѓувреме тие се веќе навикнати на ваквата глетка. Во ниту еден друг источноевропски град нема толку многу бездомници, пред сѐ стари сиромашни луѓе како во Будимпешта. Од поголемиот број досегашни влади, без разлика дали биле од левицата или десницата, тие во принцип беа игнорирани. Унгарскиот премиер Виктор Орбан и неговите социјал-политичари веќе подолго време сакаат да го решат овој проблем на сопствен начин – со тоа што едноставно ќе забранат бездомништво. Владата и неколку општини имаа повеќе обиди да го спроведат тоа, но не поминаа на Уставен суд, ниту во Врховниот суд во Унгарија. Последен пат тоа беше во 2016 година. Поради тоа, бездомништвото во јуни годинава беше забрането со уставен амандман, поради што повеќе не е возможна жалба до Уставниот суд по оваа одлука. „Доживотен престој на јавна површина е забранет”, се вели сега во унгарскиот устав.
Овој акт стапи на сила со што бездомништвото и официјално е забрането. Како живеење на јавна површина во светло на законот ќе се смета и ако еден бездомник седи или лежи некаде со работите што ги носи со себе. Ако по барање на полицијата не го напушти местото и не оди во некое прифатилиште на пример, тогаш може да биде приморан на комунална работа како казна, или ако се противи, дури може да биде и притворен. Притвор може да следи и ако во период од три месеци игнорира повеќе од три барања на полицијата да го напушти местото на кое престојува. Во таков случај се заканува судење по брза постапка кое може да води кон затворска казна. Притоа полицијата може да го конфискува и уништи сето она што го поседуваат бездомниците, вклучително и лични работи како фотографии. Трошокот за тоа може да биде на товар на бездомниците.
СИРОМАШТИЈАТА НЕ Е КРИВИЧНО ДЕЛО Голем број невладини организации во Унгарија, меѓу кои и Сојузот „Градот им припаѓа на сите” со месеци жестоко протестираат против новата забрана за бездомништво која според нив е „нечовечна“ и не е соодветно решение за проблемот. Голем број здруженија поддржани од уметници протестираа пред парламентот против новиот закон со пароли на кои пишуваше: „Сиромаштијата не е кривично дело” или „Кукавица е оној кој им прави лошо на сиромашните“. Законот предизвика негативни реакции и критики и на меѓународен план. И во таканаречениот извештај на Саргентини на Европскиот парламент, ова е наведено како пример како Унгарија ги прекршува владеењето на правото и основните вредности на ЕУ. Овој извештај е основа за активирањето на постапката по членот 7 на ЕУ против Унгарија.
Унгарската влада се спротивставува на овие критики, особено на оние дека сака да ги криминализира бездомниците. Новите законски правила се со цел да се спасат животи, изјави државниот секретар во Министерството за човечки ресурси, Бенце Ретвари за државната телевизија. Со оваа регулатива треба да се спречи бездомници да умираат од премрзнување, а излезот од бездомништвото да го најдат преку сместување во привремени засолништа, каде ќе добијат соодветна облека, можност за работа и социјално советување. Проблемот со бездомниците веќе 28 години не е решен, вели Ретвари и додава дека новиот закон е чекор во таа насока.
ПОДВИЖНИ КАРТОНИ Според проценките во моментов во Унгарија има околу 30.000 бездомници, од кои најголемиот број живее во Будимпешта. Владата тврди дека во прифатилиштата има место за 19.000 луѓе, додека според невладините организации има само 11.000 места за згрижување на бездомници. Во многу од овие прифатилишта нема доволно место, а лоши услови поради што тие велат дека порадо би живееле на улица.
Во основа политиката кон бездомниците на владата на Орбан е непрофесионална и дилетантска, велат критичарите. Новиот закон е исто како да речете дека на луѓето кои се здравствено осигурани им е забрането да се разболуваат, вели свештеникот од методистичката црква, Габор Ивањи, кој со години раководи Здружение за бездомници и еден прифатен центар во Будимпешта. Експертот за социјална политика Балинт Мисетикс за еден весник напиша: „Ако унгарската влада во изминативе осум години разумно размислеше што треба да направи за да има помалку бездомници, отколку да го менува законот и Уставот, тогаш денес ќе имавме помалку луѓе кои живеат на улица.”
Колку доследно унгарската полиција ќе го спроведува законот останува да се види. Независните медиуми пишуваат дека полицијата уште неделава ќе спроведува големи рации во Будимпешта. Поради ова критичарите протестираа во изминативе денови – на плоштадот во Будимпешта каде што има многу бездомници, десетици демонстранти поставија картони и лежеа на нив долго време.
Едно видео објавено од владата на Виктор Орбан предизвика бранувања во Унгарија. Тоа е извик на бес против Европскиот парламент придружуван со драматична музика во позадина. „Не потпаѓајте на уцени” вели насловот на клипот, „Да ја заштитиме Унгарија!”. Клипот кој трае 25 секунди е одговорот на Будимпешта до Европскиот парламент за извештајот на Саргентини кој беше одобрен со двотретинско мнозинство на 12 септември. Во извештајот се обвинува Унгарија за сериозно прекршување на владеење на правото и служеше како основа за тековниот процес на активирање на членот 7 против државата.
„Мнозинството во ЕП кое е за поддршка на имиграцијата сака да нѐ замолчи бидејќи ние си го штитиме нашиот дом и Европа со ограда”, се вели во видеото. Се појавуваат и непријатни фотографии од двајца парламентарци, членот на холандските Зелени, Јудит Саргентини и белгискиот либерал, Ги Ферхофстат. Во позадина има замаглена слика од американскиот милионер со унгарско потекло, Џорџ Сорос.
АГРЕСИВНА КАМПАЊА Видеото е дел од актуелната кампања на владата на Виктор Орбан, која во моментов се емитува на сите провладини медиуми во Унгарија. Во рамките на кампањата владини политичари речиси секојдневно остро ги напаѓаат сите наводно антиунгарски држави и шефови на влади на ЕУ, пред сѐ францускиот претседател Емануел Макрон и германската канцеларка Ангела Меркел. Орбан дури и лично ја обвини Меркел дека сака да ѝ ја одземе на Унгарија заштитата на нивните граници. Историчарката Марија Шмит, која му е главен поддржувач, пишува дека канцеларката сака да го комплетира планот на царот Вилхелм и Хитлер за германизација на Европа.
Оваа агресивна кампања против извештајот на Саргентини и активирањето на членот 7 всушност доаѓа во вистинско време за Орбан, и сосем совршено се вклопува во неговата политичка стратегија. Долгорочна цел на Орбан е ЕУ која функционира исклучиво само како економска унија – во неа за работи како владеење на право ќе си одлучуваат самите земји членки. До таа мера што Орбан успешно ја користи темата миграција во домашната изборна кампања за да се задржи на власт. Тоа е доминантна социјална тема во земјата, на која тој се надева дека уште долги години ќе поентира.
Орбан ја претстави дебатата во ЕУ за Унгарија, како „освета на Брисел” поради неговата антимиграциска политика. Опасноста од миграцијата, вели Орбан исто така ќе биде во центарот на изборната кампања за Европскиот парламент, премиерот се надева дека ќе бидат надгласани, како што вели „левичарско – наклонетите либерали кои се за про-имиграција” кои сега се мнозинство во ЕП. При тоа фер е досега невидените антиевропски тонови да се интерпретираат како отворен предизвик за ЕУ.
Формално, Орбан и неговата партија Фидес се дел од кампањата на Европските избори како членови на десно – централната Европска народна парија ЕНП. Орбан инсистира неговата партија да остане член на ЕНП, но сака да воспостави коалиција околу неговата рестриктивна антиимиграциона политика. Во исто време сѐ уште трае дебатата внатре во ЕНП околу исклучување на Фидес.
Практично, Фидес предизборната кампања ќе ја води рамо да рамо со други десно-популистички и националистички партии и струи во Европа. Понуди за соработка дадоа речиси сите важни сили од десницата од австриската ФПО до италијанската Лега Норд. Орбан најави дека во случај на исклучување на Фидес ќе работи на партиска коалиција која е против миграција и доселеници и дека има добри лични релации со политичари како Герт Вилдерс, Стив Бенон или Матео Салвини.
Премиерот на Унгарија сепак може да забележи мал успех против Брисел на самиот почеток на кампањата за европските избори, со тоа што владите и најголемите партии од Вишеградската група – во која покрај Унгарија се и Полска, Чешка и Словачка најавија дека нема да ја поддржат постапката според членот 7 против Унгарија. Слични одлуки би можеле да паднат и во Романија, Бугарија и Хрватска. Барем еден значителен дел од владиниот блок на овие земји во ЕП гласаа против извештајот на Саргентини. Полска веќе се соочува со постапка според истиот член, а во останатите земји, како на пример, Романија, со право се плашат дека може да ги снајде истото. На Орбан му е јасно дека постапката според членот 7 против Унгарија речиси и да нема шанси, бидејќи за да се наметнат санкции и да се одземе правото на глас мора да се постигне консензус во Советот на Европа, што досега не се случило. Сепак би било голем успех за Орбан, ако постапката пропадне уште во оваа фаза, за што не можеле да се обезбедат четири – петини мнозинство во Советот на Европа за да се отпочне со истото. За тоа да се случи потребно е минимум 6 земји да гласаат против. Нејасно е колкави се изгледите за тоа, но ако тоа се случи, Орбан на долг рок се одбранил од постојаните напори на ЕУ од 2010 наваму, Унгарија да ја вратат на патот на правната држава. Тоа би бил засега неговиот најголем успех во борбата против Брисел.