АТАНАС ВАНГЕЛОВ
Влезот во политиката е, според зборовите на Вебер, веќе некој потоаен, кобен „пакт со ѓавалот“ за кој малкумина се свесни. Зошто? Тој занает тешко може да се замисли без употреба на „насилство и власт“. Вистина, власта е сила (не насилство!), ама цртата која дели сила од насилство е мошне тенка и невидлива. Кога, од друга страна, насилството и власта стануваат „средство“ во рацете на тој што се занимава со политика, „веќе не е точно дека доброто раѓа добро, а злото – зло; често се случува спротивното“.
Деновиве се занимавам со една дебела книга (614 стр.) на перуанскиот писател Марио Варгас Љоса, добитник на Нобеловата награда за 2010. Се работи за неговата романизирана автобиографија („Риба во вода“, 1993.) која, според стручната критика, помага не само многу подобро да се разбере неговата проза, туку спаѓа и меѓу неговите најзначајни уметнички остварувања.
Еден вид мото и мотив за раскажувањето на Марио Варгас е подолг цитат од знаменитиот социолог Макс Вебер на кој редовно се враќам кога повторно ја земам таа книга в раце. Цитатот зборува за неизбежно проклетство што ги следи сите оние што се решиле не само да влезат, туку и да му го посветат својот живот на политиката. Влезот во политиката е, според зборовите на Вебер, веќе некој потоаен, кобен „пакт со ѓавалот“ за кој малкумина се свесни. Зошто? Тој занает тешко може да се замисли без употреба на „насилство и власт“. Вистина, власта е сила (не насилство!), ама цртата која дели сила од насилство е мошне тенка и невидлива. Кога, од друга страна, насилството и власта стануваат „средство“ во рацете на тој што се занимава со политика, „веќе не е точно дека доброто раѓа добро, а злото – зло; често се случува спротивното“.
Романизираната автобиографија на перуанскиот нобеловец има, како и во добрата, класична литература, два наративни тека кои се менуваат напоредно. Првиот наративен тек е реконструкција на неговиот живот од најрано детство па до неговата кандидатура за претседател на Перу (1990). Вториот ја следи, така да се каже, од ден во ден неговата актива во политичкиот живот на Перу која му носи голем јавен престиж. Во еден момент, кој го изненадува и Љоса, тој престиж станува дури искушение за него.
Убеден либерален демократ, отровен критичар на тогашната перуанска власт која прибегнува кон серија „етатистички“ мерки за да дојде до пари кои ги нема, а мора да дојде за да се одржи на власт, тој стекнува авторитет на човек кој не само што знае што треба да прави високата политика во Перу, туку и на човек кој може да го прави тоа ако му се даде доверба. А пак тоа не значи друго освен да посегна по „средството“ власт кое, според зборовите на Вебер, ги менува родителите на доброто и злото
На мегдан е дилемета пред која стои еден писател по вокација и повремен гостин во политиката: да се повлече од светот на активната политика уверен дека сторил (добро!) сè што бил должен да стори, а имено: како беспоштеден критичар на (до коска!) корумпирана власт, тој ѝ „отворил очи“ на јавност. Сега им се враќа на своите книги. Или, напротив, да ги претвори своите зборови во дела, односно да прифати кандидатура за претседател на Перу, да стане прв човек на таа земја и да се обиде да ја извлече од калта.
Во првиот случај тој би испаднал моралист затоа што, било заради некоја удобност, било поради немањето смисла за ризик, било поради сомнение (макар и најмало во својата критика!) тој не е во состојба да го стори тоа што јавно го збороува. Или, да ги претвори своите зборови во дела. А моралист е оној што избегнува да го прави тоа што го очекува од други и, згора на тоа, постојано ги потсетува и подучува што и како да прават.
Во вториот случај, при сè што знае дека, веќе, самиот влез во активната политика е некој вид „пакт со ѓаволот“, тој би можел да се повика на логиката дека негова должност е да не се оглуши на консензуалната доверба на сите оние кои полагаат надежи во него. Дека, во дадени околности, таа должност е посилна од должноста да ѝ биде верен на литературата (во првиот случај тој се жртвува за други; во вториот други жртвува за својата уметничка вокација) И, секако, како чесен и честит човек тој, како прв човек на перуанската пoлитика, не може да избира меѓу добро и зло. Избира само „од две зла помалото“. Во неговиот случај помало зло е – да жртвува литература за спас на земја.
Не само кога се колеба дали да го послуша силниот глас на јавноста, туку и потоа, кога решава еднаш засекогаш да го напушти живиот песок на активната политика (по поразот на претседателските избори во вториот круг тој утредента го напушта Перу и заминува за Европа), кога исцело ѝ се враќа на литературата, тој верува дека може да се практикува тој занает со доволно „достоинство“. Има и жив пример за тоа во еден од неговите блиски пријатели.
На едно место во својата автобиографија Варгас-Љоса дава кус, кроки-портрет на Франциско Балаунде Тери кој веќе бил премиер на влада. Тој спаѓал во редот на оние ретки политичари „што ѝ давале достоинство на политиката“. Често доаѓал, по налог на својата совест, во судир со својата партија. Одбивал секаков вид привилегии, толку обични во светот на политиката. А пак кога Апра, десничарска партија на власт, донесла одлука според која парламентарец или сенатор не смеел да одбива привилегии, тој им ги делел своите чекови било на портири, било на парламентарни службеници. Така тој Балаунде Тери станал некој вид „кротко јагне“ сред „глутница волци“.
Тој жив пример на две нозе веројатно и пресудил Марио Варгас Љоса да ја реши својата дилема во корист на активната политика во деведесеттите. Ама, еден краток коментар во кроки-портретот на Балаунде Тери дава добра основа да се мисли дека – згрешил. Згрешил, затоа што Варгас отворено го нарекува, тој вид честитост како – „манијакална честитост“. Или, кажано со сликовитиот стил на неговата „Риба во вода“, едно „кротко јагне“ сред „глутница волци“, каков што бил светот на политиката, не може ама баш ништо да стори да се врши тој занает со – „достоинство“. Следува неизбежното прашање: треба ли човек да крене раце од политиката со која си вади очи било активно, било пасивно? Ќе се обидам да одговорам на тоа. Барем за оние што упорно ме читаат.