НИКИЦА КОРУБИН
Несватен документ, врв на можното, во дадените околности, во историскиот контекст, заокружување на нашата историја на 20-от век, но не како наша импресија, туку како брутална реалност, што секако постои и постоела, со или без нашата свест за неа. Договорот од Преспа, воопшто не е наша дефиниција во историјата, туку наша дефиниција како држава во реалноста. Само преку него, односно преку договор со светот, ние можеме да егзистираме како партнери со сите, а не како жртви само со себе.
Политиката можеби во еден дел е перверзна, клиентелистичка и хедоностичка; но тоа не значи дека е ослободена од вистината. Особено вистината за нашата темелна определба: евро-атлантската интеграција. Што таа значеше низ годините и што остана од неа. Ако, некој мисли или мислеше дека таа може да биде предмет на „слава“ тогаш не ја разбира вистината како таква. Таа е за сите, а не само за некого, сигурно не за оној кој мислеше дека ја извојува како своја (лична) победа.
Сите или речиси сите политички чинители во овие 30-на години биле главно европски ориентирани. Тоа што повеќето не се осмелиле да го направат последниот и најважен чекор, промена на името, односно уставот на државата, инаку обврска јасно превземена во Времената спогодба со Грција, пред Обединетите нации; не значи дека не учествувале сите овие години во процесот, заклучно со 2018/2019 година. Времената спогодба е темелен документ за нашето членство во Обединтетите нации од 1995 година. А, без Обединетите нации, ние практично немаме држава во однос на светот. Во неа јасно се превземени обврските од наша страна, како држава, за преговарање и постигнување финален договор, по речиси истите точки кои всушност беа уставните амандмани. Тоа требало да се случи во релативно краток период од 7 години. Вистинското прашање, кое се наметнува од оваа перспектива е, како би изгледала Македонија или официјално Северна Македонија, тоа да се случило во предвидениот рок? Многу поинаква држава. Од онаа, односно оваа, која на сметка на избегнувањето на превземената обврска, стана разградено општество, по сите основи.
Но, сите политички чинители од различна провиниенција учествуваа во сите фази, заклучно со последната, промената на уставот. Иако, „учеството” во последната фаза, кај некои исклучително битни чинители беше крајно невообичаено, речиси „неучество”, сепак го направија процесот изводлив, затоа што многу добро знаеја дека тоа е единствениот пат. Пат кои тие не сакаа да го одат. Но, не сакаа ниту да го попречат. Временската дистанца, тоа еден ден ќе го нарече „единствено можна конструктивнос“ на своето време, без разлика колку тоа ирационално изгледа сега. Но, ако тргнеме од можностите, а не од желбите, процесот помина коректно. А, тоа нели беше и целта. Психолошките и менталните последици секако се повеќегодишна вина, помалку или повеќе хранети од двете „идеолошки страни“. Ништо драстично не се промени во последниот миг. Секако сентиментот, ниту се гради, а ниту се соголува преку ноќ.
Членството во НАТО и ЕУ, беа и остануваат две стратешки цели за државата, кои се градени умешно или не низ годините, но, финишираа со Договорот од Преспа, со кој беше надмината и последната пречка од ОН – спорот за името. Тој беше заокружување на целината, на патот, на тежнеењето и неопходноста од нормалност, за општеството, за граѓаните. Несватен документ, врв на можното, во дадените околности, во историскиот контекст, заокружување на нашата историја на 20-от век, но не како наша импресија, туку како брутална реалност, што секако постои и постоела, со или без нашата свест за неа. Договорот од Преспа, воопшто не е наша дефиниција во историјата, туку наша дефиниција како држава во реалноста. Само преку него, односно преку договор со светот, ние можеме да егзистираме како партнери со сите, а не како жртви само со себе.
Тој претпоставуваше уставни измени, без кои сите чекори претходно ќе беа беспредметни. А, тие ги донесоа 80 пратеници, индивидуалци, од различна политичка, етничка, културолошка провиниенција. Како највисока власт во државата, како директни претставници на граѓаните. Значи ги донесоа граѓаните. Одлуките, а посебно тешките одлуки, се обврска на највисоката власт. Таа, која мора да гледа и многу години напред, за тоа што е неопходно, за опстанок на општеството и функционирање на државата. Уште, суштински да беше највисока власт. На сличен начин, како што спорот за името со години, бескрупулозно бил користен, како параван, црвена линија која наводно не можела да се помине; за во меѓувреме да се направи ужасното и брутално искористување и уништување на целиот вредносен и општествен систем; на сличен начин законодавната власт била потиснувана од страна на ,,заробената држава,, од страна на одметнатата партократија. Таа, истата, која и сега сакаше да ги зграби ,,заслугите,, за себе, за неколкумина, чиниш станува збор за уште еден успешно замислен и завршен проект, во супститутот на државата, партијата. Тоа, флагрантно неразбирање, дека станува збор за животот на сите граѓани сега, но и неколку генерации кои беа држени ,,заробени,, поради отсуството на доблест за решавање на тешките прашања, е сликата за свеста кај нас. Приземна, хедонистичка, сиромашна. Ниту разбраа што решивме, ниту разбраа дека од ова слава нема. Или ако веќе има, таа е за сите, а не само за некого.
Добро е да се каже дека сите албански партии дадоа речиси бланко поддршка, без исклучок, поставувајќи се исклучително коректно и зрело кон ова крајно деликатно прашање за Македонците во целина. Албанските граѓани, и албанските политички чинители, покажаа зрелост, која често недостасува кај нас. Се покажаа како партнери, а не ретко и чувари на процесот. Колку побрзо разбереме, дека тие се нашите постојани сојузници, во „балканскиот“ контекст, толку подобро за сите.
Во име на минимум единство што треба да го изградиме во ова општество, добро е да не го уништуваме и она малку што не обединува и никогаш да не ги заборавиме индивидуалните и колективни заслуги. И барем да се обидеме да бидеме цивилизирани едни кон други за прашања за кои знаеме дека имаме заеднички став, ама стравот од бесмислената партизација, не спречува да го признаеме. Ова не е прашање за триумфализам, ова не е прашање за „победникот“ ова е прашање, кое го делиш со сите. Затоа што е за сите.
Затоа кога следен пат некој ќе се повика на „функционална” држава, добро нека се запраша дали тоа го прави од позиција на „сопственик” или од позиција на служител на истата таа држава? Сите ние, како граѓани, припаѓаме на истата држава. Државата која граѓаните многу подобро ја разбраа, каква треба да биде, од сите политички чинители заедно.