Иако на овој фестивал македонската екипа влезе со поголеми надежи, сепак мораше да се задоволи со две спорени трофеи. Но, филмот допрва тргнува на турнејата за освојување на гледачите во светот
Филмот „Синоними“ на израелскиот режисер Надав Лапид ја доби „Златната мечка“ за најдобар филм на 69. меѓународен филмски фестивал во Берлин.
Со „Сребрена мечка“ во категоријата за најдобра режија е наградена германската глумица и режисерка Ангела Шанелец за филмот „I was at home, but“.
„Сребрена мечка“ за најдобар глумец доби кинескит актер Ванг Јунгчун за улогата во филмот „So long, my son“, а во категоријата најдобра глумица „Сребрената мечка“ и припадна на кинеската глумица Јонг Меи за улогата во истиот филм.
Наградата Гран при од жирито му е доделена на филмот „Милост Божја“ на францускиот режисер Франсоа Озон.
На денешната церемонија за доделување награди од независни жири комисии во рамки на Берлинскиот меѓународен филмски фестивал, беше соопштено дека престижната награда од жири комисијата “Ecumenical” ја добива нашиот „Господ постои, името ѝ е Петрунија“ на Теона Стругар Митевска.
Нашиот филм дополнително се закити и со уште една фантастична награда специфична за берлинскиот фестивал; наградата “Guild Film Prize”.
„Презадоволни сме од досега постигнатиот успех со овие две престижни награди, а задоволството е уште поголемо кога ја гледаме публиката како реагира на приказната за Петрунија во текот на овие фестивалски денови. Независно од исходот на главното доделување на Златната мечка, овие две награди, како и овациите, аплаузите и одличните рецензии од врвните филмски критичари, за нас се најголемото признание и сведоштво дека навистина успеавме да направиме филм кој испраќа силна порака“, изјави режисерката Теона Стругар Митевска.
Инаку, “Ecumenical Award” е независна филмска награда која се доделува на филмови на големи меѓународни филмски фестивали уште од 1973 година, како Кан, Берлин, Локарно, Монтреал и Карлови Вари, а целта на наградата е да се оддаде почит на уметничките дела што сведочат за моќта на филмот во откривањето на мистериозните длабочини на човекот.
Наградата “Guild Film Prize”, пак, ја доделува тричлена жири комисија, чии членови се управители на арт кина, а се исто така членови на Асоцијацијата на германската уметничка кинематографија “AG Kino – Gilde e.V.”. Оваа Асоцијација денес брои повеќе од 300 независни филмски арт кино сали ширум Германија. Истата е поддржана од повеќе од 40 дистрибутери, здруженија и компании, а Асоцијацијата е дел и од европската кино мрежа “CICAE”. Жири комисијата на “Guild Film Prize” наградата ја доделува исто така на филмови од главната компетиција на Берлинале и е огромна препорака за гледачите и дистрибутерите, што ќе помогне за уште подобра дистрибуција на филмот кој наиде на неверојатен прием кај фестивалската публика.
Инаку гала церемонијата за доделување на главните награди на 69-тото издание на Берлинале се одржува вечерва со почеток од 19 часот, на што претходи церемонијата на црвениот тепих, а пак околу 20.30 часот се одржува и последната прес-конференција на која ќе се соопштат добитниците на „мечките“ во повеќе категории.
Добар успех од делата направени во регионот постина „Шевови“ на Мирослав Терзиќ, кој имаше иста сценаристка Алма Татарагиќ со нашиот „Петрунија“.
Критичарот на НИН Драфан Јовиќевиќ истакна после затворањто на фестивалот дека оваа година сигурно била едно од најслабите изданија на Берлинскиот филмски фестивал. „Многу е веројатно дека ќе треба време за анализирање и зошто, но факт е дека програмите и опсегот на филмовите беа индивидуално на многу пониско ниво од очекуваното. Во Берлин, широко се слуша дека ова веројатно е последица на предавањето на мандатот на уметничкиот директор на друг. На директорот Костлик Дитер, кому оваа година му е 69-то издание на Берлинале, се збогуваше со еден од трите најголеми и најважни филмски фестивали во светот“. Критичарот смета дека инсистирањето во главната прогама да влезат главно дела со женски творечки имиња го симнала нивото што вообичаено го имала. Нашиот филм имаше дури и во една тематска смисла конкуренција во делото кое освои Гранд при..