АТАНАС ЛИТОВСКИ
Мнозинството од овој град, умира од „љубов“ за камењата, тулите, дрвата, бетонот… со кои е опкружено и полека умира од сеприсутната превртливост, алчност, завидливост и малограѓанштина. Ама, тие жални малограѓани ниту се свесни за тоа, ниту сакаат таквата бавна и бесмислена смрт пред смртта, да ја спречат
Во врска со лажната „љубов“ на малограѓаните за нивниот Град, треба да се појасни дека се работи за нивно неразбирање и несакање да се сфати оти, тие не биле и не се во ситуација да го одберат Градот кој го љубат. Имено, никој од луѓето навистина не го бира своето време и место на раѓање, ниту своето семејство, дури ниту своето име. Како што случајно се родил во некој регион и држава, така случајно припаѓа на некој народ и нација. Сè тоа му е наметнато. Затоа е чудно што таквата „принуда“, некои луѓе ја претвораат во ултимативна љубов. И уште почудно е со каква неподнослива леснотија малограѓаните ги присвојуваат како „најсвои“ куќата, улицата, градот, областа, народот, нацијата, државата, па не дозволуваат некој друг, барем теоретски, да може нив да ги сака, повеќе од нив.
Така, мнозинството од овој град, умира од „љубов“ за камењата, тулите, дрвата, бетонот… со кои е опкружено и полека умира од сеприсутната превртливост, алчност, завидливост и малограѓанштина. Ама, тие жални малограѓани ниту се свесни за тоа, ниту сакаат таквата бавна и бесмислена смрт пред смртта, да ја спречат. Се претвораат во живи малограѓански мртовци, кои не сакаат да им се наруши безличното и бесмислено секојдневие, да им се поремети комодитетот кој го изградиле околу себе. Не сакаат да се помрднат и да се борат, дури ниту против нивните господари во ликот на локалниот тајкун или политички моќник кој ги третира како добиток. Лицемерно, нашите малограѓани, „мируваат“ за да не ги загрозат своите мали привилегии кои власта им ги овозможила, или да не ја изгубат мизерната добивка кој газдата им ја дава како надомест за нивниот труд. Полтронски молчат, се дават во ѓубре, во простотија, во неморал, во аздисаност со разврат, во мито и корупција…
Заради фабрички вградените малограѓанштина и медиокритетство, во овој наш грозен град сè се случува во затворените соби со мирис на кислојна, полутемните партиски штабови, или зачадените кафеани, во четири очи меѓу локалните „бизнисмени“ и партиските шефови и шефчиња. Огромен дел од оваа наша провинцијална економска и политичка „елитна“ толпа е составена од циници и глупаци без морал, способности и фантазија. Тие се трујат сами себе и го трујат животот околу себе со секојдневен агресивен дефетизам дека нема ни вистина ни убавина, ни правда ни љубов, ни добрина ни човечност… И дека никогаш ги немало и никогаш нема да ги има. Дека ако некој сака да живее и проживее човечки достоинствено треба да го напушти Градот. Неповратно да се отсели, оти „не не бива“, нели?! Болни се овие медиокритети во својата злоба, па затоа сакаат сите кои се поубави, поспособни, подобри, почовечни, подарежливи, поинтелигентни, да ги протераат, а да останат само тие и нивните грди слуги, и спокојно да продолжат со своите измами, кражби и со својот разврат. Всушност, во тој провинцијален свет од возбудатата предизвикана од сопствените жабји перспективи врз успешноста или неуспешноста, овие наши интелектуално-политички евнуси не успеваат да ѕирнат во просторот каде се сфаќа дека политичката кадарност се мери со инвестирањето во човечките ресурси, а не во стадиони на кои или нема фудбалери, или оние што постојат се потпросечни, нуту пак во улици и згради по кои се движат сè помалку луѓе…
Ама сепак, ама сепак…
Овој наш Град, може да биде претворен од грозна во убава „приказна“. Овој Град и покрај сите аморални слабости, културни празнини и комунално и урбанистички недоречености, дава толку грандиозно голем, разнолик, инспиративен материјал за мисла и практична работа, што се потребни сè нови и нови, безбројно многу нови, научници, уметници, писатели, мислители, опишувачи, вљубеници…, кои ќе го градат зданието од зборови, слики, фотографии и разни градежни материјали за Градот да биде убав град, да биде како таков препознаен меѓу луѓето од сите светски мердијани и вечно да биде запомнет како Град. Но затоа ни треба борба со „системот“ кој го градат нашите мали парохијални буржуи и неписмени политичари, а кој систем медиокритетството, непотизмот и малограѓанштина ги негува како свои „новороденчиња“, како свои најмили и најнезаменливи дечиња, систем кој се темели токму врз нивното постоење, систем кој заради тоа што ја фаворизира неограничената алчност во трката за поголем профит ќе ја уништи и планетата земја и животот на неа.