Противниците на Спогодбата меѓу Македонија и Грција можат да се фатат рака под рака и да протестираат во некоја улица на Мелбурн или Отава. Некој се осмели и им го одзеде рингот каде тие ги празнеа батериите на незаборавот. Во името на што?
ЉУБОМИР КОСТОВСКИ
Договорот потпишан на брегот на Преспанското езеро викендов што е зад нас не содржи клаузула со која се закопуваат формално основите за заострените односи меѓу двете земји, оние пред и после ладната војна. Од формален аспект истиот акт ја става вон сила привремената спогодба од 90-тите години, но јасно е дека општата атмосфера која тој акт ја презентираше во домашната и светската јавност, ги потиснува или дури и заклучува старите емотивни рани што датираат од 1949 година.
КРАЈ ЗА ЕДЕН ТРАУМАТИЧЕН НАСТАН Што е поводот кој го споменувам во време кога за реалните напластени, само до некаде заборавени мотиви за меѓусебна нетрпеливост, на Македонците и Грците никој не зборува?
Говорејќи во неделата (17 јуни) за тоа на што се’ е ставено крај со потписите на двајцата министри за надворешни работи на Грција и Македонија, режисерот Унковски при гостувањето во една скопска тв куќа рече дека со потписите е ставен крај на долгогодишната граѓанска војна во Грција, еден трауматичен настан на Балканот, чии последици ги чувствуваат и бегалците кај нас, но и оние учесници во таа војна, директни или индиректни, кои останале крај своите огништа или оние третите, кои се вратиле од егзилот од земјите на Источна Европа во 60-тите години.
Укажувањето од режисерот, мора да се признае дека на еден чуден начин, навистина, открива од каде е отпорот кон договорот и кај наследниците на монархофашизмот во Атина, но и кај членовите на тамошната комунистичката партија, кои треба да се простат од својот сентимент и идентитет кој е толку непродуктивен еве веќе 70 години, но кои, како партија секако си имаат и свој „путер на главата“ за дел од историските одлуки.
Но, дали е така лесно да се најде врската на оние кои даваат отпор кон овој договор во земјата, кај нас, што го даваат припадниците на т.н. Левица (подобро речено Апасиев со неколку луѓе околу него) и ВМРО ДПМНЕ, која себе се нарекува се уште најмасовна партија, иако не може на теренот тоа лесно да го докажува! Во вордингот на отпорот кон Договорот такви допири можеби и нема во директна форма, но својата енергија, барем на социјалните мрежи ја добива преку каблите на заборавените клетви: како што во некои сцени на комедијата „Мојата мрсна грчка свадба“ една старица сите странци ги нарекува „Турци“ и ги плука, така и отпорот кон „другата страна“ е своевидна ограда градена од тврдиот камен на поимот на архинепријателот.
НЕКАДАРНОСТИ Велиме дека формално тоа не е крај на Граѓанската војна, бидејќи во минатите 69 години тие рани и лузни требаа да се избришат. Грчката влада, по нејзина изјава со Спогодбата сака да си го врати (своето) минатото а според Заев наша цел е да ја обезбедиме нашата иднина. Таа размена на вредности – нивното „вчера“ за нашето „утре“ за просечниот наблудувач секако е врзана за фактот дека во РМ некој се обиде да ни даде нов идентитет со поврзување на нашата посебност со гените на војсководецот Александар Македонски и дека на тој начин им брцна „прст во око“ на Елините кои сакаа се’ што е врзано за античката култура и историја, во регионот, па и епохата на македонизмот од 4 век пред нашата ера, да биде дел од нивната белегзгија и покрај сите историски некадарности. Обостраните глупости и трки за една апстрактна цел за миг (најмалку една деценија) само го покрија и засенија подлабокиот шанец во односите меѓу двете земји кои својот климакс го имаат во текот на Граѓанската војна во Грција. Тој замрзнат конфликт од 1949 година опстојуваше и во периодот кога нашите учителки, ако бевме љубопитни со прашањата „кој бил“ или „чив бил“ славниот војсководец кој стигнал до Индија, едноставно велеа дека „тој не е наш“, се разбира согласно на научните сознанија.
Значи една војна која започна додека светот го славеше Денот на победата над фашизмот кај јужниот сосед продолжи и после 9 мај 1945 година и се одвиваше, како што знаеме, со масовно учество на македонско (или славофонско население според грчките комунисти). После 1949 година тоа стана замрзнат конфликт, кон кого грчката левица имаше одреден пиетет и дозволуваше тој спомен да се чува и кон тогашните актери, но не отиде понатаму, дозволувајќи си спој на формалното левичарење и интернационализам со некофликтност во однос на сите други последици на изгубената војна, па и некакво историско помирување. Кога се избриша идеолошкото од војната не се можеше да се избриша она што остана како меѓунационален конфликт.
Како партија која се бори за гласовите на сите бирачи, а особено во период на отсуство на класични индустриски работници како своја база, грчките комунисти си дозволија по малку „да настинат“ од вирусот на локалниот шовинизам. Тоа го покажаа и деновиве
На југословенска страна во поститовиот период комунистите исто така не останаа имуни на националистичката вариола вера. Во Македонија имавме еден препознатлив „шнит“ кој прерасна во меѓуетнички конфликт во 2001 година како опашка на големиот албанско – српски судир во најновото мешање на картите на Балканот. Зад овој политички феномен, кој кај нас требаше да заврши со Охридскиот договор, се криеше еден феномен, кој не беше виден кога се појави, во средината на 70-тите. Истиот во 2006 година си го доби директниот имплант од власта како ново, античко себепрепознавање на нацијата. За тоа „откритие“ во 70-тите немаше потреба да се докажува како прозорец кон историјата, туку се велеше дека е само некаков покус пат кон себепромоција на оние кои ќе треба во непосредната иднина да се оттргнат од југословенството и кои ќе имаат приде потреба од светска промоција. Иако, тој втор феномен на овој простор заслужува посебно истражување од типот на она „кому прв му текна“, во време на груевизмот, или поточно паралелно со него, антиквизацијата ја доживеа својата втора и целосна инаугурација во сите сфери на општественото живеење. Тоа стана нова фронтовска линија на која оживеа еден стар конфликт и кој стана замена за изгубената Граѓанска војна и чија иритација за соседот имаше експоненцијален раст.
РАЗМЕНА Оттаму, првата страна, во преговорите настојуваше да си ги врати античките реликвии, мечовите и штитовите, фамозните долги копја… назад, сметајќи дека сега со Договорот во тоа успеала. Во тоа и нема сомнение за секој просечен читач на долги текстови.
За втората страна во спорот барањето на она „утре“ значеше битка за влез во две организации – НАТО и ЕУ, членство кое и на иднивидуален и колективен план може, меѓу останатото, на некои од учесниците да им даде дури и хипотетичка позиција да добијат некои правни битки во новото европско семејство на кои претходно не можеле да сметаат ниту во сон!
Весникот „Катимерини“ во коментар во врска со договорт за името, нагласува дека спротивно на оние кои веруваат дека „целта на дипломатија е продолжување на војната со други средства“, во меѓународните договори нема победи и порази. Она што постои е неопходен компромис за да може земјата да престане да живее во минатото и да се движи кон иднината, со многу предизвици и уште повеќе проблеми.
– Триумфалниот тон на двајцата премиери е разбирлив. Покрај очигледните политички придобивки што очекуваат да ги добијат, тие им се обраќаат на значителен дел од нивните популации кои пораснаа со симболи како што се копја и шлемови на македонските фаланги, со црно-бела перцепција на историја предавана на училиште. Овие луѓе ја доживуваат дипломатијата во согласност со воените кампањи раскажани во учебниците во кои (вистинскиот или имагинарен) непријател се согласи безусловно да се предаде – и покрај фактот што безусловното предавање беше прилично редок феномен, коментира весникот.
– Поедноставената историја која сите ја учевме, венчана со неопходни митови за да го заокружиме раскажувањето, е плодно тло на кое цвета националистичкиот популизам. Не е лесно да се искоренат националните митови со кои пораснавме, и поради оваа причина треба да имаме мали очекувања за референдумот во Северна Македонија. Треба да имаме предвид дека најмалку една генерација порасна со смешни теории промовирани од администрацијата на Груевски – т.е. дека Славомакедонците кои пристигнале во областа во 6 век. биле директни потомци на Александар Велики, пишува „Катимерини“ додавајќи дека „овие луѓе веруваат дека откажувањето од историското наследство во полза на Грците ќе биде чин на капитулација и тие се подготвени да постават бесилки на нивните плоштади“.
ГЕНЕРАЦИСКИ РАСТЕЊА Според весникот, постигнувањето привремен договор беше успех за двајцата премиери и тие треба да добијат пофалби за тоа. Сите преостанати прашања, празнини и сиви области во однос на конечниот договор, се нормални, и животот неизбежно ќе донесе уште повеќе. Прашањето е дали двата народи можат да ја видат големата слика зад пречките што вештачки ги преувеличија националисти кариеристи.
– Мудрите набљудувачи на двете страни треба да престанат да потресуваат. Да не фантазираме за победи, порази, триумфи и катастрофи. Договорот е само чекор напред кој долго се чекаше. Има уште многу што треба да се направи и тоа е она на кое мораме да се фокусираме за доброто на народот – она за што наводно се залагааат националистите од двете страни, пред се, заклучува „Катимерини“.
Во аудио визуелниот прилог од Преспа на Дојче веле, Константинос Селцас, според авторот, бил меѓу најсреќните лица на неделната церемонија на потпишувањето на договорот. Тој е етнички Македонец од Лерин, кој е пратеник во грчкиот парламент од редовите на владејачката Сириза на премиерот Алексис Ципрас. За Дојче веле раскажува дека долги години го чекал овој момент.
„Вложивме големи напори за да дојде овој ден. Ова е голем ден за македонскиот и за грчкиот народ“, вели Селцас.
Новинарот бил изненаден со течниот македонски кој го зборувал, но и со отвореното тврдење дека е етнички Македонец. „Да, јас сум Македонец и тоа не го кријам ниту во парламентот“, вели Селцас.
Пратеникот на Сириза е убеден дека договорот ќе помине и во Грција и во Македонија и смета дека тој е добар за обете страни.
„Ова е добар договор за Македонците и мислам дека направивме голема работа“. Тврди дека и Македонците во Грција го поздравуваат овој договор и се многу задоволни со него.
За оние што протестираат против договорот и на грчка и на македонска страна, вели дека не може да им помогне.
„Тие што имаат ‘поинаков ум’, за нив не можеме да направиме повеќе. Ние сме за утре, не за некни“, вели Костас Селцас за Дојче веле.
За него очевидно историјата се остава на полиците, по можност далеку од рацете.