Кон изложбата „Ана Франк – историја за денес“ поставена во Ресен
Во Домот на културата „Драги Тозија“ во Ресен, е отворена патувачката изложба „Ана Франк – историја за денес“. Оваа изложба, која веќе била поставена во повеќе градови во земјава, низ 30-тина големи изложбени панели донесува приказ на животот на едно од најпознатите ликови од Втората светска војна, Ана Франк.
„За нас, како културна институција од особена важност е што можеме преку изложените паноа да понудиме една историја, која мора да биде осознаена од секоја следна генерација на млади луѓе, со единствена цел, никогаш повеќе да не се случуваат немили настани како оние од периодот на Втората светска војна, особено не на младата популација. Токму затоа, со понудата Домот на култура Драги Тозија да биде партнер во една ваква изложба, ја искажуваме нашата потреба постојано да пласираме нешто ново, од сите области на уметноста. Нашата улога како културна установа е да ги едуцираме жителите на преспанскиот регион, да ја надоградуваме нивната желба за уметност, нудејќи различни содржини од сите сфери во културата“, рече директорот на Домот на културата „Драги Тозија“, Васко Василевски.
Изложбата ја организира Младинскиот образовен форум заедно со Општина Ресен.
„Се надевам дека и оваа изложба ќе биде посетена во голем број од нашите сограѓани, кои ќе бидат дел од над 5-те милиони луѓе ширум светот кои ги виделе нештата прикажани преку овие панели – детството на Ана Франк,нацизмот, прогонот на Евреите, па дури и одредени реакции на луѓето“, истакна градоначалникот Живко Гошаревски. Изложбата за посетителите ќе биде отворена до 21 мај 2018 година, а влезот е слободен.
Ана Франк, која е симбол на жтвите од нацизмот, ќивела во илегала и зависела од „помошниците”, четворица лојални работници кај Ото Франк, кои ги ризикувале сопствените животи за да однесат храна, облека, книги и вести. Во текот на денот морале да одржуваат апсолутна тишина за да не го поттикнат сомнежот на работниците под нив. „Тивки сме како малечки глувчиња”, напишала Ана во октомври 1942 година. „Кој, пред три месеца, можеше да знае дека живата Ана ќе мора да седи мирна со часови и што е уште поважно, дека ќе може?” Дневникот на еврејското девојче што се криело во текот на Втората светска војна стана споменик за шестте милиони убиени. Таа била тинејџерка чие одбивање да биде скршена од стравот или очајот во лицето на најтемниот прогон е триумф на човештвото, белег на вистински херојска душа. Таа станала, и покрај младоста, голем писател, набљудувач и забележувач на ужасните настани од тој мрачен период и на борбата на нејзиното семејство за опстанок.
На 6 јули 1942 година, Ана Франк, со родителите Ото и Идит и најстарата сестра Марго го напуштиле домот на Мерведплеин во Амстердам. Носејќи слоеви облека и без куфери за да избегнат сомнеж, стигнале до канцеларијата на Ото Франк на Принсенграхт. На врвот од скалите имало врата, подоцна сокриена зад лажен плакар за книги. Таа водела до, како што го нарекла Ана, „Тајниот анекс” – четири соби каде семејството Франк, со семејството Ван Пел и забарот Фриц Фајфер се криеле следните две години.
Франк биле германски Евреи коишто емигрирале во Холандија една деценија претходно, по доаѓањето на Хитлер на власт. Жива и радосна девојка, Ана добила црвена тетратка обвиена со ткаенина на 13-иот роденден. Адресирајќи го првиот запис како „За Кити”, таа се надевала дека „ќе можам целосно да ти се доверам, како што не сум можела никогаш до сега и се надевам дека ќе ми бидеш голема утеха и ќе ме поддржуваш”. Германската окупација на Холандија траела веќе две години кога Ана го почнала дневникот. До 1942 година Евреите имале полициски час и морале да носат жолти ѕвезди на облеката. Им било забрането да се возат со трамвај, да возат велосипеди или да фотографираат. На 5 јули 1942 година, 16-годишната Марго добила документи со наредба да се јави за транспорт до работен камп. Во 7:30 следното утро, семејството го напуштило домот. Жителите на Анексот биле подготвени за долг престој. Родителите на Ана правеле тајни посети на скривалиштето со месеци. Но ништо не можело да ги подготви за угнетувачката реалност на криењето од останатиот свет.
Ана одбила да се откаже од надежта „Навистина е чудо што не отфрлив ниту еден од моите идеали, бидејќи ми делуваат толку апсурдни и невозможни за исполнување”, напишала на 15 јули 1944 година. Сепак ги задржав, бидејќи и покрај се, верувам дека луѓето се во суштина добри по душа”.
Ото Франк е единствениот преживеан од жителите на Анексот. Кога се вратил во Амстердам по крајот на војната, Мип Гис, еден од лојалните помошници, му го дал дневникот што го нашол фрлен на подот на Анексот. Додека се криела Ана се убедила дека сака да стане писател. Ана не била Ана, била талентиран писател, смешна, итра и со по малку луто око. Но нејзиниот дневник е исто така дело на нормален тинејџер – бистро, темпераментно, променливо и нетрпеливо. Таа се борела помеѓу „добрата Ана” што сакала да биде и „лошата Ана” за којашто мислела дека е посилна. Таа била прониклива, неотповикливо искрена и, се повеќе, мудра. Ги слушам се поблиску грмотевиците што ќе не уништат и нас, го чувствувам страдањето на милиони, а сепак, ако погледам кон небото, мислам дека се ќе се среди, дека ќе заврши и оваа суровост и дека мирот повторно ќе завладее”.
Три недели подоцна, по овој испишан текст германската полиција направила рација на Тајниот анекс. Се уште не се знае кој ги предал. Жителите на Анексот биле пратени во Вестерборк, а потоа во Аушвиц. Во октомври, Ана и Марго биле пратени во Берген-Белзен. Починале од тифус со разлика од неколку дена во март 1945 година, само неколку недели пред Британците да го ослободат кампот. Напишани спомени среде хаосот на војната Ана Франк не била единственото дете што пишувало дневник за време на холокаустот. Најверојатно ги имало многу повеќе. Надареното дете од Чешка, Петер Гинц, имал духовит дневник пишуван во Прага: „Кога одам на училиште, напишал тој, изброив девет шерифи” – мислејќи на Евреите што морале да носат жолти ѕвезди. Тој бил погубен во Аушвиц во 1944 година. Овие надарени писатели на дневници не биле единствените што го претвориле пеколот во книжевност: „Ноќ“ на Елие Визел (1928) и „Ако ова е човек“ на Примо Леви (1919-87) се две ремек-дела од темното доба на Европа. Во 2004 година ново издадено дело беше означено како “Војна и мир” на 20-от век. Напишано, како дневникот на Ана Франк, среде хаосот на војната, „Суите франзаисе“ – постхумно ремек-дело на еврејската писателка Ирена Немировски – е скапоцен камен што не бил допрен преку 50 години. Ирена Немировски е родена во Киев во 1903 година во богато и привилегирано семејство. Нејзиниот сакан татко, еден од најбогатите банкари во Санкт Петербург, ја запоставил во корист на работата и казиното, додека мајка и ја мразела, обвинувајќи ја за тоа што ја загубила својата младост. Кога избила револуцијата во 1917 година, семејството избегало во Франција, каде бргу си го повратиле богатството. Ирена, дружељубива девојка со 26 години – станала книжевна сензација со објавувањето на првата книга „Даниел Голдер“. Богата, успешна, среќно венчана со успешен банкар и мајка на две прекрасни ќерки, животот на Ирена делувал идиличен на секој можен начин. Но, кога Германците ја окупирале Франција во 1940 година, преобратувањето на Ирена и ќерките во католичката вероисповед пред војната не било валидно. Нацистите ги класификувале како Евреи и како странци; сопругот, Мишел Епстин, добил забрана за работа, додека нејзиниот приход се свел на нула. Кога Германците влегле во Париз, Ирена и Мишел го напуштиле градот за да им се придружат на ќерките во изолираното село Иси-Левек. Далеку од блескавиот живот во Париз, Ирена со часови шетала секој ден за да најде парче дрво или поле каде што ќе може да работи. „Многу имам напишано”, му напишала Ирена зајадливо на издавачот на 11 јули 1942 година. Претпоставувам дека ќе бидат постхумни дела, но побргу ми минува времето”. Два дена подоцна ја уапсиле, а еден месец подоцна починала во Аушвиц. Педесет години ќе поминат пред ќерката на Ирена, Денис Епстин, да може да ја прочита тетратката на мајка и којашто ја носела со себе уште кога избегала од малото село. Нејзиното недовршено ремек-дело е оставнина на извонредна хероина, жена којашто, и покрај прогонот, ги разбрала злосторствата што луѓето, поттикнати од страв, апатија или слабост, можеле да ги сторат против други луѓе.